ЕРОЛ ШАКИРИ
Еден од најголемите светски и словенечки алпинисти Нејц Заплотник во неговата книга „Пат“ има напишано: „Кој ја бара целта, ќе остане празен кога ќе ја досегне, кој пак го бара патот, целта секогаш ќе ја носи со себе“. Оваа реченица најдобро ја опишува нашата Илина, таа постојно ја носи целта со себе, во себе
Живееме во време во кое политиката е нашата главна опсесија, која ни го заробила мозокот до тој степен што и добрите вести кои доаѓаат, а се надвор од неа, се примаат со доза на незаинтересираност. Поважно е на пример да дознаеме кој ќе биде новиот министер за внатрешни во техничката влада отколку некој успех што го постигнал некој наш сограѓанин на светско ниво.
Една таква убава вест, односно достигнување, ни го разубави, барем мене лично, почетокот на новата година и некако ми влеа оптимизам дека оваа година ќе ни се случуваат само убави работи. Илина Арсова, спортист алпинист, ликовен уметник, борец за човекови права, енвајорменталист и моја другарка од детството на три дена пред истекот на старата година стана првата Македонка која успеа да се искачи на 7-те највисоки планински врвови на сите континенти. На 28 декември Илина го искачи врвот Вилсон на Антарктикот и со тоа го комплетираше проектот Седумте врвови кој ги вклучува уште и Аконкагва, Денали, Килиманџаро, Пунџак Џаја, Монт Блан и секако Монт Еверест.
Првиот кој тоа го направил е Ричард Бас во 1985 година со таа разлика што мислам место Монт Блан на неговата листа била Елбрус. Илина Арсова воедно е и првата Македонка која го искачи Монт Еверест, во таа 2013 година нејзиното стапало го згазна врвот на светот, успехот нејзин беше успех за сите нас како што беше и минатонеделниот успех.
Не можам ни да замислам какво е чувството после еден таков подвиг, кога се наоѓаш на највисоката точка во светот, кога буквално целиот свет е под тебе, под твојот видик. Според зборовите на Илина дадени во едно интервју чувството не може да се опише, мора да се доживее, а таа е мислам една од 548-те жени во светот, доколку ми се информациите точни. Тој натпревар траел цели 54 дена, не натпревар со планината зашто според Илина „таа е непобедлива“, туку натпревар со самата себе. Комбинација од волја, решителност, физичка и психичка подготвеност се резултат на нејзините успеси. Таа живее, дише, зборува, чувствува со природата, Илина и планината, се едно, таа е дел од планината, планината е дел од неа. Еден од најголемите светски и словенечки алпинисти Нејц Заплотник во неговата книга „Пат“ има напишано: „Кој ја бара целта, ќе остане празен кога ќе ја досегне, кој пак го бара патот, целта секогаш ќе ја носи со себе“. Оваа реченица најдобро ја опишува нашата Илина, таа постојно ја носи целта со себе, во себе.
Со Илина се знаеме од најраните години, бевме во исто одделение осум години, во ОУ „Кочо Рацин“. Илина живееше на стотина метри над училиштето. Често после часовите одевме кај неа дома, не да си играме со некои играчки, туку да се качуваме на старото јаворово чинам дрво беше во нејзиниот двор. Дрвото беше многу високо со оргомна крошна која можеби го зафаќаше половина двор. Илина секогаш поставуваше предизвик, кој побрзо и кој повисоко ќе се качи и секогаш победуваше. Како прво таа беше физички посилна од можеби половина машки во класот, вклучувајќи ме и мене и беше бестрашна, затоа победуваше, затоа победува, затоа и ќе победува.
Помнам еднаш од инает да ја победам се искачив толку високо, што ми требаше 3 часа и тоа со нејзина помош да се симнам, од тој пусти страв. Уште една случка врзана со (не)стравот на Илина е од една школска екскурзија во Охрид, мислам во 4 одделение беше. Не го помнам името на хотелот во кој престојувавме, како и да е, беше висока зграда, мислам на 5 ката. Ние бевме на последниот, одеднаш Илина излезе на балконот од собата и тргна да премине во другата соба преку ѕидот на хотелот. Од самата глетка надолу ви се вртеше во главата, а камоли од глетката кон Илина. Сите испаничено почнавме да викаме “Илина немој“, „Илина симни се“, а таа ладнокрвно си премина на другата страна и со насмевка ни кажа „не е ова ништо“.
Во едно интервју на Илина од 2016 направено од Ванеса Беучер ќе остане запишано следново: „Страв. Фундаментално прашање. Стравот да не контролирате сè, стравот од смртта? Чувството на страв е добра работа во нејзините очи, дури е неопходно и да ве држи приземјено, тоа ве прави повеќе луцидни што ве опкружува во оваа наводно непријателска околина за човекот. Да се ослободиме од стравот може да биде опасно и да ве натера да заборавите дека човечката скала е бесконечно помала од онаа на планините. Достигнување на совршен ментален баланс значи припитомување на оваа амбивалентност помеѓу фасцинацијата и стравот“. Освен со последната реченица, со другото не се согласувам. Враќајќи се назад во времето мислам дека Илина го имаше совладано стравот, таа фундаментална пречка за големи успеси уште во раните години, понекогаш мислам дека таа е родена без страв.
Илина Арсова и како човек, жена и како спортист е хероината на нашето време. Таа совладува препреки што само малкумина во светот ги совладале. Илина е вистински патриот, кој си ја сака земјата со сето срце и душа и преку нејзините успеси ја промовира и нашата земја. Разбирливо дека екипните спортови за нас се повеќе атрактивни, како фудбалот и ракометот на пример, но нејзините достигнувања, пред се дека се индивидуални, за мене претставуваат поголем подвиг од било кој успех на екипен план. Таа е вистински амбасадор на нашата земја во светот.
Не можам, а да не споменам дека по освојувањето на Монт Еверест таа не ја доби наградата за спортист на годината, дали од политички причини тоа не знам и не сакам баш во оваа колумна да навлегувам во тоа. Но сакам да ги повикам институциите на државата да продолжат уште посилно со секаков вид на поддршка за неа, за нејзиниот тим, а може да започнат со државно признание за нејзиниот последен успех.
(Гевгелија нет)