НАТАЛИЈА ЗАДОРОЖЊУК
Ова е дел од ексклузивно обраќање на украинската амбасадорка во земјата на трибина организирана од Цивил медиа на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“.
Не би било претерување ако се каже дека денеска се решава судбината на меѓународниот правен поредок. Или ќе живееме во релативно стабилен свет, со јасни правила на игра за секоја држава без исклучок, во согласност со основните правила на меѓународното право, или постојниот систем ќе биде целосно уништен.
Не би било претерување ако се каже дека денеска се решава судбината на меѓународниот правен поредок. Или ќе живееме во релативно стабилен свет, со јасни правила на игра за секоја држава без исклучок, во согласност со основните правила на меѓународното право, или постојниот систем ќе биде целосно уништен.
И сега прашањето не е толку во украинско-руските односи, прашањето е многу пошироко, се однесува на сите земји, вклучувајќи ја и пријателската Северна Македонија. Или сите сме на страната на силата на правото, или победува авторитарната Русија со своето право на сила.
Што се однесува конкретно до украинско-рускиот конфликт, секогаш е тешко со соседите, но цивилизираните земји ги решаваат споровите меѓу себе на цивилизиран начин. Не можам да замислам некој сосед на Македонија во 21 век да дојде кај вас и да ви украде дел од територијата, при тоа убивајќи околу 15.000 луѓе. И тоа е само затоа што вашата земја сака сама да си ја избере сопствената иднина, својот пат на развој.
Главните причини за оваа не само хибридна, туку и вистинска војна се стремењето на Русија да ја обнови империјата, да го зачува нејзиниот авторитарен режим, со помош на Украина, Белорусија, Молдавија и Грузија да се оддели од Западниот свет. Русија сака да ги гледа нашите земји, а особено Украина, како контролирана пречка за ширење во Русија на западните вредности, слобода и демократија, кои му се закануваат на авторитарниот режим на Путин. Силната, просперитетната, демократската Украина е сериозна закана за Путиновиот режим.
Покрај тоа, Русија настојува на сметка на Украина да ја подобри својата демографска рамнотежа (словенското население изумира и емигрира, бројот на други народи значително расте), како и да си ги припише себе си економскиот и научно-техничкиот потенцијал на Украина.
Ние, иако со големи тешкотии и загуби на човечки животи, излеговме од тој тоталитарен систем. За жал, подоцна од балтичките земји, Полска, тоа го в сторија Словачка, Чешка и Унгарија.
На нашиот пат има сериозни потешкотии, мораме паралелно да се развиваме, да спроведуваме реформи и да војуваме во исто време. Многу е тешко. Но, ние сме подготвени. За нас слободата не е празен звук. Тоа го докажувавме во текот на целата наша историја. Бевме угнетувани од Руската империја, уништувани со глад од сталинистичкиот систем (знаете дека поради вештачкиот глад во Украина во 1932-33 година на најплодните почви на светот загинаа околу 10 милиони невини луѓе).
Еднаш им кажав на моите пријатели амбасадори на Полска, Унгарија и Чешка дека треба да бидат среќни што Украина се наоѓа меѓу нив и Русија. Ако треба, ние сите ќе се обединиме, и оние кои се за претседателот Зеленски и оние кои се за претседателот Порошенко, и оние кои зборуваат на украински и оние кои зборуваат на руски. Сега сме многу посилни отколку што бевме во 2014 година.
Имаме една од најмоќните армии во светот. Имаме силна поддршка од земјите од западната цивилизација, кои ја разбраа суштината на рускиот режим и руската политика. Денес Русите доаѓаат по Украина, а утре по Полска, Романија, балтичките земји, земјите од балканскиот регион.
Заедно со нашите сојузници формулиравме три насоки за одвраќање на Русија – дипломатско-политичка, економско-санкциона и воено-техничка. Политичката е солидарност со Украина, економската е зајакнувањето на политиката на санкции што ја прави Русија многу послаба, а третата е воената помош, обезбедувањето на одбранбено оружје.
Во оваа насока, исто така, очекуваме јасна и недвосмислена политичка поддршка од пријателската Северна Македонија. Очекуваме приклучување кон санкциите на Европската Унија (не може да се седи на две столчиња, има моменти во животот кога треба сам да одлучиш, пред се на која страна од барикадата си. Украинците имаат многу убедливо негативно искуство со неутралноста). Ако одиме во ЕУ и НАТО, ако сме дел од европските вредности, тогаш тоа го демонстрираме не само со зборови, туку и со нашите постапки и дела.
И уште еден момент на кој би сакала да се задржам. Кремљ и неговите поддржувачи во други земји (некои од нив платени, некои од нив ослепени од руската пропаганда) користат хибридно оружје – информациски, сајбер напади, лажна руска пропаганда. Ова е главно насочено, се разбира, кон Украина. Но, Кремљ го користи насекаде. И Северна Македонија не е исклучок. Неколку примери, пред Амбасадата беше организиран пикет, иако многу луѓе не можеа да се соберат, дојдоа 10-тина луѓе со некои неразбирливи пароли, се извикуваа некои имиња. На луѓето на лист им беше напишано што да кажат, а тие не можеа ни да го изговорат правилно. Јас после тоа со отворено писмо го поканив организаторот на оваа таканаречена акција да дојде во Амбасадата и отворено да ги искаже неговите ставови. Сè уште чекам…
Или, на пример, сега има толку многу експерти во македонскиот информативен простор, толку многу аналитичари за украинско-руските односи кои не ги проверуваат фактите, само земаат од извори на руски јазик, искажувајќи пораки на руска пропаганда. Русија е „бела и мека“, а Западот, Украина се виновни за се, ја навредија кутрата, беспомошна Русија. Сè е превртено наопаку. Како конкретен пример од излагањето, исто така јасно е од каде се појави хистерија во информативниот простор – нема да дозволиме Македонците да ги штитат Украинците. Но, ние не ни баравме такво нешто. Никогаш до ниту една земја не сме се обратиле со молба да ни дадат војници. Повторувам, имаме моќна армија, пред се, се потпираме на себе. Од нашите партнери очекуваме политичка, економска и воено-техничка поддршка.