Прва виртуелна претстава во Македонија и прва претстава на „Вондерленд Театар“ (Wonderland Theatre) која беша објавена на Јутјуб и премиерно изведена. Станува збор за за претставата „Илузии“, според мотиви од истоимената драма на еден од најпознатите современи руски автори Иван Вирипаев
ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Во потрага по нови форми на театарската уметност, во време кога пандемијата на коронавирусот ги прекина сите креативни процеси и ги затвори сите културни институции ширум светот, мал тим на театарски професионалци од скопскиот независен театар „Вондерленд“ (Wonderland Theatre) одлучи да влезе во виртуелен простор. Тоа е несекојдневен проект, потполно ново доживување и искуство. Режисерката Нела Витошевиќ дејствуваше проактивно во потрага по нов јазик и нови алатки за представување на новата реалност, сметајќи дека тоа треба да биде појдовна точка на секој уметник. Користејќи го своето театарско искуство и својот театарски пристап во виртуелен простор, дојдоа до нов проект кој го нарекоа Виртуелна театарска претстава. Станува збор за претставата „Илузии“, според мотиви од истоимената драма на еден од најпознатите современи руски автори Иван Вирипаев. Тоа е воедно и прва виртуелна претстава во Македонија и прва претстава на „Вондерленд Театар“ (Wonderland Theatre) која беша објавена на Јутјуб и премиерно изведена.
Во претставата учествуваат актерите Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Актерите ги користат своите мобилни телефони и реквизити за да влезат во виртуелниот простор. Темите што ги отвора оваа претстава може да се пронајде секој поединец за време на оваа пандемија. Ликовите во претставата пред смртта се соочуваат со себеси, нивните партнери и воопшто со својот живот. Сето ова се случува со помош на разговори за љубовта и неверството, кои се составен дел на меѓучовечките односи. Оваа претстава следи две линии, едната е фабулата на текстот на „Илузии“, а другата е документаристичка. Станува збор за два брачни пара кои излегуваат од своите улоги и раскажуваат како наратори и повторно се враќаат во своите улоги што ги играат. Прво се појавува првата жена на сцена, па втората, па подоцна првиот маж, па вториот. Тие имаат околу осумдесет години и се во брак повеќе од педесет години , а тука се за да ја раскажат својата животна приказна, што длабоко ја допира публиката и преку екран. Се чини како ништо да не недостасува од директниот контакт со публиката на сцената. Концептот е успешно претставен, визуелно богат и виртуелно близок до современиот гледател. Во своите улоги посебно се истакнуваат двете актерки, чии монолози се силни и вешто креирани, успешно се надоврзуваат на монолозите на нивните партнери, кои беа коректни во својата игра. Оваа театарска претстава лесно ве вовлекува во приказната и цврсто ве држи во текот на изведбата. Монтажата на Васил Христов го исполнува физичкиот недостаток на сцената, а музиката на Огњен Анастасовски ја поддржува секоја емоција.
Во документарниот дел се расправа за пост – пандемискиот театар, за театарот сега и за театарот во некоја понатамошна иднина. Сегашната состојба влијае на целата театарска заедница на глобално ниво и е историски момент. Светот се соочува со идентичен проблем. Она што го прави театарот посебен е тоа што им дава на гледачот и на актерот можност да бидат во некаква врска и тоа е привилегија што ја имаат театарските уметници и не би сакале да им биде одземена на кој било начин; но новата состојба што сега е создадена бара нови решенија. Помеѓу сцените може да ги слушнете како по тие прашања размислуваат Томас Остермајер, Ричард Шекнер, Мило Рау и Ен Богарт. Режисерката Нела Витошевиќ ги вметнува монолозите на Хајнер Милер во прологот и епилогот на претставата.
Во прологот, меѓу другото, се наведува: Театарот постои без оглед на тоа што се случува надвор. А, Остермајер на едно место истакнува дека животот се случува во еден момент, а потоа повеќе не постои и дека театарот се раѓа и умира секоја вечер, кога ќе се спушти завесата, тогаш е крај, завршено. Оваа претстава е пример дека театарските уметници кои едвај чекаат да помине сето ова, можат да одговорат на оваа нова ситуација со малку страст, без разлика дали е во виртуелен простор или некаде надвор на некои нови простори, што треба да се откријат и пронајдат, дури и ако публиката во театрите е преполовена. Тоа би било нова интимност која ќе се создаде со публиката и театарски уметници.
По учество на неколку светски фестивали претставата „Илузии“ е селектирана на актуелното 45-то издание на Млад отворен театар (од 24 ноември до 3 декември) и беше претставена онлајн. Во летниот период и со стишување на вирусот се планира да се игра и во живо. Претставата уште на почетокот е замислена како отворен процес, кој ја менува формата согласно новонастанатите околности и развојот на пандемијата. Идејата да помине од дигитален во физички простор е присутна. Претставата ќе метаморфозира согласно времето и приликите што тоа ги наметнува. Доколку подолго време бидеме во оваа состојба таа ќе биде присутна и понатаму во дигиталниот свет. „Уметноста не смее да биде ставена на пауза, ниту угушена без разлика што и да се случува“ – потенцира режисерката Нела Витошевиќ. Претставата се прикажува и на новонастанатата глобална платформа Basita.life (дигитална платформа за уметност и подршка на уметниците).
Оваа лето имаше една проекција на претставата на отворено во Котур Кафе. Проекцијата и организацијата беа подржани од Град Скопје и Котур Кафе. Претставата беше повод и заработилница со млади, подржана од делегацијата на Европската унија: „Youth Talks“ Illusions or how to create a virtual theatre production. Работилницата ја водеше режисерката Нела Витошевиќ и актерите од „Илузии“.