Предизборниот период во Северна Македонија носи две различни концепциски кампањи – за враќање на земјата каде што беше пред три години или за продолжување по патот кон Европската унија (ЕУ), е оценка на бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук. Тој во изјава за бугарското радио „Фокус“ вели дека постои тешка и комплексна дебата за суштинските вредности и за тоа каде македонските политичари сакаат да ја видат својата земја.
„Некои се залагаат за земјата да се врати онаму каде што беше пред три години, а други ја поддржуваат идејата дека треба да продолжи да се развива на патот кон ЕУ. Постојат и некои други идеи, кои доаѓаат главно од партии кои имаат за цел да привлечат гласачи од албанското малцинство“, вели Ќучук.
Според него, нема посебни ризици за изборната кампања во Република Северна Македонија, нема бојкот и сите политички сили ги повикуваат граѓаните да гласаат на 15 јули. Ќучук посочува и дека постои дебата меѓу младите за иднината на земјата во ЕУ, слично како што беше и во Бугарија пред нејзиното зачленување во Унијата пред неколку години.