Не е јасно кои се фактори ги зел во предвид Советот за безбедност во неделата попладне при расправата за состојбата со новата војна на Блискиот Исток. Јавноста секако се плаши дека не биле земени во предвид околностите кои покажуваат на долгорочноста на воените дејствија. Не го погодивме ниту бројот на нашите државјани кои бараат излез за бегство од загрозеното подрачје…

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Што не дознавме од состанокот на Советот за безбедност во неделата навечер? Говорот на претседателката Силјановска Давкова не кажа многу. Изразот на лицето кога таа реторички го откриваше сознанието дека сме безбедни на ова тло во секој поглед, без да навлегува во детали е секако поречит, особено ако се знае потребата од гестакулација при зборувањето во нејзините јавни обраќања што овој пат изостана. Или поточно – имаше неккво полутраурно насочување на нашите мисли, исто онакво какво што веројатно и ние самите претходно го имавме. Во најмала рака не не’ убеди да си легнеме пооптимистички настроени во однос на моќта на нашите безбедносни аналитичари да видат се’ што ќе ни престои во наредните недели.
Точно е дека и оние кои ја планираа војната и самите не ги нудат тие показатели а излегува и – не ги поседуваат потребните факти за да се извлекуваат точни заклучоци за иднината на конфликтот. Вториот ден по нападот претседателот Трамп истакна дека нападот ќе трае шест недели а веќе според настаните во неделата навечер и целиот понеделник се покажува дека има многу знаци дека половината на април не ќе да е конечен датум! Најнапред, Иран е земја каде се предвидени сите процедури како да се раководи со земјата однапред, и без убиениот ајатолах. Според ефикасноста за напад во овој период се покажува дека армијата на оваа земја е во состојба ефикасно да го шири конфликтот. Погодувани се објекти во целиот Залив, главно каде се сместени американски воени и информациони системи а нив ги има насекаде. Нормално е при оваа ситуација да страдаат и околни објекти и да има жртви меѓу цивилите. За Израел и да не говориме. Цело понеделничко попладне се обидувам да ја потврдам или отфрлам веста дека ирански проектили го погодиле кабинетот на премиерот Нетанјаху, што е се разбира само доказ дека штитот над оваа земја која предизвика дузина војни на Блискиот Исток не е непробоен и дека ситуацијата на воен план не е истата како при претходниот напад што беше извршен врз нуклеарните постројки во и сега нападнатата земја. Впрочем и нападот врз британска база на Кипар и само неколку часа откако званичните аналитичари од Лондон велеа дека тоа би бил невозможен потфат, потврди дека сега и Европа е вклучена во судирот кој не го сакаше.
Ова најнапред ги враќа сликите за маса на бегалци кои тргнуваат кон Стариот континент. Грција веќе објави дека се подготвува за тој чин. Сигурно дека тоа го прави и заради близината на Кипар ама да се сетиме најпрвин колку само странски работници и население има од старите конфликти по источното Средоземје и дека тие ќе си бараат посигурни дестинации. Нашата земја е секако транзитен коридор ама сега ја нема Германија на канцеларката Меркел која ќе ја расчистува огромната маса дојденци кај нас со повик да дојдат во нејзината богата држава. Генерално ситуацијата е сменета а токму Македонија, со предавничката политика на ова раководство е плодно тло за сите актуелни и идни азиланти се сместат токму тука во една мала држава на која и недостасува уште да добие плима на несакани странци. Овој Совет на безбедност е јасно блокиран заради составот да реагира соодветно на оваа опасност, во мигот кога преферира проазилантска политика!
Енергетската зависност на нашата земја и на сите во регионот, јасно укажува на потребата посебно да бидеме на штрек по ова суштинско прашање за функционирање на државата. Чувме дека сме имале нафта! Во резерва или за тековни потреби? За колку време ќе не држи таа резерва ако крајот на војната (и блокадата на сите главни патишта за доток на нафта и нејзини деривати) практично само ќе се оддолжува. Веќе се цел на ирански напад и резервоарите за нафта на земјите во Заливот… Присуствуваше ли министерката за енергетика на состанокот на Советот? Земена ли е во предвид и ситуацијата за зголемена активност на нашето население со доаѓањето на топлите денови? Има многу прашања а се сомневам во аналитичката моќ на ова државно раководство да одговори на кризни ситуации. Имавме еден конфликт во 2001 година кога како министер за одбрана беше поставен ликовен критичар (!) а кадровската логика генерално не е поинаква. Се работи за истата партија, нели?
Патем, беше речено дека дузина луѓе бараат помош од нашите амбасади на Блискиот исток, само два дена потоа ги има 400.




