ФАТМИР БЕСИМИ
Министерството за финансии може да објави дека за 15,3 % повеќе приходи се остварени во буџетот за 2021 во однос на 2020, капиталните расходи со реализација од 79 % од планот и 45,2 % повеќе од 2020
Во Буџетот во 2021 година е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3 % повеќе во споредба со 2020 година, додека кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2 % во однос со 2020 година. Натфрлање на планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за 2 %, додека дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4 % од БДП што е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5 % од БДП.
Испративме година која ја завршивме со позитивни движења во економијата иако се уште беше присутно влијанието од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид 19, притисокот врз цените на светските берзи што се чувствуваше и во нашата економија, како и енергетската криза, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Мерките и севкупните политики што ги спроведовме придонесоа 2021 година да ја завршиме со економски раст од 4,1 % кој е во согласност со проекцијата за растот на БДП и можност тој и да се надмине. Економијата во првите девет месеци од 2021 година достигна раст од 4,6 %. Индустриското производство во ноември забележа раст од 4,7 %, извозот во периодот јануaри-октомври има раст од 22,8 %, финалната потрошувачка раст од 4,5 %, бруто-инвестициите забележаа реален раст од 3,4% во првите девет месеци, невработеноста падна на историски најниско ниво од 15,7 %, додека просечната нето плата исплатена во октомври забележа раст од 4,5 % во однос на октомври претходната година.
Овие движења се рефлектираа во успешната реализација на проектираните приходи во буџетот, така што во 2021 година имаме натфрлување во реализација на даночните приходи и придонесите кои заклучно со 31 декември достигнаа ниво од 102% од планираното со ребалансот во јуни 2021 година, кога истите беа ревидирани нагоре во однос на почетниот Буџет, и тоа за 5% даночните приходи, а за 1,3% придонесите.
Приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари, кои во споредба со 2020 година имаат зголемување од 13,2 %. Кај даночните приходи најголемо натфрлување има кај ДДВ од 7,3% или остварена е реализација на ниво од 107,3 %, односно по овој основ во буџетот се слеани 58.194 милиони денари. Од персонален данок на доход слеани се 20.552 милиони денари и реализиран е со 98,86 % од планираното. Кај ДДВ има 24,1 % повеќе остварени средства во однос на 2020 година, додека кај персоналниот данок на доход има раст од 10,3 %.
Вкупните расходи се реализирани на ниво од 257.353 милиони денари или 95,87 % од планираното и бележат раст од 5,7 % во споредба со 2020 година. При тоа кај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2% споредено со тој период претходната година. Односно во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари што претставува реализација на 79 % во однос на планираните средства. Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Ова дава оптимизам за реализирање на големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година кои се на историски највисоко ниво досега со учество од 14 % во вкупните расходи.
Капиталните расходи во оваа година се проектирани на износ од 38,2 милијарди денари и се за 28,3 % повеќе во споредба со 2021 година. Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција и други.
Во 2022 година останува посветеноста на грижата за заштита на здравјето на граѓаните, економското заздравување и забрзување на растот и зголемување на инвестициите при истовремена фискална консолидација, непречено финансирање на основните функции на државата, како и поддршка на реформските процеси во правосудството и евроатлантските интеграции.
Сите политики во оваа година ќе бидат насочени кон постигнување на стапка на БДП која ќе го надмине нивото од пред ковид-кризата, односно растот на БДП е проектиран на ниво од 4,6%, воден од порастот на бруто-инвестициите од 8,5%, зголемена извозна активност од 8,1%, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1%, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување период на забрзан раст од над 5% годишно.