БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Ако повеќе од две години слушате за политички, и во исто време криминален терор на одредена партија- значи на ВМРО, па потоа и за мозокот на теророт на авторитарниот и деспотски режим- Никола Груевски, како поминува времето, а тоа поминува сепак со подла брзина, некако се навикнувате
Што не се изнагледавме и изнаслушавме последниве неколку години. Па, па, па.
Во оваа еуфорија на спектаклот кој го имавме повеќепати дневно, може слободно да ги изземеме бомбите на Заев, кои веќе полека тонат во заборав.
Од оваа дистанца некако како и да беа благо здодевни тие бомби- постојано сè се вртеше околу насилство, криминал, корупција, политички одмазди и политички затвореници. И истите ликови, од истата, стара, нам одамна добро позната партија- ВМРО-ДПМНЕ, по некоја бомба доби и ДУИ, како и Гром, во ред, да не ги заборавиме и прославените судии и по некој валкан бизнисмен.
Но, знаете како.
Ако повеќе од две години слушате за политички, и во исто време криминален терор на одредена партија – значи на ВМРО, па потоа и за мозокот на теророт на авторитарниот и деспотски режим – Никола Груевски, како поминува времето, а тоа поминува сепак со подла брзина, некако се навикнувате. Милионите, милијардите ги слушате со години, крадени, злоупотребувани, пренесувани, товарени, криумчарени- и на тоа секако, со текот на времето, се разбира дека почнувате да клапнувате во блага дремка. Почнувате да умирате од досада, признајте.
Не сум тука да ве поттикнувам на таа пасивна активност, не навивам за тоа, но, што да се прави, вистината е дека тоа ни го донесоа сите овие години. Без судски пресуди и конечно затворање на досиејата, смртта на нацијата од нападно зевање и болна разочараност беше неминовна.
Во целиот пустош кој го остави зад себе Груевски и неговата драга партија, никогаш не видовме, ниту чувме за некои интригирачки пикантерии, кади полни со млеко и потоци шампањи, меѓусебни гаѓања со јагоди и кавијари, ѓаволи кои носат Прада и ситни други дребулии, кои го чинат неизживеаниот милијардерски, гангстерски живот. Можеби ги имало, не велам не, најмалку сакам да кажам дека се живеело скромно и со подврзани пантолони на учкур, но што и да облекле и прошетале вмровците, никој до ден денешен не забележа.
Што не мислам дека е некаков комплимент, секако дека никој не оди во таа насока, особено кога сте невидливи дури и околу вратот да ставите Ермес чанта, но, за тој проклет крст на бледилото, не помагаат ниту политички функции, ниту масни сметки натоварени низ банките во светот.
Додека не живнавме повторно. Имавме среќа, признајте, во целото тоа мртвило од повторување на вмровските зулуми низ судниците, аферата Рекет и месеци подоцна- деновиве да ја анализираме нарко-мафијашката актерска афера- е,тоа е нашиот спас од досадата. Охохо, и тоа каков е тоа спас.
Новите ликови како Катица Јанева, Боки 13 и Орце Камчев (добро, освен него, тој сепак има метузалемска историја) ги поклопија старите, затоа што тие станаа веќе прастар вид, изумрена сорта, веќе се заборавени, можеби и не постоеле, ќе почнеме да се сомневаме во сопствениот здрав разум и острата меморија.
До новите и уште поновите афери, сè додека сосема не се откажеме од надежта дека некој навистина ќе одговара во оваа држава. Јас не би се кладела на ваков расплет, колку и да се надеваат политичките првенци на сегашната ВМРО-ДПМНЕ.
Секогаш постои заплеткано конче во клопчето кое е зафрлено отстрана, запикано во пајажина, поттурнато низ прашините. Некој некогаш ќе се сопне од него, дури и во најмалото конче може да лежи клучот на расплетот. Веројатно има во оваа земја таков судија, кој ќе се одважи да се потстресе од кончето кое некој го скрил, да ни покаже дека секој може да создаде историја во сопствената држава, затоа што поинаку, таа не може понатаму на овој начин, во бескрај.