Промотивен говор за книгата НАШЕТО НАЦИОНАЛИСТИЧКО ПИЈАНСТВО, (Издавачи: АЗ-БУКИ Скопје; Сојуз на Борците од НОБ – Општинска Организација Битола), од д-р АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ, одржан на ден 13 јули 2018 година во Битола.
ЃУНЕР ИСМАИЛ
Пред нас е книга во која се сместени колумни, како и неколку статии напишани, говорени по разни поводи. Сета оваа содржина е создавана во период од две години, односно, мај 2015 – мај 2017. Краток период, ќе речете, ама густ и тоа како. Ако малку се потсетите за тоа што се‘ се случуваше во тие две години ќе видите дека за вакви две години во некои поранешни векови биле потребни многу децении. Да, дваесеттиот век беше високо фрекфрентен, ама и дваесет и првиот, барем според овие две децении нема да биде подолу.
Ќе започнамсо дваесеттиот век за да се обидам, накратко, да Ве потсетам за тоа што тогаш, во неговите последни две децении се случуваше, за да можеме да фатиме контакт со настаните во овие први две децении, а ако бидеме живи и здрави, свесни, а особено совесни и одговорни, од овие “две плус две децении“, да извлечеме некакви поуки, да се обидеме да ги предвидиме процесите кои ќе се случуваат, а и да видиме каде е нашето вистинско место.
Кон средината на осумдесеттите започна процесот на распаѓањњето на, како до тогаш се нарекуваше биполарниот свет, односно светот разбран и уреден како свет на блокови, воглавно во согласност резултатите на Втората Светска Војна, односно договорите во Јалта. Сосема беше изгледно дека претстои ново преуредување кое, еве го, трае сосе сите видливи и невидливи конвулзии.
Значи, од една страна земјите кои својата државно правна структура ја градеа повикувајки се на марксизмот, идеја која во комитетските интерпретации, а особено пракси, доживеа ужасни компромитации, се распаѓаа распукнати по сите шевови. Системите кои ги беа создале во противстав кон западниот, таканаречен капиталистичкиот свет, не ја издржаа битката со технолошки помоќните структури на капиталистичкиот свет, а што е уште поважно, внатре во себе создаваа многу противречности за кои или не знаеја, или не сакаа да ги знаат.Се распадна социјалистичкиот блок, со сите последици кои следеа. Јасно е дека распаѓањето се уште трае, во тек е, со тоа што сега веќе работите одат некако контролирано, па таа контролираност ја живееме така да се рече врз сопствена кожа, како и многу пати низ историјата, да не речам секогаш што, кога станува збор за „малите“ , а особено оние од Балканот, секогаш е така.
Во времето кога траеше процесот на распаѓање на „Источниот Блок“, во Западниот, на сцената стапија идеите на Новиот Либерализам, за кој подоцна ќе се воспостави дека мутирал во ЛАЖЕН или како велат, псевдолиберализам,или ште поточно, вулгарен либерализам, како нова алатка со која државите, за нивните економии ќе си го обезбедат опстанокот, ќе се дозбогатат, а патем, на светската сцена ќе ја зацврстат улогата на Слободниот Свет како единствена животоспособна и, според корифеите на таа школа на мислење, вечна, со сите, нагласувам, излечиви, надминливи, тешкотии. Овие идеи, на извесен начин „купија време“ за Западот, а на Исток кој како да е осуден да прифаќа идеи кои не ги допрочитува, како на пример оние на Маркс, предизвикаа процеси кои воглавно се состоеја во прераспределба на преостанатото богатство на државите, што ќе рече процес на дива приватизација, грабеж, распаѓање на вредносните параметри, вклучително и на оние вредности кои ги носеа обележјата на универзални и независни од идеолошките предзнаци.
Во исто време, паралелно, светот на протестантскиот капитализам, како би го нарекол оној Вебер, се супституира со светот на реганомиката, на тачеријанството, но и со нови, разлабавени морални вредности кои, заедно со „нужностите на слободниот пазар“ (Маркс) кулминираа со крахот на берзите и производство на милиони нови очајници, и тоа особено таму каде беше најтенко. Во неразвиените земји, кај пониските слоеви на средната класа, како и со продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните.
Во таа,„гунгула“, ние, поточно нашата бивша татковина, повеќе од една деценија беше, намерно ќе употребам иронија со вокабуларот на новото време, СЕЛЕБРИТИ ПЕРСОНА, скоро секојдневно Лице од Насловните Страни, БРЕЈКИНГ НЈУЗ за ТВ станиците. Таа улога која Историјата ни ја додели, а ја заслуживме, се плати со човечки животи, со воени разурнувања, со раселувања, со многу несреќи. А тогаш, кога војувањето престана, уследи санирање на последиците од воените разурнувања, а некои како нас, на пример, ја водеа битката за гол опстанок како државно-правна творба. Да биде јасно, освен нужните работи, што значи, санација и борба за опстанок, паралелно течеше процесот на прераспределба на општественото богатство, значи приватизација, доминантно дива. Таму каде тие процеси течеа уште за време на војните, а и после нив доминираа бандите на воени профитери и на нив прикрепените нови капиталистички структури, или по нашински, разно-разни ербапи, курнази, “снајдени“, криминалци. Осиромашувањето, или ајде да бидам “учен“, пауперизацијата беше и е како материјално, така и духовно. Во секој поглед. Околу „духовната-моралната пауперизација“ од страниците на оваа книга Литовски има да ви каже многу работи, да најавам.
Погоре започнав со оние кои своите држави ги водеа според нивното разбирање на светот и векот, а се повикуваа на Маркс. А како го разбирале, се виде, според крајниот резултат, а особено според архивите на КГБ, Штази и слични творби.
Во тие години бевме сведоци со каква плиткост се интерпретираа идеите за „крајот на Историјата“, „судирот на цивилизациите“, како се величеа идеите за слободниот пазар, со иста таква плиткост но и со доза на надуено помодарство, за да на крајот, ама после дваесет и кусур години и упропастени животи на можеби две генерации, сите разберат дека биле само свесно-несвесна артилериска подготовка за епохалната кражба како на Исток така и на Запад, а дека плиткоумната и неодговорна интерпретација и примена на идеите на либералниот свет ги доживуваат највулгарните врвови.
Ете токму, закопувањето на Маркс, неговото, по којзнае кој пат, прогласување за мртов, за надминат, за бајат, но и виновен за сите несреќи на барем половина свет, е индиција дека брзаницата околу неговото заборавање е всушност отворање на пат за некои нови интерпретации како на актуелната стварност, така и на минатото. Огромната празнина, еве до денешен ден не е до крај исполнета иако евидентен е напорот на многу мислители да ги преобмислат клучните моменти во марксовите анализи за да се види каде е излезено од главниот пат и влезено во разни слепи улици.
А дека конфузијата е во тек, дека либералниот свет, сосе нас кои се претставуваме како негов дел, вкупно сосе неговата интелектуална апаратура се уште нема доволно ефикасни одговори за бунилото во кое запаѓа видливо е од многу примери. Освен очајот и бедата кај сиромашниот свет, во нивните граници се раѓаат нови форми на социјална дегенерација. Не е непознато, се разбира, дека во периодот помеѓу двете светски војни фашизмот стапи на сцена и тоа најмалку како резултат на пострауматскиот синдром, туку како резултат на една од многуте циклични кризи на светот на слободниот пазар, како и заради распаѓањето на етаблираните какви-такви вредносни системи, а хранет од трошките на трпезите каде десничарските идеи биле основна храна. За криминалците од сите „насоки“ се создале идеални можности. А теренот каде треба(ше) да се соочуваат идеите беше сосема слободен со оглед на конфузиите кај тнр. Блок на леви политички структури од кои едните сакаа да бидат левичари без Маркс, а другите пак наместо револуционери беа верници, ама на некаков нивен марксизам на кој ние денес со право му додаваме многу извичници и прашалници. За да бидам по јасен еве, додавам, скоро до збор, би било идентично објаснување и за ОВОЈ, денешниот, вклучително и „нашиот“ фашизам и да повторам, Литовски и тоа како го знае, го (о)пишува.
Тука некаде ќе ја привршам оваа скица на светот со која сакав барем малку да ве внесам во амбиентот во кој нам, на Македонија ни се случи десетгодишната агонија која само формално започна на 1 септември 2006-та година и која заврши на 1 јуни 2017-та. На сите ни е јасно дека и пред тој датум сторено е се, поточно, сторивме се за да како кулминација не снајде инвазијата на скакулците во „мафијашкото невреме“ (Литовски), кои земјата која и така едвам стоеше на нозе, ја опустошија како материјално, така и духовно.
Неколку пати, до овде, се послужив со некои моменти од оваа книга, па се надевам дека со помош на Литовски работите почнуваат да ви стануваат се‘ по видлив што, се разбира, не значи дека и „тогаш“ не беа, а ма ете, не знаевме, не можевме, не сакавме да ги видиме и не снајде тоа што не снајде.
На јавната сцена Литовски не е од 2015-та туку од многу порано и е еден од ретките кои не се стеснувал појавите, процесите да ги види, препознае, именува и ни ги соопшти. Да, имаше времиња во кои таквите како Литовски беа куриозитет а нивниот глас беше како глас во пустината кој никој не само што не го слуша, туку и не сака,не го чита, „умира од страв“! Се присетувате можеби на моментите кога некој некаде ќе го споменеше зборот фашизам и на молкот, и тивкото разбегување, „под тепих“. И денес како да ги слушам м‘рморењата, во себе, под брада, за „види го оној будалата што зборува“! Азошто било така, одговорот, а се надевам и поуките, ќе го најдете во оваа книга во, безмалку, секој текст, на секоја страница.
Да, да. Ја препорачав книгата а сега ќе Ве предупредам! Ова е тешка книга. Не заради стилот, Не заради обемноста. Не заради структурата која кај вакви книги кои се збир на релативно, кратки колумни знае да биде проблем додека се пофатат главните линии кои „ја водат играта“. Тешка е заради тоа што зборува за нас какви сме биле и да бидам груб, што се сме си сториле. Како сме дозволиле Македонија да биде, пак ќе го цитирам Литовски, „срамно место за живеење“. Но, за среќа, тежината на оваа книга во себе ја содржи лековитоста каква ја имаат сите горчливи лекови. Затоа, за да малку од малку, му помогнеме на нашиот дух да застане на нозе, ваквите четива мораат да бидат на позитивната листа на нужни лекови. Ќе Ви биде од голема помошза да ја раберете суштината на македонскиот фашизам. Да разберете како тоа токму нам да ни се случи, а ние така кротки, фини, убави, по малку наивни, ама и неутрални, нели!? Ќе ни помогне веќе никогаш да не се случи привидот да биде замена за вистината, за реалноста, бидејки Литовски со една надмоќна, марксистички опремена сознајна апаратура, ја разорува лажната стварност која, заради многу, за жал “бедни“, причини сме се согласувале да ја прифатиме како реалност, да ја живееме, да си молчиме, а со тоа и ја крепиме. Во годините зад нас за жал оваа земја имаше премалку луѓе како Литовски за да агонијата барем ни се скрати. И сега не се којзнае колку ама белки, така си велам, барем некоја реченица, барем некој фрагмент, барем некој исказ ќе допре до неколкумина па ќе можеме како општество да бидеме, донекаде, имунизирани од некои идни болештии.
Литовски својот долг како интелектуалец го исполни, свесен декани следува следна фаза во која совеста на интелектуалецот ќе мора да му биде главен сојузник. Вели:““…Одкако ќе помине ова мафијашко невреме, сакале-не сакале, ние ќе мораме да се зафатимесо макотрпната работа за оживување на моралот во секојдневниот живот и враќање на моралнитте норми при практикувањето на политиката“.
Книгата изобилува со вакви моменти и насоки. Отвора многу прашања, најавува многу дилеми, а во исто време нуди апаратура која ќе биде од драгоцена помош при одговорањето на тие прашања и разрешувањето на дилемите кои не чекаат. Еднаш, во некое друго време, еден голем човек кого го спомнав погоре, Карл Маркс во едно писмо до еден негов пријател напишал:“ Ние не сме докринари. Ние не му велиме на светот дека ‘ова е вистината и клекни пред неа‘. Ние само го соочуваме со фактите“. Тое е одприлика и една од водилките со кои Литовски се водел кога ги создавал текстовите кои тука, се надева не предолго ви ги препорачувам. А има уште многу да се зборува за оваа многу драгоцена книга за која сосема слободно можам да го употребам пак моето правило кога за тоа која книга е добра:Добра книга е онаа книга која, кога ја читате, подготвени сте да ја потпишете секоја реченица која што сте ја прочитале.Секоја статија, секое поглавје. Цела!