Реално, опседнатоста на народот со политиката не е на нивото на предизвикот, покажуваат некои од објавените анкети, но и оние за кои имаме само навестувања а стојат во партиските фиоки. Драматиката на одлуката е под радарот на општиот интерес
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Ако се суди според присуството на приврзениците на „најмакедонската партија“ на митинзите што ги организира Христијан Мицковски и неговата свита се чини дека на црвено-црните им следи вистински дебакл на следните парламентарни избори. За споменатите и онака одамна најомилен е оној медиум кој се држи до фактот дека треба да се користи само фиксна камера, која како „слпец за стапот“ ќе се држи за лицето на главниот говорник. Не само што не треба да се гледа просторот околу бината, туку ни целата сцена на која се качени политичарите е добро ако биде сведена на камен декор кој одвреме-навреме, како по сценарио, ќе упати по некој аплауз. Јасно, што можеше да се види, да речеме на т.н. трибини во Велес, во Крива Паланка, за Берово ич да не говориме. А секако останува забележано дека на трибината која ВМРО ДПМНЕ ја одржа во Домот на културата во Прилеп, каде на новинарите не им беше доволен влез во салата а им се понуди следење на настанот на видео бим, чија слика, соодветно на погоре кажаното, беше чист фикус: еве ви го говорникот, другото не е интересно. Јасно, одѕивот на публиката беше повеќе од очаен. Атмосферата кај другата политичка партија и нејзините митинзи е целосно поинаква.
Но, не треба да се суди, секако, за популарноста на одредена партија или идеологија само по одѕивот на митинзите. Нашиот народ е како онаа шега за детето кое плод на бракот меѓу Јапонка и Македонец – „многу му се работе, ама го мрзи да стане од кревет“. Многумина од публикумот демек би биле за политичка промена која би се случила (потврдила) на априлските избори, ама треба малку да се поткрепи таа ментална состојба со нешто. Секако, прво што ќе ви падне на ум во разрешувањето на таква дилема е да посегнете по анкетарите на јавното мислење, кои без многу скрупули можат да замислат дека треба да накитат новогодишна елка за потребите на налогодавецот.
Една од пофрекентните анкети е онаа која за потребите на порталот „мкд.мк“ ја има работено Маркет вижн. Онаа од септември посебно предизвикува внимание. Истата предвидува црвено-црните да водат пред црвените (некогашните сини!) со 8 отсто разлика. На ова, ако не се лажеме првиот човек на СДСМ Заев искомнтира дека е доста рано да се врзува ставот на јавноста за анкети а дека нивните мерења на рејтингот покажуваат нивно водство над директниот ривал од три отсто.
Анкетарите инаку извлекуваат заклучок дека гласачката маса тоне во некаква незаинтересираност. Бидејќи 31,8 отсто одговориле дека не знаат за кого би гласале, 22,5 дека нема да гласаат (ќе бојкотираат) а дека нешто над 1 отсто не сакаат да откријат, што сепак, на крајот значи дека околу 55 отсто од гласачката маса стои подалеку од гласачките кутии!
Потои и понова анкета, за која деновиве се говори а која за потребите на ТВ Сител ја направи Институтот за политички истражувања – Скопје на крајот на септември. Оваа истражувачка установа за директор го има Владимир Божиновски, што за нашите читатели говори само по себе.
Според неа, на идните предвремени парламентарни избори 21,1% од граѓаните ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а поддршка за владејачката СДСМ ќе дадат 18,1% од анкетираните граѓани.
Во албанскиот политички блок најголема поддршка ужива ДУИ. Според анкетата на ИПИС, за „интегративците“ ќе гласаат 4,5%. Според рејтингот, следна е партијата на Зијадин Села. За Алијанса за Албанците поддршка дале 2,8% од анкетираните граѓани. Алтернатива на Африм Гаши има поддршка од 0,8% додека за БЕСА на Билал Касами се изјасниле дека ќе гласаат 0,7% од анкетираните граѓани.
И тука имаме голем број на многу веројатни или моментни апстиненти од гласање – 26,1% велат дека нема да гласаат за ниту една партија, 14,7% не сакаат да кажат за кого ќе го дадат својот глас, додека 9,7% велат дека се уште не знаат. Повеќе од половина граѓани или 50,9% велат дека ќе излезат на гласање доколку следната недела се организираат предвремени парламентарни избори, 24,7% се изјасниле дека ќе апстинираат додека 24,3% се уште немаат донесено одлука.
Има разлика меѓу оваа и претходната анкета ама мора да се има предвид дека и оваа е изведена пред да се знае за француското вето за наш влез во прговори со Унијата, факт кој може да биде релевантен за гласачите! Како и оној врзан за нашето знаме кое се вее на НАТО самитот.
Меѓу политичарите, во анкетата објавена на ТВ Сител најголема доверба има премиерот Зоран Заев. Во него најмногу веруваат 14,5% од анкетираните граѓани. Следен е опозицискиот лидер Мицкоски во кого доверба имаат 12,1% од анкетираните. Рејтингот на Али Ахмети е 4,4% а на Зијадин Села 3%. Следи Никола Груевски во кого довербата е 2,1%. Рејтингот Африм Гаши меѓу гласачите изнесува 0.7%, а тука некаде е и Билал Касами за кого се изјасниле 0,6% од анкетираните. Довербата во Шеќеринска е 0,2% а во Мендух Тачи 0,1%, додека 1,6% од анкетираните се определиле за друг политичар. 44,2% од граѓаните велат дека немаат доверба во ниту еден политичар а без одговор останале 14,2%.
На истражувњата на овој Институт реагираше, по дадено прашање од новинарите, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Таа истакна дека не ја видела анкетата за да коментира „ако не се лажам ИПИС беше Институтот за коишто вашите колеги констатираа дека 480.000 евра имаше добиено само од МТСП, и истата таа aгенција беше искористена за да направи добар вовед за насилството од 27 април, кога неколку недели пред насилните собирања пред Собранието образлагаше дека граѓаните биле во право. Имам дилеми околу агенции коишто и сега и според Отворени финансии се потврдува колку профитирале од претходната влада, мислам дека тие дилеми се оправдани, како што се сеќавам во еден период каде што ВМРО-ДПМНЕ на сите такви анкети водеше 3:1 и па изборите никогаш не ги потврдуваа. Јас сметам дека во неделата кога го забележуваме историскиот успех на кој не се израдува само раководството на ВМРО-ДПМНЕ, мене ми е јасно дека потребно им е нешто што ќе го покрие успехот, а малку и ќе го покрие срамот кои го видовме со свои очи, а тоа е како првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ едно зборува година дена, а друго збори пред Борисов и пред ЕПП. Ако е за тоа може и затоа 480.000 евра, државни пари, изгледа биле оправдана инвестиција“..
Во принцип јавното мислење кај нас не реагира со таа брзина која евентуално би се очекувала на одредени настани. За очекување беше дека франуската шлаканица околу преговорите за влез во ЕУ би имале брз и несогледлив пад на рејтингот на Заев или СДСМ. Или дека сликата која се исрпати од Лондон, од НАТО самитот ќе го вивне истиот политичар како да е на некое постоље во Кејп Канаверал. Дали тоа се случи?
Веројатно не – бомбите со прислушкуваните разговори кои Заев трпеливо и студиозно ги отвораше секоја недела во 2015 година го зголемуваа неговиот рејтинг, и оној на партијата, одвај за половина процент месечно или помалку и стигнаа до таму на изборите во декември 2016 година тој да има одвај егал ситуација со својот противник. Оние мерачи на расположение кои нудеа „големи победи“, како со референдумот за спас на ГТЦ три месеци после отворање на темата со прислушкуваните разговори, имаа целосно промашување и беа на штета на целата кампања со нивно користење во политички цели.
До изборите сега има четири месеци, разликата за која говори Заев или пак ја форсира Институтот на Божиновски, се релативно мали и покажуваат дека нашата политичка рубикова коцка нема да се намести на задоволувачки начин по ниту еден актер: како за оној кој намислил да ја преземе власта, така и за оној кој очекува поголем број пратенички места за да може да прави ветинзи и реформи.