Не можеме, барем не целосно, да им веруваме на политичарите, а ниту на судиите, затоа што не знаеме колкаво влијание имаат живите краци на режимскиот октопод врз нивните постапки и одлуки
ЏАБИР ДЕРАЛА
Кога правото се користи за дисторзија на процесите и постигнување на скриени цели во полза на поединци или структури на моќта – правдата и владеењето на правото исчезнуваат.
Кога системот ќе се соочи со криминална и партиска окупација, тешко може да се извлече од тие канџи, особено ако:
силите во општеството и државата немаат доволно капацитети и/или волја да се соочат со последиците од заробената држава,
ако распоредот на силите во парламентот се неповолни за носење закони што ќе обезбедат функционирање на правосудниот систем.
Знаете на што мислам? Ако одговорот е не, веројатно тука треба да го напуштите овој текст и да пуштите ТВ или да одите на некој од многубројните „оливери“ или неутровморонски портали. Таму, сѐ е наместено за да ги потврди сите ваши предрасуди.
ПРАВДА Независно судство? Да, судството е независно од изборните процеси во државата. Особено ако не се искористи лостот на политичката моќ тоа да се реформира и ослободи од другите форми на зависност и спреги кои немаат врска со владеење на правото. На тој начин е „независно“ судството, поточно, препуштено е на брановите од влијание од сите моќници и центри на моќта што имаат потреба да го држат тасот на правдата во земјата.
Во македонскиот случај, тоа најмногу, најдиректно и најдлабоко се однесува на: 1) наследството од режимот на Груевски, 2) моќниците (македонски варијанти од тоа што се подразбира под поимот олигархија), 3) политичките партии или делови од нив, кои беа и останаа во спрега со криминалот, 4) субверзивно-шпионската мрежа со команден центар во Кремљ, комотно распослана низ целиот систем. Вклучително и во – „не дај боже“, а „дал господ“ – поединци на стратешки места на кои најмалку треба да се дозволи нивното влијание и дејствување.
Затоа и дојде до застарувањето на делата, да не речам, пропаст на предметите што ги започна и водеше (со неславен крај) СЈО.
Живите краци на режимот
Режимот на Груевски и неговата фамилија (Мијалков и други) спроведоа максимална злоупотреба на државата и институциите, во прв ред судството, финансиите и безбедноста, а потоа и медиумите, образованието, културата и верските заедници. Прислушувањето беше само „забавниот“ дел од целата хорор приказна; „забава“ за која не можеме ни да ги насетиме вистинските димензии и пропорции. Режимот на Груевски грубо ги газеше човековите права, стекна невидена предност и моќ во бизнисот, политиката и правосудството до денешен ден.
Непознато ќе остане колку се финансиски моќни. Станаа пребогати крадејќи јавни пари, меѓу другото и прибирајќи такви податоци за бизнисот во земјата и надвор од неа, што во нормална држава, не само што не би ги имале, туку би се соочиле со тешки законски санкции ако воопшто се обидат да се стекнат со нив. За безбедноста и да не говориме.
Со други зборови, тие се секогаш во предност и можат да прават, практично, сѐ што сакаат и да се богатат бескрајно. Дури и сега.
Сите стратешки информации се во нивни раце. Не можеме, барем не целосно, да им веруваме на политичарите, а ниту на судиите, затоа што не знаеме колкаво влијание имаат живите краци на режимскиот октопод врз нивните постапки и одлуки.
ПРОШЕТКА НИЗ ИНСТИТУЦИИТЕ НА ПРАВДАТА
Со застарување на нивните дела, колку поради блокадите од ВМРО-ДПМНЕ, толку и поради (често необјаснивиот) неуспех на власта да покаже повеќе цврстина и упорност во реформските процеси – неславните ликови во македонската политика ќе добијат (веќе добиваат), не само слобода, туку уште повеќе моќ и влијание во иднина.
Замислете си само. Оние што се на црната листа на Стејт департментот, само се прошетаа низ институциите на правдата. Во меѓувреме се креираа закони, а други беа блокирани (!) или модификувани до непрепознатливост, за тие да не почувствуваат ништо од затворските казни со кои судовите ги казнија буквално симболично. А најголем дел од случаите, едноставно се чекаше да застарат. Кој чекаше? Погледнете погоре, набројани се.
ИСТИТЕ ЛИКОВИ Истите ликови, со поддршка од нивните марионети (во академијата, медиумите и невладините), утре ќе се појават на говорница или пред камери и ќе бидат патриоти или фактори на стабилноста. Тие ќе се наметнат дури и како пресудни играчи во процесот на ЕУ интеграцијата, иако работеа и сè уште вредно работат токму на блокирање на евроатлантскиот пат на земјата. А некој потоа ќе го нарече ова демократски дијалог и трансформација. Пих!
Тоа веќе сега се гледа. Медиумите и политичарите кои со години за сѐ ја обвинуваат актуелната влада, веќе поитаа да им седнат во скут. Никој веќе не се чуди на тоа. Такви „трансформации“ се веќе вообичаени во македонското политичко мочуриште. Може да ги направи луѓето недоверливи, апатични и огорчени, но не и зачудени. Што, пак, им одговара на протагонистите во мрачните сценарија.
Едно лично искуство
Авторот на овие редови го искусил, не еднаш, грдиот аршин на правдата во македонските судови. Најнов пример е судската првостепена пресуда против авторот, а во корист на Мицковски. Тој цимоли пред судот (поднесе две тужби), а истовремено лансира бранови црна кампања против авторот на овие редови, преку своите медиумски кучиња и хајка со омраза и смртни закани преку партиските трол армии. А судот? Судијката, пак, пресуди (првостепено) дека Џабир Дерала сум му ги загрозил човековите права на Христијан Мицковски и тоа, ни помалку, ни повеќе, туку според Европската конвенција за човекови права, чл. 8 и 10. Небаре јас сум држава, а тој, кутриот, е жртва на државен прогон. Да пукне човек од смеа. Горчлива. Затоа што се работи за опасен преседан.
Ќе прашате: Па, има ли спас!?
Да!
Во општеството, во институциите и во политиката (сѐ уште) има прогресивни сили кои ќе продолжат да се борат оваа земја да опстане на демократскиот курс и да извлече лекции од неуспесите, за да не ги повтори грешките.
ЕУ е (единственото) добро решение за нас. Не заради парите, како што сугерираат некои ликови (тие треба сами да ги заработиме, а не да бидеме уште еден социјален случај пред бриселските порти), туку заради вредностите и квалитетот на животот. И да го одговориме прашањето во насловот. Да, има многу простор за оптимизам. Општества со далеку поголеми предизвици денес се среќни, успешни и просперитетни.
Неуспехот денес, не е причина луѓето да се откажат од битката за подобро утре.
Но…
Борбата за подобро утре мора да се заснова на чисти и јасни цели, а најмногу на вредностите на едно демократско и инклузивно општество, обединето во различностите, во кое целосно, недвосмислено и бескомпромисно се почитуваат еднаквоста и човековите права и слободи.
Компромисот на сметка на вредностите, не е компромис, туку пораз.
(frontline.mk)