Во истрагата на СЈО се опфатени 13 лица кои се товарат за злосторничко здружување и перење пари. Извршени се повеќе претреси во фирмите на осомничените а петмина се приведени
На местото каде по барање на судот требаше да се најде експремиерот Никола Груевски, во петокот навечер се донесени пет други, но епак главно звучни имиња, значајна компензација за новинарите кои беа „одбор за дочек“ пре затворот Шутка. Осомничените се дел од организирана група за која јавноста знае дека ја поседуваат, што се вели „половина Македонија“
„ Денес е отворена истрага под кодно име ’Империја’ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост“, додаваат од СЈО.
Во текот на петокот од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство“, стои во писмената инфромација на СЈО.
Во рамките на истрага СЈО превзела десетина предмети кои други надлежни обвинителства а осомничените се товарат дека сториле финансиски криминал во периодот од 2002 до 2013 година.
За Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски, кои по добивањето мерки притвор од по 30 дена во раните утрински часови биле спроведени во затворот Шутка, истрагата, распитот и подготвувањето одбрана продолжува во понеделник.
„Утринава разговарав со притворените пет лица за кои се интересирате, ми рекоа дека се чувствуваат добро. Од понеделник тие добиваат право на посета од најблиските членови на семејството, како и од адвокатите, во рамки на истрагата што продолжува да ја води обвинителството против нив. Истите правила што важат за сите лица лишени од слобода во истражниот затвор, ќе си важат и за најновите пет притворени лица“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Шутка Ѓоко Котевски.
Мирчевски е директор на контроверзната оф-шор компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.
Во периодот по 2011 компанијата стана акционер на најголемиот земјоделскиот комбинат во Македонија „Пелагонија“, преку кој влезе во битолската „Стопанска банка – Битола“ и во млекарницата „Здравје Радово“, додека како акционер се јави и во градежната компанија „Бетон – Штип“. Сега веќе е повлечена.
Во дел од овие бизнис авантури ги придружуваше семејството Панделески, кое преку Дејан Панделески кумски е врзано со поранешниот министер Миле Јанакиески.
Токму таткото на Дејан Панделески, Цветан е еден од осомничените во новата истрага на СЈО.
„Ексико“ градеше хотели со „Орка“ на Камчев – близу скопскиот плоштад, „Хотел Ибис“ и на Водно, „Хотел Панорама“, а на оваа скопска планина фирмата изгради и уште една станбена зграда.
БИРН уште пред неколку години откри дека првиот сопственик на „Ексико“ бил подоцнежниот кумашин на Сашо Мијалков, Жарко Луковски, а прв директор Небојша Стајковиќ, човекот кој имаше раководна функција во УБК кога таму директор беше првиот братучед на Никола Груевски.
Брат на Небојша Стајковиќ е Владислав Стајковиќ, којшто е најпознат по аферата што преку „бомбите“ ја отвори СДСМ и којшто се однесуваше на набавката на израелската опрема преку фирмата НВСП.
Владислав Стајковиќ бил директор и на „Финзи“ до 2011, кога на таа позиција доаѓа сега покојниот Коста Крпач, кој се самоуби откако Специјалното обвинителство отвори истрага за работата на оваа фирма.
„Финзи“, всушност, беше вклучена во случајот „Трезор“ на СЈО за сомнителна набавка на УБК на опрема од Велика Британија, а компанијата долго време беше сопственик и на порталот „Нетпрес“, којшто беше дел од пропагандната мрежа на ВМРО-ДПМНЕ.
Интересно за Владислав Стајковиќ и за неговата НВСП, е што се јавува како сопственик на регионалната телевизија „К три“ од Куманово и на Радио слободна Македонија, која беше гласник на поранешната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
А, НВСП всушност беше и првиот сопственик на фамозната фирма за обезбедување, „Секјурити груп сервисес“ или попозната како СГС, која СДСМ преку „бомбите“ ја поврзуваше со Сашо Мијалков, а во прислушуваните разговори можевме да чуеме дека ексдиректорот на УБК менаџирал со вработувањето на обезбедувачи.
СГС во времето на ВМРО-ДПМНЕ доминираше во бизнисот со обезбедување и кај државните институции, но и меѓу приватниците.
И за да биде мрежата уште позамрсена првата адреса на СГС е онаа на којашто сѐ уште е регистрирана фамозната „Ексико“.
Семејството Камчеви
Во истрагата на СЈО вклучени се и мајката и сестрата на Јордан Камчев, Ратка Куноска Камчева и Христина Камчева Стојческа.
Јордан Камчев е познат по тоа што при крајот на 2011 влезе во медиумската компанија МПМ, која ги поседуваше весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ и која пропадна минатата година.
Од „бомбите“ слушнавме дека влезот на Камчев во МПМ, Мијалков го објаснуваше со зборовите „таму сега јас преземам контрола“.
Камчев е интересен и по тоа што во неговите бизнис походи често друштво му правеше фамозната „Ексико“, а индиректно со него се врзуваа многу фирми што доаѓаат од офшор-дестинацијата Белизе.
Токму Јордан Камчев целосно ја презема фирмата „Сирах Лимитед“ која директно од Белизе купи 11.000 квадрати на Водно и со која управуваше првиот венчален кум на Никола Груевски, Ристо Новачевски.
Камчев во 2018 стана газда и на третина на хотелот „Мериот“ преку фирмата „Дивелоп груп“, која е основана со капитал од Белизе. Подоцна овој удел отидево семејната фирма на Мијалкови.
Овие две фирми од Белизе се регистрирани на истата адреса на овој тропски остров со фирмата „Иресине лимитед“, која го основаше неделникот и порталот „Република“.
На истата адреса во Белизе е стационирана и фирмата која ја градеше салата „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ зад кои денес стои пријателот на Камчев, Сергеј Самсоненко.
Ова е само дел од она што досега БИРН и другите медиуми во последнава деценија го објавија за оваа мрежа од фирми.
Во неа има уште неколку крупни и познати бизнис и политички имиња од Македонија, а со оглед дека СЈО најавува проширување на истрагата можно е и тие да бидат вклучени во истрагата што го носи името Империја.
(користени се истражувања на македонски медиуми и портали)