Основни индиции за предметот се добиени од прислушувани разговори меѓу братот на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков, Ана Камчева, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и една позната новинарка
Фирмите Ексико, Финзи, Бетон Штип и Фершпед се во центарот на истрагата „Империја“ на СЈО преку кои биле испрани над 10 милиони евра. За прв пат СЈО открива дека Камчев бил краен сопственик на офшор компаниите поврзани со случајот и дека истрагата не запира само на тие фирми.
Бизнисменот Орце Камчев е краен сопственик на фамозната офшор компанија Ексико, но и на компанијата Финзи, како и мозокот на целата операција зад случајот „Империја“, а поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков бил дел од шемата за перење пари, според сознанијата од истрагата која ја води СЈО.
Токму Ексико и Финзи се гонат од СЈО за перење на пари од странство во износ од околу 2 милиони и 300 илјади евра. Останатите 8 милиони евра кои биле испрани во Македонија, според истрагата, се поврзани со продажбата на фирмата Бетон Штип и продажбата на акции во Фершед. Во случајот осомничени се 11 лица, а врз дел од нив биле спроведувани и посебни истражни мерки од јуни до октомври, минатата година. Камчев, како што велат од СЈО, бил претпазлив во разговорите, за разлика од неговите соработници. Мијалков пак не бил следен и прислушуван.
Камчев, како што велат од СЈО, по смртта на неговиот татко Илија во 2009 година, ја започнува нова етапа во семејната бизнис империја со вклучувањето на офшор компании и тогаш започнува и неговото „злосторничко“ здружување со Мијалков.
Но, всушност прв сопственик на офшор компанијата „Делта Инвестмент“ од Белизе, која во 2001 година ја формира Ексико, според СЈО, е Илија Камчев. Сопственик на Ексико во тоа време е Жарко Луковски, кој е во кумски врски со Мијалков. Во речиси исто време за директор е поставен Небојша Стајковиќ, кој беше вработен во УБК во времето на претходната власт.
Неколку години подоцна фирмата Калвус од САД станува сопственик на Ексико, а директор на компанијата е Тодор Мирчевски, кој исто така е осомничен во случајот. Последен сопственик на Ексико е Т.М.Ј Инвестмент од Швајцарија, а според оперативните сознанија на СЈО, член на семејството на Мијалков е дел од сопственичката структура.
Преку кипарска банка и по налог на Калвус на контото на Ексико влегуваат нешто над еден милион и 600 илјади евра, кои како што наведуваат од СЈО, се користат за купување на имоти низ Македонија, а како пример посочуваат плац во Гевгелија, на кој имало план за изградба на казино. Дел од парите завршуваат на сметката на Камчев. Имотот и сметките на Ексико по обелоденување на случајот се замрзнати, а од Т.М.Ј Инвестмент во меѓувреме немало никаква трансакција на пари.
Од Финзи испрани 650 илјади евра
Фирмата Финзи ЛЛЦ во чија сопственост е и македонската Финзи всушност е регистрирана на истата адреса во САД како и Калвус, а нејзин краен сопственик е ,исто така, Камчев, според доказите на СЈО. Управител пак, бил Владислав Стајковиќ, кој е еден од обвинетите во Империја и брат на Небојша Стајковиќ. Потоа на неговото место доаѓа сега покојниот Коста Крпач, кој се самоуби.
Во неколку наврати на сметката на Финзи, преку кипарските банки биле префрлени 650 илјади евра кои завршиле во Систина Кардиологија. Прв сопственик на Систина Кардиологија е токму Финзи, а фирмата подоцна е преименувана во Си-Фи Кар. Сега сопственик на Си Фи Кар е сестрата на Камчев, Кристина Камчева Стојческа, која, заедно со нејзината мајка исто така се на листата на осомничени во случајот.
Како сопственик на Си-Фи Кар (Систина, Финзи, Кара) се јавува швајцарска фирма АЦ Инвестмент која се наоѓа на истата адреса како и Т.М.Ј Инвестмент во Лугано, Швајцарија.
Финзи е дел и од обвинението на СЈО за случајот Трезор за набавка на израелска опрема за прислушување со што бил оштетен буџетот за околу 860 илјади евра. Меѓу обвинетите се Мијалков и Небојша Стајковиќ. Додека пак Владислав Стајковиќ се спомнуваше исто така во „бомбите“ за набавката на опремата преку фирмата НВСП.
Камчев, според доказите, го купил Бетон Штип не за да ја разработи компанијата, туку да извлече пари од неа. Преку продажба на имоти биле испрани 4 милиони евра. Поврзаноста на осомничениот Ванче Мијалчев во Империја е токму со Бетон Штип каде тој е член на Управниот одбор на компанијата.
„Кога тие купуваат компанија, целта не им е да ја работат туку да извлечат што можат од имотот на компанијата“, велат од СЈО.
Камчев и Мијалков се осомничени и за измама за акции на Фершпед.
Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во Фершпед, поради долг во Еуростандард банка преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска и било понудено преку физички лица да и бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од Фершпед.
За да ги продаде нејзините акции и на други вработени кои имале акции со цел новиот странски инвеститор да ја преземе Фершед од Штерјо Наков бил ангажиран брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договорил со Камчев да ја изиграат Трајковска и тоа да го наплатат, велат од СЈО.
Трајковска за продажба на акциите формира фирма со нејзината ќерка, а за управител бил назначен Ненад Јосифовиќ. Без нејзино знаење, како што велат од СЈО, Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се Ексико, Орка Холдинг и Тимох.
Еден од сопствениците на ЗКП Пелагонија е Тимох заедно со Ексико. Во одборот на ЗК Пелагонија освен Камчев и Мирчевски, се и Цветан Панделски и Јованче Тасковски, кои исто така се осомничени во случајот. Но, работата на Пелагонија, како што велат од СЈО, засега им е најмалку истражена.
Освен веќе обработените приливи на пари од странските сопственици на Ексико и Финзи во предистрага се уште осум офшор фирми поврзани со Камчев. Според СЈО, од тие офшор компании во Македонија на незаконски начин биле внесени дополнително речиси 4 милиони евра, а се изнеле околу 3 милиони евра.
Меѓу нив е и случајот со продажба на плацови на Водно кој се поврзуваше со поранешниот премиер Никола Груевски. Фирмата Сирах од Белизе преку кипарски банки пренела околу 1 милион и 300 илјади евра на фирмата ќерка во Македонија која има идентично име Сирах Инженеринг. Управител на фирмата е Ристо Новачевски, кој е кум на Груевски, а парите биле искористени за купување на плацевите на Водно. Камчев потоа преку Орка Холдинг ја купил компанијата и со тоа во негова сопственост станале и плацевите на Водно.
„Не знаеме дали плацевите се навистина на Камчев или пак на Груевски, но купени се со незаконски капитал кој е донесен од странство“, велат од СЈО.
СЈО поради основани сомненија преземало и истражни дејствија за стечајот на Медија Принт Македонија и Графички центар, како и начинот на кој со имот се стекнала Бест Веј Инвестмент, која е во сопственост на семејството на Мијалков.
Групата се распаѓа на крајот на 2017 година, а нејзините актери целосно се разединуваат во јуни, минатата година и како што велат од СЈО, сега сите се откажуваат од Ексико. Од СЈО изразуваат надеж дека ќе поднесат обвинение за истрагата. Под знак прашалник е надлежноста на СЈО за последните истраги по правното мислење на Врховниот суд за кое треба крајниот збор да го каже Собранието.
„Ако овие црни бизнисмени не бидат казнети, тогаш нема да имаме правна држава“, порачуваат од СЈО.
Основни индиции за предметот се добиени од прислушувани разговори меѓу братот на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков, Ана Камчева, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и новинарката Оливера Трајковска.
Истрагата на СЈО тргнала од сомнежите за криминал за плацот зад Рамстор. Таму наводно граделе холандски фирми. Како што се откривало клопчето, прислушуваните разгоовори ги довеле обвинителите на СЈО до почетоците на „Орка холдинг“. Така биле преземени истраги за пропаѓањето на „Орка-спорт“, „Орка-текстил“ и други во сопственост на сега покојниот Илија Камчев, таткото на Јордан Камчев. Овие фирми во 2002 биле однесени во стечај, а целиот имот пренесен на „Орка Холдинг“. Кога во 2002 им влегува инспекција на УЈП, било алармирано: „Немој да ги затворате фирмите, имаат имот, многу ѝ должат на УЈП!“ Овие наводно пропаднати фирми на Камчев на УЈП должеле 5.9 милиони евра неплатен данок. УЈП пишува дописи до Владата, но Камчеви успеваат да се прифати План за реорганизација со тоа што 75 отсто од побарувањата ќе бидат намирени, но во стока, не во пари. На УЈП ѝ припаднале два милиона евра конци, стари патенти, копчиња и стари костими за капење и стара спортска опрема, а три милиони евра се вратиле кај неговите фирми, кои преку своја офшор компанија од Лугано, ги основал во Македонија, Хрватска, Србија и САД. Се вратиле во фирмите на Камчев, зашто со изигрување на законот се јавиле како доверители. Камчев фактички сам си должел и си го вратил наводниот долг, со што спасил три милиони евра. Предметот во ОЈО за организиран криминал завршил со изјава за откажување од кривично гонење против Јордан Камчев поради немање докази, што не е засекогаш затворена истрага. Тој се извадил дека не ги носел одлуките сам, туку собранието на АД „Орка Холдинг“.
Во тоа време само осомничениот Ненад Јосифовиќ е во игра, а сѐ уште ги нема Орце Камчев, Сашо Мијалков и останатите. Јосифовиќ од записничар набргу станува управител на фирмите на Камчеви.
Освен овие 20 фирми во даночните раеви, тие имале и уште толку фирми на балканот и во земјава, значи едно 50 фирми биле на нивно име со кој знае колку капитал. Потсетување дека Камчев својот капитал го пренесе и во Бугарија со купување на најголемата болница во Софија, Токуда, која пред тоа беше изградена од јапонска фирма за медицински услуги.
Кој знае па каква улога во сиот овој криминал и милијардерот од Русија, газдата на Вардар Сергеј Самсоненко, кој пак главен бизнис му се кладилниците, и во самиот денешен извештај на СЈО за истрагата Империја се вели дека фирмите на Сашо и Мијалков купиле десетина плацеви во Гевгелија за казина.