Во Државниот инспекторат за животна средина биле предвидени вкупно 38 работни места, а во анализираниот период биле пополнети само 22 работни места. Околу 70отсто од возилата припаѓаат на класите со високи емисии на загадување, а од 10 до 18 отсто (што се смета за висок удел) припаѓаат на најстарата категорија на возила (ЕУРО 0), кај кои нема вграден систем за преработка на издувни гасови
АНЕТА ДОДЕВСКА
Загадувањето на воздухот, поставеноста на системот на управување со квалитет на воздухот, состојбата во Државниот инспекторат за животна средина, загадувачите, примената на европските стандарди – бројни прашања става под лупа новиот ревизорски извештај „Квалитет на воздух-кооперативна ревизија“ што го објави Државниот завод за ревизија. “Порталб“ објавува детали од спроведената ревизија.
МАЛКУ ИНСПЕКТОРИ Со извршените анализи на законската регулатива која била на сила во мониторираниот период, констатирани се бројни слабости поврзани со инспекцискиот надзор. Па така, ревизорот, меѓу другото наведува:
„Недостасува повеќегодишно планирање за инспекцијата во животната средина со кое ќе биде опфатена целата територија на земјата, односно планирањето ќе се врши на централно и на локално ниво. Различен статус и правила се применуваат за државните инспектори и за локалните овластени инспектори за животна средина во однос на нивните обврски“.
Согласно правилникот, во Државниот инспекторат за животна средина биле предвидени вкупно 38 работни места, а во анализираниот период биле пополнети само 22 работни места.
„Државниот инспекторат за животна средина се соочува со недоволен број на инспектори кои што можат да вршат надзор. Одредени одделенија кои треба да креираат предуслови за ефикасен инспекциски надозор, како финансии, правни работи, внатрешна ревизија, не функционираат во целост“ – се вели во ревизорската анализа.
Ревизорот нотира дека во анализираниот период биле формирани повеќе тела и инстиутуции надлежни за креирање на политиките за заштита на животната средина. Во 2012 година била формирана Интерсекторска работна група за кавлитет на воздрух, во која учествувале претставници на сите надлежни институции а потоа во 2013 година бил формиран Комитет за здравје и животна средина, во кој повторно учествувале повеќе ресорни министерства.
„И покрај инволвираноста на голем број на институции од различни области и нивоа надлежни за креирање на политиките и спроведување на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот, се уште не е воспоставен ефикасен и независен систем за надзор над имплемантацијата на мерките кои треба да се преземат“ – се вели во ревизорскиот извештај.
КОИ СЕ ЗАГАДУВАЧИТЕ Во април 2017, година на седница на Влада бил усвоен ревидираниот Национален план за намалување на емисиите на сулфур, и други загадувачки супстанции од постојните големи согорувачки инасталации, односно фирми.
„Најголемиот дел од големите согорувачки инсталации се од енергетскиот сектор, кои се користат за добивање на електрична и топлинска енегрија (термоцентрали), предизвикуваат значително загадување, а само неколку од нив се дел од индустрискиот сектор“ – се наведува во ревизорскиот извештај.
Според законските одредби, индустриите, со утврдена динамика и кртитериуми се обврзани да воведат стандарди поврзани со заштита на животната средина и соодветно на тоа да добијат интегрирана еколошка дозвола.
„До 31.12.2016 година биле издадени 121 интегрирана еколошка дозвола, од кои 76 биле А интегрирана дозвола а 45 добиле Б интегрирана дозвола. По барање на фирмите, Владата го пролонгирала процесот на воведување на еколошки доволи во: „Макстил“ за шест месеци, на „Југохром“ за две години, РЕК Битола и РЕК Осломеј добиле рок до крајот на 2017 година. Од сите наведени инсталации, само Макстил ги има исполнето сите активности во дполнителниот рок“ – се наведува во ревизорскиот извештај.
Еден од изворите на загадување Е и отпадот, односно депониите. Ревизорот констатира дека и операторите кои го складираат, третираат и прераборуваат отпадот имаат обврски за усогласување. Во периодот во кој е направена ревизијата се констатира следнава состојба:
„Ниту еден од операторите на постојните депонии немаат доставено барање за добивање дозвола за усогласување со оперативниот план“ – наведува ревизорот и констатира дека во земјава има 54 комунални депознии, кои ги загадуваат подземните води, почвата и воздухот.
„Од нив, според експертските проценки, 16 се со висок ризик, 16 се СО среден и 19 со низок ризик за животната средина. Има и над десеттина стари загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето кои живеат во нивна близина“ – се вели во извештајот на ревозорот кој потенцира дека единствено „Дрисла“ поседува А интегрирана еколошка дозвола.
Во секторот транспорт, најголемо влијание врз загадувањето на воздухот имаат емисиите од патниот сообраќај. Со повластениот увоз на половни возила во 2010 година, биле увезени голем број на возила кои не ги задоволуваат еколошките стандарди. Така, ревизорот наведува дека на крајот од 2015 година, околу 70% од возилата припаѓаат на класите со високи емисии на загадување, а од 10 до 18% (што се смета за висок удел) припаѓаат на најстарата категорија на возила (ЕУРО 0), кај кои нема вграден систем за преработка на издувни гасови.
Ревизорот, пишувајќи ја анализата за цело време упатува на европските стандарди и потсетува на европските регулативи, па така се нотира дека држава, членка на Европската унија, која ќе ги надмине дозволените граници на одредени загадувачки супстанци во воздухот, е подлежна на санкции, односно мора да плати одредена парична казна.
“Со оглед на тоа што Република Македонија не е земја – членка на ЕУ, не подлежи на санкции од страна на ЕУ, ниту постојат санкции на централно или локално ниво за не постигнување на целите утврдени со политиките за квалитет на воздухот. Ваквата поставеност на целокупниот систем не обезбедува преземање на брзи и ефикасни мерки“ – се вели меѓудругото во ревизорскиот извештај.
Во извештајот се анализира и состојбата со мерните станици, пришто и во овој сегмен се лоцираат низа проблеми, како нередовно одржување на инструментите и немање на резервни делови, што пак директно влијае врз објективната оценка за состојбата со загадувањето.