Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ИНСПЕКТОРИТЕ ОСТАНУВААТ „НЕДОПИРЛИВИ“, ЗА НИВ ИМА И НАВОДИ И „ДОКАЗИ“, АМА ГИ ШТИТАТ ДИРЕКТОРИТЕ

April 12, 2022 Filed Under: Македонија

Бадијала Инспекцискиот совет, кој е инспектор на сите инспектори во земјава, сакал да бидат поведени дисциплински постапки против четворица инспектори, за кои имал и основани докази дека несовесно работеле, во тоа не успеал, бидејќи нивните раководители кои всушност требало да ја поведат постапката, тоа одбиле да го сторат поради застареност на делата.

ИНСПЕКТОРИ НА ТЕРЕН Имаат тие и светли моменти – заедно со министерот Николовски на терен

Причина за ова е фактот што тие нивни дела застаруваат за само три месеци, како што е предвидено во Законот за административни службеници, а првите луѓе на инспекторатите во кои тие работат тоа го користат со цел да ги заштитат, и несовесните инспектори да куртулат од дисциплинските постапки.

Овој проблем го навел Инспекцискиот совет во својот Извештај за работењето за минатата година, кој веќе е доставен на разгледување пред народните избраници во Собранието.

Всушност, како што нагласуваат од Инспекцискиот совет, иако е донесен и новиот Закон за инспекциски совет, против овие инспектори повторно не може да се постапува. Затоа и Инспекцискиот совет ова го истакнува како еден од најголемите предизвици со кои се соочува.

Имено, согласно Законот за инспекциски совет, Советот може да поднесе иницијатива за утврдување на дисциплинска одговорност на инспектор, до директорот или до раководителот на инспекциската служба во која е вработен инспекторот. Но, токму директорот или раководителот треба да ја спроведе дисциплинската постапка, и тоа согласно со одредбите од Законот за административни службеници.

Врз основа на доставени претставки, за кои Советот утврдил дека се основани, биле поднесени четири иницијативи за утврдување на дисциплинска постапка за сторен дисциплински престап, и тоа три иницијативи за трудови инспектори кои биле испратени до Државниот инспекторат за труд, како и една иницијатива за земјоделски инспектор – до Државниот инспекторат за земјоделство.

Но, врз основа на повратните информации кои Советот ги добил, инспекторатите за сите нив утврдиле дека се застарени, согласно членот 78 од Законот за административни службеници.

„Во овој контекст треба да се нагласи дека искуствата од примената на новиот Закон за инспекциски надзор, во однос на дисциплинската одговорност, наиде на одредени предизвици. Имено, иако идејата на новиот ЗИН е дисциплинските постапки да се водат во инспекциската служба во која е вработен инспекторот, се чини дека одредбата од Законот за административни службеници, со која за тоа прашање одлучува раководното лице на институцијата, создава потешкотии и ја доведува во сомнеж непристрасноста на инспекциските служби“, се вели во Извештајот на Советот.

Оттаму нагласуваат дека Советот, пред да поднесе иницијатива заз почнување на дисциплинска постапка против инспектор, вложува сериозни напори и ресурси, прибира и анализира обемни материјали за постапувањето на инспекторот, и врз основа на тоа донесува одлука на седница.

Затоа и Советот смета дека е најдобро, кога тие ќе поднесат иницијатива за дисциплинска постапка за некој инспектор, неговиот шеф да мора да покрене постапка против инспекторот, односно тоа да биде задолжително за првиот човек на инспекциската служба.

„Во контекст на членот 78 од Законот за административни службеници, пак, кој ја дефинира апсолутната застапеност на делата и постапките, Советот смета дека утврдениот законски рок е прекраток“, се вели во извештајот.

Односно, тој рок на застарување е само три месеци, а поради спецификите во работењето на инспекторите, Советот смета дека тој рок мора да изнесува најмалку една година.

„Имено, рокот од три месеци е многу краток за Советот да може да обезбеди целосни и валидни податоци за конкретни случаи, со оглед дека почетните информации најчесто се резултат на известувањата односнои претставките кои се поднесени, кои, пак, најчесто не се доволни за да се покрене веднаш иницијатива“, потенцираат од Инспекцискиот совет.

Тие велат дека уште во 2020 година доставиле барање до МИОА да го измени Законот за административни службеници со цел да се отстранат ваквите пречки, но тоа сеуште не е направено.

Само врз еден инспектор од Државниот инспекторат за транспорт била спроведена дисциплинска постапка од неговиот директор, и врз него била изречена дисциплинска мерка, но таа била само писмена опомена.

Затоа Инспекцискиот совет ги повикува директорите на пооделните инспекторати, барем додека не се промени Законот за административни службеници, да не чекаат иницијативи од советот, туку ако имаат било каково сознание за инспекторите, веднаш да ги проверат тие наводи и ако се точни, да не чекаат и самостојно да преземат мерки против тие инспектори.

Инаку, од извештајот може да се види дека дури 121 граѓани и фирми минатата година се жалеле на работењето на инспекторите во земјава, кои ги сочинуваат неколкуте државни инспекторати.

Најмногу поплаки, односно дури 33 претставки, имало од работењето на просветните инспектори, а веднаш после нив следуваат трудовите инспектори, за кои биле поднесени 26 претставки.

Против државниот управен инспекторат биле поднесени 16 претставки, додека, пак, од работењето на пазарните инспектори лани имало 15 поплаки. Седум претставки биле поднесени против Агенцијата за храна и ветеринарство, додека, пак, пет претставки има против Државниот инспекторат за животна средина, говори извештајот.

Натаму, за инспекторите од Државниот санитарно-здравствен инспекторат биле поднесени три претстаки, а исто толку имало и за инспекторите за градежништво и урбанизам. По две претставки, пак, биле поднесени за инспектори од државнитге инспекторати за техничка инспекција, за транспорт, за земјоделство, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за млади и спорт.

А само по една претставка заработиле инспекторите од државните инспекторати за шумарство и ловство и за локална самоуправа, како и инспекторите од Министерството за труд и социјална политика.

Всушност, како што се наведува во Извештајот, лани Инспекцискиот совет разгледувал дури 384 претставки, каде што влегуваат и поплаките и жалбите, од кои 121 пртетставка се разгледувала токму на работењето на инспекторите.

Додека, пак, 230 претставки биле испратени токму со барање да се изврши Инспекциски надзор, и врз основа на нив Инспекцискиот совет издал 19 налози за вршење на поединечен или заеднички инспекциски надзор, додека другите се препратени до поединечните инспекциски служби.

Од овие претставки може да се заклучи дека граѓаните и фирмите најмногу барале да дејствуваат пазарните инспектори, за кои се испратени дури 73 претставки за барање за дејствување.

Потоа, до Државниот трудов инспекторат бикле испратени 30 барања за дејствување, што значи дека тие се втори по ред кои се бараат за да постапуваат, а 20 претставки се препратени до Државниот управен инспекторат.
На општинските инспектори, пак, им се препратени 31 барање за дејствување, по поднесените претставки од граѓаните и фирмите.

„Компаративно, вкупниот број на пристигнати пртетставки, 384 во 2021 година, во однос на 2020 кога биле 367, бележи незначителен пораст од само 4 проценти. Тоа упатува на зголемување на довербата која граѓаните ја имаат во Инспекцискиот совет, и препознавање на неговата улога во инспекцискиот систем на земјава, особено ако се има предвид дека најголемо зголемување од околу 163 отсто има кај претставките кај државните инспектори, односно тие биле 121 претставка лани, наспроти 46 во 2020 година“, се вели во Извештајот на инспекцискиот совет за минатата година.

Граѓаните и фирмите пак, помалку се жалеле на општинските инспектори, односно кај нив има тренд на намалување на претставките за работите кои се од надлежност на општините.

(Н.Н.Ф – Фактор)

Filed Under: Македонија

ПАДНАВМЕ ПРЕД ЦЕЛТА
ХЈУМАН РАЈТС ВОЧ: БАЛКАНОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО ПАРКИНГ ЗА МИГРАНТИТЕ
ОД ДЕЈТОН ДО НОН-ПЕЈПЕР: КАДЕ Е БИХ 30 ГОДИНИ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОЈНАТА
НАБИТА СУБИОТО: СО РАБОТА И ЉУБОВ 40 ГОДИНИ ЈА ОДРЖУВАМЕ МАКЕДОНИСТИКАТА  ВО СЛОВЕНИЈА
ПУТИНОВ ПОКЕР ИЛИ РУСКИ РУЛЕТ (130): МОСКОВСКИТЕ ШПИОНИ ОДАТ СЕ ПОДАЛЕКУ

Најново

  • ПАДНАВМЕ ПРЕД ЦЕЛТА
  • ХЈУМАН РАЈТС ВОЧ: БАЛКАНОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО ПАРКИНГ ЗА МИГРАНТИТЕ
  • ОД ДЕЈТОН ДО НОН-ПЕЈПЕР: КАДЕ Е БИХ 30 ГОДИНИ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОЈНАТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet