ФАТМИР БЕСИМИ
Интеграцијата на енергетските пазари е замислено преку интеграција на регионалниот пазар на електрична енергија со оној на ЕУ.
Интеграцијата кон единствениот дигитален пазар на ЕУ беше еден од сегментите на Единствениот европски пазар за кој уште на почетокот беше посочено дека ќе биде отворен за земјите од регионот. Ќе се разгледа можноста за продолжување на договорот помеѓу регионот и ЕУ за намалување на трошоците за роаминг, а исто така, ќе се зајакне соработката кај сајбер безбедноста, но и интегрирање на европскиот пазар за дигитални доверливи услуги, како дигитален иденитет и сл.
Интеграцијата во индустриските синџири на снабдување, се состои во развој на стратешки партнерства кај синџирите на вредност на одржливи суровини (вклучувајќи батерии), како и во снабдувањето со одредени критични лекови.
Регионална интеграција за дополнителни 10% економски раст
Иако повеќе простор посветив на образложувањето на поволностите од Единствениот европски пазар, мора да се напомене дека исклучителен потенцијал за раст носи и регионалната интеграција, која е всушност вториот столб од Планот за раст на ЗБ. Според една студија која ја направи Светската банка, БДП на регионот може да се зголеми во просек за 10%, како резултат на регионалната интеграција. Исто така, Заедничкиот регионален пазар се заснова на правилата и стандардите на ЕУ, оттаму е значаен механизам за напредок во пристапните преговори. Наједноставно речено, ЕУ ќе ни обезбеди можности за интеграција кон Единствениот европски пазар, доколку прво ја завршиме задачата кај регионалната економска интеграција.
ФИНАНСИСКИ ПАКЕТ ОД 6 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Тука веќе се надоврзуваме на третиот и четвртиот столб од Планот за раст на Западен Балкан, односно реализацијата на реформите и соодветната финансиска поддршка која ќе се отклучи со реформите. Имено, ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка од 6 милијарди евра во периодот од следните четири години од кои 2 милијарди евра во форма на неповратни грантови и 4 милијарди во форма на заеми со поволни услови, кои ќе се обезбедат со ребаланс на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ. Од овие средства, 3 милијарди евра ќе бидат достапни како директни заеми за националните буџети, додека 3 милијарди евра ќе бидат наменски за поддршка на инвестициони проекти преку Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), од кои 2 милијарди евра во вид на грантови и 4 милијарда во вид на заеми. Овие средства ќе бидат насочени кон инвестиции во транспортот, енергетиката, дигитализацијата, едукацијата и развојот на вештини, додека 37% од грантовите ќе бидат насочени кон зелени проекти, односно за исполнување на климатските цели. Исплатите ќе бидат извршувани два пати годишно, согласно исполнувањето на социо-економските реформи од страна на земјите.
РЕФОРМСКА АГЕНДА Реализацијата на третиот и четвртиот столб кај нас ќе ги следи Министерството за финансии, кое ќе биде координатор на Реформската агенда. Реформската агенда ќе се однесува на структурните реформи од најновата Програма за економски реформи (ЕРП) и поврзаните Заеднички заклучоци договорени на Економско – финансискиот дијалог, како и ревидираната методологија за проширување и најновиот пакет за проширување и Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан. Таа ќе идентификува приоритетни реформи, кои ќе служат како услови за ослободување на финансиски средства од ЕУ, според однапред утврдена временска динамика.
По усвојување на Реформската агенда од страна на ЕК, на секои 6 месеци, Министерството за финансии ќе поднесува барање до ЕУ за повлекување средства, додека ЕУ ќе следи дали се исполнети условите за траншата согласно што целосно или делумно ќе ослободува средства, според степенот на исполнување на условите. Се очекува за Северна Македонија да бидат доделени 860 милиони евра, од кои околу третина треба да бидат неповратна поддршка за инфраструктурни инвестиции.
ВЕТЕР ВО ГРБ НА ЕКОНОМИИТЕ ВО РЕГИОНОТ Поддршката од ЕУ преку овој План за раст е значаен ветер во грб за економиите на Западен Балкан, економии во развој, кои не така одамна го минаа транзицискиот период, а потоа и голем број на кризи од глобален карактер и геополитички кризи, кои дополнително го оптоварија процесот на конверегенција.
Сепак, овие економии се покажаа како жилави. Последните кризи, од пандемијата наваму, земјите од Западен Балкан успеаја успешно да ги пребродат и да се задржат на патеката на раст и приближување кон поразвиените економии (иако поспоро од посакуваното). На пример, во 2023 година пазарот на труд во регионот продолжи да зајакнува со нови 103000 работни места од средината на 2022 и 2023 година. Но, структурните пречки потојат и тие треба да се адресираат, вклучително и на пазарот на труд (значаен родов јаз и се поголем недостаток на работна сила). Тука се и климатските промени и нивното влијание врз повеќе економски гранки, фискалната одржливост, дигитализацијата и унапредувањето на државниот апарат, како дел од структурните предизвици кои треба што поскоро соодветно да се одговорат.
На крајот, би сакал да истакнам дека сега имаме историска шанса и од аспект на напредување во евроинтеграцискиот процес и од аспект на обезбедување на социо-економски услови согласно ЕУ примерот и во нашата земја. Треба да работиме напорно и да имаме општа свест за да ја искористиме оваа шанса. Секој функционер, државен службеник, политичар, општествен чинител, граѓанин треба да ја препознае својата улога и одговорност во создавањето на подобро утре во оваа држава. Тоа значи носење на ЕУ дома, односно општество и економија кои ќе функционираат според европски вредности и правила и тоа значи станување дел од ЕУ што е можно побргу. Европа дома – Побрзо!