Во Клубот за пријателство се собраа бугарски и македонски интелектуалци, бидејќи, сметаат дека нивниот ангажман може да помогне во решавањето на билатералниот спор околу идентитетските прашања. Деечев предлага формирање на историска комисија во сенка
СОФИЈА ПОПОВИЌ
Мината сабота се одржа првата виртуелна средба на бугарски и македонски интелектуалци, собрани во Клубот на пријателство. На средбата се разговараше за начините на кои може да се подобрат односите меѓу двете земји. Овој клуб обединува интелектуалци од различни области од двете земји, од историчари до бизнисмени.
Иако не очекуваат пресврт за недела-две, убедени се дека постојаниот дијалог може да помогне за побрз договор меѓу двете страни што би го деблокирал процесот на европска интеграција на Северна Македонија.
Во три наврати, и покрај големиот притисок од меѓународната заедница, Бугарија стави вето на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија.
Бугарија инсистира на „дебугаризација на Македонија“. Според формулираните барања на Софија, тоа практично значи дека Северна Македонија треба да признае дека нејзиниот идентитет е создаден дури по 1945 година.
Историчарот од Софија и член на Клубот за пријателство, Стефан Дечев, оценува дека двата народа се „многу блиски, но знаат многу малку“. Тој смета дека оваа платформа со своите напори може да ги намали постоечките тензии и да помогне за европската иднина на двете земји.
Дечев најави дека Клубот за пријателство ќе формира и историска комисија во „сенка“, која ќе им помогне на официјалните историски комисии на Софија и Скопје да најдат начин за решавање на спорот.
Бугарија е незадоволна
По 30 години тензии со Грција за името, потпишувањето на Договорот од Преспа во 2018 година го смени името на македонската држава во Северна Македонија. Грција е задоволна со префиксот „северна“ затоа што направила доволна разлика меѓу „македонски Словени“ и поранешни „антички Македонци“. За возврат, Северна Македонија доби договор за задржување на нивниот идентитет и јазик „македонски“.
Меѓутоа, Бугарија наеднаш станала незадоволна од таквиот предлог, инсистирајќи дека македонскиот јазик како таков бил кодифициран дури по 1945 година, а пред тоа бил бугарски. Затоа, со отстранувањето на ветото, Бугарија бара од Северна Македонија да признае дека Македонците и нивниот јазик настанале дури по 1945 година.
Македонците не се Бугари
Од друга страна, Македонците, кои го чувствувале и зборувале македонскиот јазик пред 1945 година, веруваат дека тоа ќе ја потврди бугарската теза: дека Македонците се всушност Бугари.
Јазикот не е единствената точка на расправа. Иако Бугарија неспорно ја окупираше територијата на денешна Северна Македонија за време на Втората светска војна, а многумина се сеќаваат на големите жртви на таа окупација, Софија бара да се користи терминот „бугарска администрација“ наместо „бугарска фашистичка окупација“. Спорно е и дали одредени херои како Гоца Делчев биле „Македонци“ или „Македонски Бугари“.
Новите премиери на Бугарија и на Северна Македонија, Кирил Петков и Дмитар Ковачески најавија „нормализација на односите и нова енергија“ во преговорите што треба да резултираат со откочување на евроинтегративниот процес во северна Македонија. Но, и по нивната средба во јануари годинава, која беше оценета како историска, се уште нема формален напредок.
Останува неизвесно дали Бугарија ќе гласа „за отворање на преговорите“ на крајот од француското претседателство со Европската унија, што е прва можност европските лидери да разговараат за иднината на европскиот пат на Северна Македонија. За отворање на преговорите потребна е согласност од сите 27 земји-членки на ЕУ.
Прва дигитална телеконференција на македонски и бугарски интелектуалци, општествени работници, новинари и претприемачи ќе се одржи во вторник во прес-клубот на БТА во Софија и во Институтот за Општествените и хуманистичките науки во Скопје.
– На дигиталната телеконференцијата ќе биде објавен Заеднички документ за зближување и соседство, кој ќе биде патоказ за градење целосен процез за зближување меѓу двата народи и двете земји обединети во нова мрежа на клубови за бугарско-македонско пријателство во двете земји, се вели во соопштението од организаторите испратено до дописникот на МИА од Софија.
Целта е да се создаде активно граѓанско општество со претставници од Бугарија и Северна Македонија, кои ќе работат на зближување на двете општества врз основа на европските вредности. Исто така, целта на Клубот за бугарско-македонско пријателство е да организира академски, културни, спортски и секакви средби на граѓаните на двете земји за да се подобри меѓусебното познавање, разбирање, пријателство и добрососедство.
-Целта е да се извлечат бугарско-македонските односи од „ќорсокакот“ во кој моментално се наоѓаат како резултат на засилениот дијалог во сите области, да се отстранат од тесните политички и дипломатски кругови, како и од оние кои се под контрола на властите или одредени тајни центри „во двете земји, кои отворено работат против добрососедската политика.
Меѓу основачите на Клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експерт за одбрана и поранешен министер за одбрана на Бугарија Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени Канев, светски познатата тенисерка Мануела Малеева, режисерот Јавор Гардев, советникот на првиот демократски избран претседател на Бугарија Жељу Желев за етнички прашања, Михаил Иванов.
Од македонска страна на иницијативата се приклучуваат филозофката Катерина Колозова, политикологот Љубчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Зајковски, како и поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.
Меѓу основачите се Бугарскиот културен клуб – Скопје, Културно-просветното друштво Вардар и Здружението на граѓани за промоција, издаваштво, иницијативи и меѓународна соработка „Дело“. Како што наведуваат организаторите во нивното соопштение до дописникот на МИА во Софија, учесник во клубот може да биде секој кој за тоа ќе се пријави на веб-страницата www.bgmkclub.eu или на електронската пошта bgmkclub@gmail.com.
(Ал Цазера – Телма)