Ваквите листи на „умни нации“ секако се такви што од нив се оградуваат и самите истражувачи
Според анализата на World Population Review во изучување на факторите на интелигенција за 132 земји научникот од Британија – психологот Ричард Лин проценил дека сме на 108 место со коефицињент 81,89. Ние сме далеку под нивото на другите балкански земји
Словенија е на 23. место, Срб ија се најде на 56. место со коефициент на интелигенција 89,6, Босна и Херцеговина е на 66. место со 88,54, Црна Гора на 82. место со 85,78, а Албанија е на 109. место со 81,75.
Добрата страна на овој лош резултат е во тоа што веднаш објаснува зошто ни се случуваат некои работи за кои умниот не би се ни сетил!
Добро, изворот сепак, се оградува од својот извештај, објавува Нова Македонија на 11 ноември годинава, појаснувајќи дека методот со кој тие добиваат податоци за коефициентот на интелигенција не е единствениот, односно постојат многу различни начини за „пребарување на најпаметните земји во светот“, а многу од нив воопшто не се поврзани со тестирањето на коефициентот на интелигенција.
Сепак, објавувањето и вакви методолошки недоследни податоци ѝ нанесува штета на Македонија, претставувајќи ја како држава со граѓани со потпросечна интелигенција од сите во регионот. Вистинското тестирање на коефициентот на интелигенција подразбира долгорочен процес со примена на универзални методи, кои најдобро ќе ја покажат интелигенцијата на граѓаните, наместо да креираат лажна перцепција за интелигентни и помалку интелигентни држави.
Волунтаристички приод и методологија, но лиферуваните резултати ја постигнуваат целта
За социологот Илија Ацевски проблематично е самото истражување од аспект колку е применета истата методологија за секоја земја одделно, но и колку се земени особеностите и состојбите во државите.
– Искрено не верувам дека македонските граѓани се на дното на скалата според коефициент на интелигенција, особено од земјиве во регионот. Ние сме на исто ниво како и секоја друга нација што имала сопствен процес на формирање, со таа разлика што овој процес кај нас се одвивал малку подоцна, но тоа во никој случај не ни ги намалило нашата енергија и нашата интелигенција во однос на другите – вели Ацевски.
Тој се согласува дека кога се работи според нестандардизирани методи се доаѓа до погрешна перцепција и не се отсликува реалната состојба.
– Прво, спорен е методот, кој не е универзален, потоа треба да се земе предвид и состојбата во секоја земја, спорни можат да бидат и податоците што ги лиферуваат тамошните институции, така што општо земено не треба премногу да се оптоваруваме со ваквиот извештај. Има многу импровизации во самото истражување, а дека токму ние излегуваме од тие рамки, навистина се сомневам – појаснува Ацевски.
Тој додава дека донекаде и самите оставаме простор да бидеме третирани како неинтелигентна нација, но тоа е резултат единствено на погрешно воспоставениот систем во државата.
– Кога сте свесни за одреден проблем, знаете дека постојано ви се повторува и продолжувате ништо да не преземате да го решите, тогаш тоа може да биде одлика на некаква неинтелигенција. Но, за жал, кај нас политиката е инволвирана во сè, не дозволува институциите да бидат водени од луѓе назначени според мерит-системот врз основа на нивната способност и интелигенција, така што кога некој однадвор ги набљудува работите му изгледа дека тука се прават глупави работи. Всушност, политиката е најнеинтелигентната работа тука – истакнува Ацевски.
Набљудувано низ една поширока социолошка гледна точка, за него македонските граѓани според коефициентот на интелигенција не заостануваат зад оние што се високо на скалата на интелигентни народи.
– Ние не се разликуваме многу ниту од Германците ниту од другите, но системот нè прави да бидеме помалку вредни и помалку интелигентни. Кога нашите луѓе ќе појдат во Германија, Германците се воодушевени околу тоа колку Македонците се работлив и вреден народ, а особено ја истакнуваат нашата способност да наоѓаме решенија во секаква ситуација и да се снаоѓаме во согласност со сите услови. Македонците котираат многу високо на таа скала за снаоѓање во Германија, а тоа никако не е одлика на неинтелигенција – заклучува Ацевски.
Но не се многу поумни и новинарите. Некои редакции се обидоа да ја променат листата со изменети, практично фалсификувани коефициенти….