ДЕНКО МАЛЕСКИ
Такер Карлсон, некогашен новинар на „Фокс њуз“, кој го поддржува Доналд Трамп, беше затечен со долгото ламентирање на Путин врз историјата на Русија и на Украина, но и неук да му парира на неговите тези дури и од поновата историја на Европа
Двочасовното интервју на рускиот претседател Путин беше составено од два дела: делот посветен на историјата, како што би се очекувало од „нашиот Исток“, кој траеше околу 40 минути, и делот посветен на војната во Украина. Се разбира, и историјата и најновите настани беа ставени во одбрана на неговата одлука од пред две години, воено да се интервенира во Украина.
Такер Карлсон, некогашен новинар на „Фокс њуз“, кој го поддржува Доналд Трамп, беше затечен со долгото ламентирање на Путин врз историјата на Русија и на Украина, но и неук да му парира на неговите тези дури и од поновата историја на Европа.
Путин кој, откога доби уверување дека станува збор за „сериозен разговор, а не за ток-шоу“, почна со настани од пред илјада години, со тврдењето дека во 862 година е „востановена руската држава“. Инаку, тоа е годината кога Рурик, принц од Скандинавија, е повикан да го управува градот Новогород престолнината на Рус, од кои потекнуваат денешните Руси. Оттука натаму интервјуто беше во служба на докажување на континуитетот на руската држава и нација, наспроти онаа „измислената“ Украина која е „креирана“ во дваесеттиот век.
Истакнати западни историчари го окарактеризираа овој дел од говорот на рускиот претседател како селективна злоупотреба на историјата за да се оправда инвазијата врз Украина. Исто како што неговиот познат есеј од 2021 насловен „За историското единство на Русите и Украинците“, беше интелектуално оправдување за инвазијата една година подоцна.
Според Путин, Украина е вештачка држава создадена од Ленин и од Сталин во 20 век, на која ѝ се доделени територии врз кои нема историско право. Одговорот на современата историска мисла е дека, во смислата во која говореше Путин, секоја држава е вештачка и е создадена низ еден историски процес. Така и Русија која била креирана од руските цареви, во освојувачки походи за колонизација на Сибир, а на сметка на локалната популација, на пример, е вештачка творба.
Америка со своите бранови доселеници, освојувајќи територии од Атлантикот до Пацификот, на сметка на Индијанците, а особено со зделката да се купи територијата на Алјаска од Русија, е вештачка творба пар екселанс.
Такер Карлсон, да повторам, тотално неспремен и неук не само за историјата на Русија, туку и за настани од Втората светска војна, како ученик во клупа со раширени очи и подотворена уста ги следеше долгите монолози на рускиот претседател. „Корисен идиот“ го нарекоа луѓето од неговата фела.
Нема сомнение дека кај домашната руска публика, која е подеднакво „зависник“ од историјата како и Путин, неговото интервју ќе наиде на одобрување, но се сомневам дека тие 40 минути посветени на имиња на владетели од пред илјада години можат да значат што било за западните гледачи, освен здодевност.
За западна интелектуална публика (како што вели еден британски историчар, имено дека во историјата можете да најдете потврда на секоја современа теза) проекцијата на современата руска држава и нација наназад во историјата, беше неубедлива. Затоа остана впечатокот дека сето кажано беше за да се оправда руската агресија врз Украина. Зашто, независно од историските факти, кои Путин му ги подари на новинарот во една папка, ниту еден факт не може да биде оправдување за инвазијата и за распарчувањето на една земја во денешна демократска Европа, континент посветен на мир, соработка, демократија и правна држава.
Тоа мислење го делат и жестоките критичари на американската политика кон Русија, како Чомски, Мершајмер, Сакс, Волт и други. А сепак, како Путин да се повикуваше токму на нивната беспоштедна критика на американската надворешна политика со крунскиот аргумент – планот за проширувањето на НАТО во Украина.
Што вели научната мисла за меѓународната политика? Кенет Волтс, основач на неореалистичката теорија за меѓународните односи, ги дефинира големите сили според население и територија, располагање со ресурси, воена моќ, економски капацитети, политичка стабилност и способност. Неговиот колега Џон Мершајмер вели: заборавете на идеологијата или на историјата, на демократија или на автократија и гледајте на големите сили како на „црни кутии“. Во анархичната структура на меѓународниот систем, големите сили се во перманентна трка за акумулација на моќ. „Трагедијата“ на политиката на големите сили е што дури и оние што сакаат само безбедност за себе се принудени на натпревар и конфликт со ривалските големи сили. Овие аксиоми на науката за меѓународната политика ги има поставено Тукидид пред повеќе од 2.500 години, следејќи ја одблиску војната помеѓу Атина и Спарта. Вистинската причина за Пелопонеските војни, пишува тој, е стравот. Стравот дека ако Спарта дозволи Атина да изгради моќен ѕид околу својот град ќе може да ја нападне во, за неа, најповолниот момент. Слично и со експанзијата на американската моќ во Украина. Во интервјуто Путин ги повтори заклучоците на американските научници, критичари на надворешната политика на сопствената земја, луѓе како Џефри Сакс, Џон Мершајмер, Ноам Чомски или Стивен Волт. Имено, дека причината на војната е стравот на Русија ривалската голема сила да не ја проектира својата моќ во соседна Украина. И дека грешката е направена кога Америка, раководена од либералните начела на правото на секој народ да може да избере со кого ќе се сојузи, не помалку и од желбата да ја ослаби ривалската голема сила, решила и Украина да ја направи членка на НАТО.
Тогаш, „црната кутија“ Русија, чувствувајќи егзистенцијална закана од „црната кутија“ Америка, трга во акција да ѝ парира на заканувачката сила, го распарчува соседот и окупира негови територии.
(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)