Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ИНТЕРВЈУ: САНДРА ГРИБОВСКА ИЛИЕВСКА

June 12, 2024 Filed Under: Ревија

Стеријината награда за најдобра млада актерка за мене дојде во вистинското време и ми потврди дека талентот и трудот биваат препознаени и наградени, и ми даде мотивација и елан да продолжам да се надоградувам, да создавам и , најважно од се’, да останам своја – вели наградената

ВОЗБУДЕНА Актерката признава дека била возбудена кога ја примила оваа награда, која се совпаѓа со јубилејот – 80 години од постоењето на Битолскиот театар

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Сандра Грибовска Илиевска е актерка од помладата генерација, вработена во НУ Народен театар – Битола. Своите први професионални улоги ги остварува во соработка со Мал драмски театар, уште додека студира на Факултетот за драмски уметности. Соработката со Народен театар – Битола ја започнува во 2015 година и оттогаш па сè до денес има остварено бројни улоги и соработки со еминентни режисери од земјата и странство. Надвор од рамките на Битолски театар, со режисерот Јован Ристовски – Јовица соработува и на првите претстави на знаковен јазик во Македонија. На 69. Стеријино позорје, во Нови Сад е добитничка на наградата за најдобра млада актерка.

Добитничка сте на наградата од фондот „Дара Даринска Чалениѓ“,за улогите на малата сестра,   Алиса,   Снежана   и   Марика   во   претставата   „Брод   за   кукли“ на Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ. Што значи оваа награда за вас?

-Да се добие Стеријина награда е навистина големо театарско достигнување за било која актерка или актер, особено од помладата генерација. Стеријината награда, за мене е поттик да продолжам да работам на себе и приватно и професионално, и да се вложувам безрезервно во својата професија. Живееме во непредвидливо и нестабилно време, во кое станува сѐ полесно да заборавиме која е вистинската цел на театарот и на уметноста воопшто. За мојот живот да не стане низа на промашени бајки, јас морам постојано да се прашувам и  потсетувам зошто избрав да се занимавам со театар, да излегувам од комфор зоната, и да одбивам да станам роб на конформизмот, кој е се поприсутен и кој пенетрира длабоко во секоја сфера на нашето живеење.

Така што, Стеријината награда за најдобра млада актерка за мене дојде во вистинското време и ми потврди дека талентот и трудот биваат препознаени и наградени, и ми даде мотивација и елан да продолжам да се надоградувам, да создавам и , најважно од се’, да останам своја.

Опишете ни дел од атмосферата на свеченото затворање на Стеријино позорје, за тоа како помина претставата „Брод   за   кукли“  на   фестивалот,   пресот   и   критиката   на тркалезна маса?

-Атмосферата на свеченото затворање на Стеријино позорје беше прекрасна,   и   ми претставуваше огромна чест да стојам на сцената на СНП заедно со големи   театарски таленти од целиот Балкан. Искрено, бев неописливо возбудена и имав многу трема кога ми ја врачија наградата. Сега, кога се сеќавам на свеченото доделување на наградите, не сум сигурна дали сонував еден прекрасен сон, или тоа навистина мене ми се случи. Бев збунета, неизмерно среќна, и низ мене поминаа безброј емотивни состојби за кои долго ќе раскажувам и кои ќе ги паметам цел живот. Изведбата на претставата „Брод за кукли” на Стеријино позорје помина одлично, и мислам дека тимот позади претставата го даде најдоброто од себе. Имавме преполна сала и игравме со уживање. При создавањето на едно уметничко дело свесни сме дека тоа нема да го има истиот ефект и влијание врз секого. После претставата, а и после свеченото доделување на наградите, добив многу позитивни критики за мојата улога, а и за претставата во целост. Се разбира, постоеја и забелешки и коментари за целиот концепт, како и за поединечни делови од целата претстава кои, ние уметниците, мораме да ги земеме во предвид, без разлика дали се согласуваме со нив или не.

Со режисерот Конан Младеновиќ не соработувате првпат?

-Да, не ми е прв пат да работам со Кокан Младеновиќ, односно, ова е наша втора соработка. Се запознавме кога работевме на претставата  „Ноева Македонија,”   и   имавме одлична соработка и на таа, како и на оваа претстава. Бев радосна кога разбрав дека Кокан доаѓа повторно во нашиот театар, и дека овој пат го избрал безвременскиот „Брод за кукли” на Милена Марковиќ. Морам да споделам, дека Милена е една од моите омилени поетеси и автори, и од почеток бев спремна да се предадам на процесот.

Што претставуваат Вашите ликови во „Брод за кукли“?

-Во „Брод за кукли” ги играм улогите на Малата Сестра, Алиса, Снежана и Марика. Сите овие ликови од бајките ја претставуваат жената-уметница во различни мигови од нејзиниот живот, на кој таа се сеќава како на низа неостварени прилики, или бајки кои немаат среќен крај. За да ги изградам улогите, се вратив во своето детство, кога и јас едвај чекав да пораснам и да го   направам она што никој не го направил. Го побарав детето во   себе, она дете кое е љубопитно и сака се да проба, кое своеглаво верува дека ќе го промени светот и кое по секоја цена сака да ја отвори вратата од забранетата соба и да се сретне со ѕверовите кои ја плашат и кои ќе и го променат животот.Ја побарав во себе и девојката-тинејџерка која е бунтовна и мисли дека знае се, која не подлегнува на наметнатите општествени принципи, која им пркоси на правилата, која се вљубува и која   се   разочарува, која е деградирана, навредувана и исмејувана од опркужувањето, и која сфаќа дека животот е едно сурово патување, борба која завршува со смррта. Ова е девојче-девојка-жена која е жедна за живот, која незапирливо трага по смислата на сопствената егзистенција и која во себе носи една чудесна поетика која и дава сила и која ја издвојува од остатокот од светот.

АНДРАШ УРБАН Режисер кој оставил најсилeн впечаток во соработката врз Грибовска Илиевска

Кои се вашите актуелни ангажмани во матичниот театар?

-Мојата последна претстава на сцената на Народен Театар – Битола е „На дното” од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани. Со Ќендрим соработувавме и на „Артуро Уи“, што значи ова е втора наша соработка. „На дното” е и во овогодинешната селекција на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, така што ме очекува уште едно гостување, овој пат на домашен терен. Во текот на изминатите години имав прилика да соработувам со одлични режисери од Македонија, но и од целиот Балкан. Меѓу најдрагите ми се соработките со Андраш Урбан, со кој ми се случи една од моите најзначајни претстави „Доктор Фауст” и која ја нарекувам свое театарско крштевање. Покрај неа би ја издвоила и „History of Motherfuckers”, мојата втора соработка со Урбан.

 

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet