Во ексклузивно интервју за ЦивилМедиа, амбасадорката на Украина, Лариса Дир, зборува за најновите предизвици со кои се соочува нејзината земја, за клучната улога на меѓународната поддршка и за тоа како Украина продолжува да се спротивставува на руската агресија. Во овој разговор, амбасадорката Дир сподели ставови и информации за крајно алармантните руски закани за нуклеарната безбедност на Украина, но и на целиот свет, геополитичките контексти на руската воена агресија и отпорот на украинскиот народ

ЦИВИЛ МЕДИА: Ова интервју го започнуваме со прашање поврзано со крајно вознемирувачките вести за рускиот напад на Чернобилската нуклеарна централа (ЧНЦ). Што се случува? Како е можно, од една страна, руската страна да тврди дека е спремна за преговори, а од друга страна да изврши ваков напад?
ЛАРИСА ДИР: Точно е, се работи за крајно вознемирувачки напад. На 14 февруари 2025 година, рускo беспилотно летало со експлозивна борбена глава удри во арката на новиот безбеден конфајнмент (НБК), кој беше изграден над разрушениот во 1986 година четврти енергетски блок на Чернобилската нуклеарна централа.
Овие дејствија на руската федерација доведоа до нагла ескалација на радиолошката опасност, која претставува сериозна закана не само за Украина, туку и за другите држави во светот.
Целосно намерниот напад на Русија, кој резултираше со директен удар врз објектот на нуклеарната инфраструктура – заштитната обвивка на Арката НБК на Чернобилската нуклеарна централа – претставува невидена закана за нуклеарната безбедност на целиот свет. Овој напад уште еднаш ја потврдува целосната негрижа на Русија за какви било норми на меѓународното право.
Руската армија свесно лансира борбени дронови над ЧНЦ, постојано експериментира со висината на нивното летање и претставува директна нуклеарна закана за целиот свет. Фактот за нападот е документиран од страна на експертите на постојаната мониторинг мисија на МААЕ, кои се присутни на локацијата на ЧНЦ.
Како ќе ја оцените реакцијата од меѓународната заедница по уништувањето на заштитната конструкција на реакторот? Дали добивте некој официјален став од македонска страна?
– Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, даде изјава во врска со рускиот напад врз ЧНЦ, во која, меѓу другото, истакна дека напад врз нуклеарен објект е апсолутно неприфатлив и дека такво нешто никогаш не смее да се случи.
Тој исто така забележа дека овој инцидент се случи во услови на зголемена воена активност во регионот на Запорижската нуклеарна централа.
Украина ја цени работата на МААЕ, која останува посветена на својата мисија и прави сè што е можно за да спречи нуклеарна катастрофа. Бидејќи нуклеарната безбедност останува под сериозна закана, важно е сите партнерски држави да дадат реакција на овој опасен инцидент. Очекуваме и македонската страна да ја изрази својата официјална позиција по ова прашање.
Мир преку сила е главната порака на делегацијата на Украина, предводена од Претседателот Зеленски, на Минхенската конференција за безбедност, каде што Украина беше централна тема. Можете ли накратко да го претставите ставот и пораките на Украина од овој важен меѓународен безбедносен форум?
– Да, темата за поддршката на Украина беше една од централните теми на овогодинешната Минхенска безбедносна конференција.
Веројатно Ви е познато дека украинската делегација беше предводена од Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој нагласи колку се важни безбедносните гаранции за Украина од САД и Европа, вклучително и разместувањето на воен контингент од земјите-партнери на територијата на нашата држава, со цел да се спречи можноста за повторна инвазија од страна на Русија.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига, за време на своето излагање на панел-дискусијата „Peace Through Strength: A Plan for Ukraine“ („Мир преку сила: План за Украина“), потенцираше дека силна Украина е клучот за обезбедување на регионална стабилност и воспоставување на сеопфатен, праведен и одржлив мир.
Во овој контекст, нашиот Министер ја истакна важноста на трансатлантското единство во однос на безбедносните гаранции за Украина, имплементацијата на принципот „мир преку сила“, силното лидерство на САД, зголемениот притисок врз русија, особено преку санкцискиот режим против државата-агресор, конкретни чекори за користење на замрзнатите државни руски средства и контрола врз приходите од продажбата на нафта.
Како ќе ја оцените позицијата на високите државни претставници на Конференцијата?
– Доколку се даде општа оценка, тогаш, на пример, министрите за надворешни работи на државите од Групата 7 ја истакнаа глобалната природа на вооружената агресија на Русија против Украина.
Тие нагласија колку е важно да се зајакнат санкциите против Русија, вклучително и пренесувањето на замрзнатите руски средства на Украина како компензација за штетите предизвикани од руските злосторства. Дополнително, беше акцентирана потребата од навремено снабдување со доволно вооружување и воена техника, како и – што е особено важно за нас – развојот на украинскиот одбранбено-индустриски комплекс.
Се разбира, посебно внимание беше посветено на многу опасните предизвици што произлегуваат од соработката меѓу Русија, Иран и Северна Кореја (КНДР).
Разбирлив е Вашиот дипломатски приод кон овие крајно деликатни прашања. Кажете ни, кои се позициите на Украина во поглед на преговорите за запирање на војната, односно запирање на руската воена агресија? Кој треба да седне на преговарачката маса?
– Морам да истакнам дека од суштинско значење е почитувањето на принципот – ништо за Украина без Украина.
Европа, исто така, мора да биде на преговарачката маса кога станува збор за завршување на руската војна против Украина – ова веќе го изјави Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој потенцираше колку е важно и неопходно да се назначи Специјален претставник кој ќе учествува во овој процес.
САД се стратешки партнер на Украина, кој ѝ обезбедува многу значајна помош, но во исто време мора да се земат предвид предлозите на европските земји за безбедносни гаранции и поддршка за Украина. Токму затоа Претседателот на Украина нагласува колку е важно назначувањето на Специјален претставник на Европа.
Како стојат работите со македонската воена помош за Украина?
– Како што знаете, постојано мора да се движиме напред за да се спротивставиме на руската воена агресија, да ја дискутираме важноста на добивањето воени пакети за поддршка – во ова се потпираме и на поддршката од Северна Македонија и веруваме дека таа помош ќе продолжи.
Премиерот Христијан Мицкоски, за време на Минхенската безбедносна конференција, изјави дека Северна Македонија е петта земја во НАТО по воената помош за Украина (по глава на жител). Ова не само што го цениме, туку тоа за нас, Украинците, е од витално значење.
Се одржа и средба на европските лидери во Париз, каде што стана збор за безбедносните гаранции што се неопходни за Украина. Која е реалноста на сегашната фаза на војната? Што е потребно за да се спречи понатамошна руска агресија?
– По вчерашната средба на европските лидери во Париз, постои заедничко разбирање дека мора да има силни и сигурни безбедносни гаранции што целосно ќе ја спречат можноста за нова руска воена агресија врз Украина, како и било каква руска агресија против европските држави.
Кршлив прекин на огнот или обиди за „смирување“ на Кремљ, кој веќе три години се обидува да ја избрише Украина од политичката мапа на светот, кој врши геноцид врз Украинците, ја уништи безбедносната архитектура, ја погази Повелбата на ОН и го исмеа хуманитарното право, нема да обезбедат долгорочен мир и нема да го вратат меѓународното право во сила.
Соочени со оваа реалност, за да ги заштитиме животите од војната, што е, без сомнение, заедничка цел и за Европа и за САД, потребно е да се засили притисокот врз русија за да се стави крај на нејзината воена агресија против Украина, да се ослободат привремено окупираните територии, да се обезбеди ослободување на сите украински воени заробеници и цивили, како и враќање на киднапираните украински деца.
Во спротивно, секоја држава може да стане следната цел на Кремљ – империја на уништување, хаос и страв.
(civilmedia.mk)