Јаворка Витанова, македонска оперска певица и магистранд во класата на професор Весна Гиновска Илкова, неодамна освои прва награда и златен медал на натпреварот за руска романса, „Романсијада 2018“
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Јаворка Витанова, македонска оперска певица и магистранд во класата на професор Весна Гиновска Илкова, неодамна освои прва награда и златен медал на натпреварот за руска романса, „Романсијада 2018“, што се одржа во Москва и на кој вообичаено се претставуваат најголемите тамошни уметници.
Струмичанката Јаворка Витанова деновиве ја воодушеви уметничка Москва. Младата македонска оперска певица и магистранд во класата на професор Весна Гиновска Илкова, изведувајќи дела од руската класика и познати романси, освои прва награда и златен медал на натпреварот „Романсијада 2018“. Од нејзините изведби биле воодушевени и членовите на стручното жири, како и целата публика присутна на гала-настанот на кој по традиција досега се претставувале и најголемите руски оперски уметници.
Инаку, патот до овој успех за Витанова и не бил едноставен. Таа најнапред била меѓу најдобрите на натпреварот за руска романса во Скопје, организиран од пијанистката Елена Силјановска. Следната натпреварувачка станица била Софија каде во жирито седел Леонид Стамеников, руски народен артист, а македонската певица како првонаградена од регионот поканата за патување во Москва ја добила директно до Галина Сергеевна, која како организатор стои зад „Романсијада“.
„Тоа беше еден шок за мене зошто нималку не очекував дека ќе се случи нешто такво. Таму одат луѓе што се искусни пејачи. Иако јас се бавам со ова веќе девет години и еве ме сега на магистерски студии, сепак не чувствувам дека го имам тоа сценско искуство што би требало за да настапувам на така силен натпревар како овој во Москва, но ете Сергеевна виде во некој посебен талент, некоја ѕвезда, и едноставно ме одбра да настапувам на финалниот натпревар во руската Метропола“, вели Витанова.
Певицата дополнува дека отишла таму со мисла „дека нема што да изгуби и дека само така може да се здобие со ново искуство“. Се подготвувала напорно впивајќи ги советите на пијанистката Силјановска и нејзината професорка Гиновска Илкова, а на „Романсијада“ едноставно оставила да ја водат енергијата што и ја давале сите и позитивната атмосфера. Ја понела емоцијата.
„Ние кај нас овде во оперскиот свет сме фокусирани на вокалната техника и тоа е пресудното. Таму, пак, повеќе гледаат на изведбата и емоцијата што ќе ја дадеш. Се разбира без техниката ништо не се прави, но најбитното се чувствата што ти како изведувач ќе и ги понудиш на публиката. Мислам дека мене ме понесе самото сознание дека сум во Москва, енергијата што градот ја дава и што едноставно настапувам на таква сцена. Тоа беше она што и даде посебна боја на мојата интепретација. Ме натера да отпеам онака како што отпеав“, ќе рече Јаворка.
На прашањето кои биле нејзините првични реакции по соопштувањето на резултатите од натпреварот, Витанова истакнува дека тогаш едноставно била преуморна за да реагира еуфорично. Самиот напревар траел три-четири часа, а потоа следувал и гала-концертот, па така оперската пејачка безмалку половина ден била во салата.
„Јас на крај бев толку уморна што и не знаев како да реагирам. Бев среќна, но немав сили тоа да го изразам. На крај требаше да ја изведам последната композиција на гала-концертот и само си кажав: Дај сега се што имаш од себе оти треба да покажеш зошто си ја освоила оваа награда. А, емоциите ме стигнаа отпосле кога веќе бев во такси возилото и брзавме кон аеродромот. Дури тогаш бев свесна што се случи“, истакнува Витанова.
Таа по победата во Москва се надева дека сега малку повеќе ќе ѝ се отворат некои до вчера речиси затворени врати.
„Во Русија веќе добив некои понуди за концерти. Ќе настапувам во Москва и во Санкт Петерсбург. Значи за таму постои убава можност за пробив на сцената. Еве сега ќе треба да почнам да учам руски јазик оти таму и не го разбираат нашиот англиски со кој ние мислиме дека секаде може да се разбереме во светот. Таму тоа не важи. Би сакала да заминам бидејќи на тој начин би била поблиску до некаква интернационална кариера што секој од нас уметниците си ја посакува. Сите ние кога ги започнуваме студиите на Факултетот за музичка уметност сонуваме за еден таков исчекор. И сите ние вложуваме огромни напори, време, се откажуваме од многу работи за да успееме. Да имаме кариера надвор од регионот, да се чуе за нас надвор од Балканот. Затоа јас верувам дека ќе се исплати и тој поголем труд вложен на подолг временски период“, смета Јаворка Витанова.
Потсетувајќи се на првите чекори во музиката, таа истакнува дека никогаш не мислела, ниту сонувала дека ќе биде оперска певица. Дека ќе пее големи улоги. Дури вели дека во нижото музичко училиште започнала да изучува клавир со идеја дека можеби еден ден ќе пее џез или поп музика. Тоа ѝ останало само за опуштање по дома, а професионално се фокусирала на класичната музика, на оперското пеење и сега стреми засилено кон висините. Убедена е дека нема да биде лесно, но верува дека пред неа е иднината.
(РСЕ)