ТАМАРА ЌУПЕВА
Социјалните медиуми се новиот општествен поредок, затоа што тие се неговата најавтентична верзија. Но, социјалните медиуми истовремено се и сериозен предизвик за демократијата, поради експанзијата на дезинформации, лажни и манипулативни вести и субјективни известувања коишто ја искривуваат вистината
„Сите знаат кој победи, но не знаат како!“ – е клучната реченица од филмот „Брегзит“ (Brexit: The Uncivil War, 2019) на режисерот Тоби Хајнс, која во неколку зборови го сублимира начинот на функционирање на социјалните медиуми и нивното влијание врз општеството и врз ставовите и убедувањата на корисниците. Не земајќи ја предвид драматиката на приказната што е искористена како алатка за постигнување уметнички ефект, овој филм најексплицитно ги прикажува техниките што ги користат компаниите за постигнување одредени цели. Ова е филм кој го илустрира моделот на политичка култура и пристапи во дигитално време, базирани на основната максима според која „податоците се најголемата сила“.
Искуствата од случајот „Кембриџ Аналитика“ ги поткрепуваат сомневањата за постоењето на т.н. социјален, економски, културен и политички инженеринг или употреба на податоците на корисниците на глобалните мрежи. Овој систем им помага на компаниите да ги утврдат потребите на луѓето – што сакаат, што најчесто прават во своето секојдневие, какви стилови и вкусови избираат, какво е нивното однесување во одредени ситуации, каква е нивната социјална, политичка и полова ориентација, личната култура, образованието и сл.
Алгоритмите на овие системи ја препознаваат и возраста (Face recognition) на корисниците преку објавените фотографии, посебно при користењето хаштагови, игри и квизови на профилите. Тие можат да ја препознаат дури и емоционалната состојба на корисникот, врз основа на клучните зборови што тој ги употребува во личната комуникација.
Од целата светска популација (7,7 милијарди), повеќе од 2,7 милијарди луѓе се активни корисници на социјалните мрежи. Сите овие профили постојано ги полнат овие платформи со милиони информации врз основа на кои маректинг агентите (и не само тие) прават проценка на однесувањето на луѓето и нивните потреби. Со податоците од овој скрининг-процес, тие ги креираат своите реклами, кампањи и други форми на таргетирање за одредени цели.
Социјалните медиуми се новиот општествен поредок, затоа што тие се неговата најавтентична верзија. Тие се систем на здружување, на јавна и отворена дебата, на влијание при донесувањето одлуки. Станува збор за дигитално општество каде што се поттикнуваат промени, се иницира комуникација со поединци и институции, се препознаваат модели кои го прогнозираат развојот на државите и народите.
Но, социјалните медиуми истовремено се и сериозен предизвик за демократијата, поради експанзијата на дезинформации, лажни и манипулативни вести и субјективни известувања кои ја искривуваат вистината. Оваа глобална состојба, Дејвид Бакингам (David Buckingham) ја споредува со аерозагадувањето, нарекувајќи ја ваквата криза на информации – информациско загадување или процес на „распаѓање на вистината“.
Според него, интернетот ги создаде петте џиновски ѓаволи на масовната комуникација: конфузијата, цинизмот, фрагментацијата, неодговорноста и апатијата.
Ова е причината за падот на општата јавна култура, недовербата во институциите, сомневањето во вистинитоста на официјалните, државни извештаи, создавањето повеќе „алтернативни вистини“ за еден ист настан или поединец и конечно, токсичната медиумска, па ако сакате и општествена состојба во која никој не верува во ништо.
Последниот чекор за промена на оваа „војна на вестите“ е новиот детектор на лажни информации, кој го создадоа истражувачите од Универзитетот во Флорида, САД. Овој систем ќе користи автоматски алгоритми кои ќе можат да ја одвојуваат лагата од вистината во објавите на социјалните медиуми. Системот е замислен како „онлајн полиграф“ што ќе ја утврдува вистинитоста на информациите. Се разбира, ова е само пилот – систем, што допрва ќе се развива и усовршува во насока на целосна дистинкција меѓу лажните и точните информации.
Интензитетот на пренесување настани во моментот на случувањето сѐ повеќе се зголемува, затоа што и новите опции на социјалните медиуми го овозможуваат ова искуство. Но, овие платформи сѐ уште немаат утврдена регулатива за типот на содржините што се пренесуваат „во живо“ (live stream).
Освен со видеоприказни (story опцијата) од личните, секојдневни настани, при оваа опција, корисниците често се соочуваат и со брутални форми на насилство. Телефонските и другите нови технолошки усовршени камери/снимачи прават трансмисија на информацијата во моментот на случувањето, па поради влијанието на емоциите и илјадниците коментари, судови и сведоштва „на другите“ – целосно се губи секаква рационална и критичка анализа и толкување на овие содржини. Дури и технички, не постои временска дистанца за да се направи тоа.
Трагичниот настан во Крајстчрч, Нов Зеланд што беше директно пренесуван на социјалните мрежи, без никаква цензура на бруталниот масакр, го запали црвениот аларм на компаниите. Фокусот на јавноста беше ставен на Фејсбук, бидејќи компанијата беше директно посочена за објавата на оваа трагедија, затоа што истата беше емитувана цели 29 минути пред да биде пријавена и отстранета.
Главните апели се однесуваа на итна акција за зголемување на регулацијата во однос на превенција од вознемирувачки објави/содржини што го загрозуваат менталното здравје на луѓето, но и на заштита на податоците, монопол на вести и информации и сл.
Во таа насока, компанијата Фејсбук веќе ја презентираше новата опција (активирана на втори мај, годинава) во која ќе им објаснува на корисниците како нејзините алгоритми одлучуваат што се објавува на личните профили на корисниците, во делот на известувањата за најновите вести (News Feed) и по кој редослед апликацијата го прави тој избор. За првпат еден социјален медиум истовремено и ќе ги запознава корисниците со начинот на функционирање на платформата („Зошто го гледам овој пост?“ или „Зошто ја гледам оваа реклама?“) давајќи пристап и информации однатре, од позадината на самиот систем.
Веројатно ова ќе биде првиот, мал чекор до генерална дигитална, медиумска и информациска писменост на корисниците на социјалните мрежи, заштита и култивизирање на комуникацијата, со цел градење основа за здрава демократија и хумано и одговорно општество.