Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ИПАРД 3: И ОФИЦИЈАЛНО ПОГРАМАТА Е СУСПЕНДИРАНА

December 31, 2025 Filed Under: Македонија

ЕУ бара сериозен пристап во истрагата за злоупотребата на средствата. ИПАРД 3 трае до 2030 се вели во изјава за „Независен“ од страна на Економската комисија

СУСПЕНДИРАНА ПРОГРАМА Целосната сума на ИПАРД 3 Програмата изнесува 97 милиони евра европски средства и 31 милион евра национални средства. Периодот за имплементација започнат 2023 година трае до 31.12.2030

АНЕТА БЛАЖЕВСКА 

Суспендирана е ИПАРД 3 Програмата за Македонија поради големиот корупциски скандал, во кој е инволвиран поранешниот директор на Платежната агенција Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ и неколкумина државни службеници од Министерството за земјоделство и УЈП.

Европската комисија потврдува за „Независен“ дека се стопирани исплатите за корисниците од третиот квартал на 2025 година. Но, од ЕК напоменуваат дека оваа суспензија не подразбира стопирање на целокупната ИПАРД 3 програма.

Целосната сума на ИПАРД 3 Програмата изнесува 97 милиони евра европски средства и 31 милион евра национални средства. Периодот за имплементација започнат 2023 година трае до 31.12.2030.

„Националниот службеник за овластување (НАО) на Северна Македонија одлучи да ги суспендира сите плаќања во рамките на програмата ИПАРД 3 2021-2027 од 7 ноември 2025 година до понатамошно известување.

Со оглед на сегашните околности, Комисијата ја надополнува оваа национална одлука и, како стандардна превентивна мерка, одлучи да го прекине последното барање за плаќање за третиот квартал од 2025 година поднесено во рамките на програмата ИПАРД 3. Оваа одлука на Комисијата не подразбира суспензија на целокупната програма ИПАРД 3“, стои во одговорот на Европската комисија испратен до „Независен“.

Во одговорот уште пишува дека Европската комисија е свесна за истражните активности што ги спроведуваат властите на Северна Македонија по сомневања за потенцијална корупција од страна на високо рангиран функционер во рамките на Агенцијата за ИПАРД. Па оттука ЕК  бара сериозен пристап за овој случај.

„Бидејќи се занимаваме со парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно“, пишува ЕК.

Она што е важно за земјоделците е дека Европската комисија не се откажува од поддршката на македонското земјоделие.

„Комисијата одржува редовна комуникација со Националниот надзорен орган и со одговорните национални органи за напредокот во тековната проценка на ризиците и потребните корективни мерки. Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области на Северна Македонија, под услов финансиските интереси на Европската унија да бидат соодветно заштитени“, стои во одговорот од ЕК до „Независен“.

Скандалот  со распределбата на средства од ИПАРД 3 Програмата за нашата државата и натаму е во фокусот на интерес на фирми и земјоделски стопанства од државата кои зеле и требало да земат средства од оваа програма на ЕУ. Уште во ноември по избивањето на мега корупцискиот скандал веднаш беше стопирана исплатата на петнаесет корисници на ИПАРД 3 Програмата во износ од 400 илјади евра, потврдија од Министерството за финансии.

Само пред два дена Министерството за земјоделие излезе со официјално соопштение во кое пишуваше дека опозицијата преку свои соопштенија и изјави се обидува да ја манипулира јавноста и дека  Европската комисија нема донесено одлука за суспензија на средствата од ИПАРД 3 програмата.

„На состаноците со претставниците на Европската комисија беше најавено преземање дополнителни контроли во делот на веќе завршените предмети. По завршувањето на проверките и контролите од страна на надлежните институции, реализацијата на ИПАРД 3 програмата ќе продолжи без застој“, тврдеа завчера од МЗШВ.

Од министерството на Цветан Трипуновски упатија и ветувачки пораки со напомена дека Македонија останува посветена на искористување на фондовите и дека во моментов во регионот во реализација на ИПАРД 3 програмата, како држава имаме искористеност од 7,3%, што е добро во опкружувањето и сме веднаш после Турција.

По ова МЗШВ порача: „Ниту еден земјоделец нема да биде загрозен во однос на користењето на средствата од ИПАРД 3 програмата. Република Македонија е посветен партнер во спроведување и реализација на ИПАРД Програмата и затоа апелираме до опозицијата да се воздржи од неосновани коментари и дезинформации, во интерес на заштита на угледот на државата пред меѓународните институции“, стои во соопштението од ресорното министерство.

Новата директорка на Платежната агенција Даниела Иротова, која го наследи Илија Стоилев, фатен со обележани пари, пред една недела за „Независен“ не можеше да потврди дека програмата е стопирана.

„На Комитетот за следење на ИПАРД 3 Програмата, од страна на претставниците од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската Комисија беше соопштено дека ќе предложат дополнителни контроли за веќе исплатени предмети, а кои се потпишани од претходниот директор (Илија Стоилев). Тоа значи дека нашето времено запирање на исплата е само потврдено од нивна страна и може да доведе до пролонгирање на исплатите или одлагање на исплатите од третиот квартал на реализирани договори. Во ниту еден момент не беше спомнато дека е донесена одлука за суспензија од страна на Европската комисија “, рече тогаш Иротова.

Екс-министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, прв апелираше дека Европската комисија  ја прекинува исплатата за ИПАРД програмата за Македонија на неопределено време.

„Помина повеќе од еден месец откако понудив помош, конкретни идеи и решенија за да се избегне ова сценарио. Не слушаа, не работеа и еве ја цената. Наместо работа добивме криење, лаги и дефокус. И ете ја последицата – најважната европска програма за развој на земјоделството е стопирана, а земјоделците и фирмите што со месеци чекаат инвестиции остануваат со празни раце и со единствена надеж дека ќе дојдат подобри времиња, затоа што од оваа власт очигледно нема на што да се надеваат“, објави Николовски.

Опозициската СДСМ упати апел истрагата за ИПАРД скандалот да оди до крај и да ги опфати сите инволвирани, не само приведениот директор од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Стоилев.

„Значи станува збор за блискиот круг околу премиерот Христијан Мицкоски. Истрагата мора да ги даде сите одговори, а вмешаните да одговараат“,  порачаа опозиционерите.

(nezavisen.mk)

Filed Under: Македонија

ДИПЛОМАТСКО РЕСЕТИРАЊЕ НА ТРАМП: АМЕРИКА БЕЗ АМБАСАДОРИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН
БАРАВТЕ ПОВРАТНА МИГРАЦИЈА, ДОБИВАТЕ ОТУЃЕНОСТ ОД СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА
ПРОСЛАВА НА „1400 ГОДИНИ БУГАРИЈА“: ТОТАЛИТАРИСТИЧКА ГРАНДОМАНИЈА?
БOЖИЌ ВО ЕВРОПА: ВРЕМЕ КОГА СЕ ДОБИВААТ МНОГУ СЛОБОДНИ ДЕНОВИ
ПРИМИЈЕТО ОД 1914 ГОДИНА: КОГА ФРОНТОВИТЕ СЕ ФАЌААТ ЗА РАЦЕ

Најново

  • ДИПЛОМАТСКО РЕСЕТИРАЊЕ НА ТРАМП: АМЕРИКА БЕЗ АМБАСАДОРИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН
  • БАРАВТЕ ПОВРАТНА МИГРАЦИЈА, ДОБИВАТЕ ОТУЃЕНОСТ ОД СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА
  • ПРОСЛАВА НА „1400 ГОДИНИ БУГАРИЈА“: ТОТАЛИТАРИСТИЧКА ГРАНДОМАНИЈА?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet