Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ИСКРА ГЕШОСКА МЕЃУ ТРОЈЦАТА ДОБИТНИЦИ ОД СВЕТОТ НА ГЕТЕ МЕДАЛ ЗА ПРИДОНЕС ВО КУЛТУРНА РАЗМЕНА

May 1, 2024 Filed Under: Ревија

Во образложението на жирито за доделување на престижното признание на Искра Гешоска се вели дека таа создала важни платформи за независната културна сцена во Северна Македонија

НАГРАДЕНА Убава вест за наградената со високо германско признание

Македонската теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска е меѓу трите  добитнички на Гете медалот за 2024, соопшти Гете институтот. Наградени се и литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле. Медалот Гете, како што објави „Дојче веле“ е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство.

Наградата ќе биде доделена во Вајмар на 28 август, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете (1749-1832).

Во образложението на жирито за доделување на престижното признание на Искра Гешоска се вели дека таа создала важни платформи за независната културна сцена во Северна Македонија. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави.

Гешоска е ќерка на македонските театарски доајени Милица Стојанова и Димитар Гешоски.

„Токму во време на мултилатерални кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките“, рече претседателката на Гете институтот, Карола Ленц.

Гете институтот го доделува медалот еднаш годишно од 1995 година како официјално одликување на Сојузна Република Германија.

Со Медалот Гете се одликуваат личности од целиот свет кои дале посебен придонес во наставата по германски јазик и меѓународната културна размена.

Веќе извесен период Институтот им оддава почест на тројца културни актери од различни региони. Меѓу претходните носители се вбројуваат Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел односно Џон ле Каре, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Аријане Мнукин.

Ova e краткиот текст на Искра Гешоска, по повод доделеното германско признание, Гете медалот за 2024 година.

„И покрај многубројните аргументи кои често ме искушувале токму по ова прашање, сепак, единственото нешто во кое верувам е заедницата на споделени идеи, визии, акции, реакции и креативни конфронтации.

Верувам во политиките на споделеност и органско заедништво кое создава простори на постојано еманципирање низ критичко (себе)преиспитување. Верувам дека општествените динамики можат да бидат поттикнувачки и отворени само преку слободната размена на храбри индивидуи, кои успеваат да ја сочуваат својата автономија здружувајќи се и создавајќи силни и вибрантни платформи на солидарност и на единство на различностите. А најмногу верувам во тоа дека никој не може сам да чекори по патот ниту пак дека може сам да создаде какво било вредносно јадро.

Токму затоа, без двоумење, велам дека ова признание не е за мене, туку за сите нас. За сите кои заеднички сме чекореле низ предизвикувачките социо-културни Сцили и Харибди, без да ставиме восок во ушите. Јас не сум ништо без сите вас. И токму затоа, ви благодарам за сите заеднички битки, за сите заеднички приказни, за сите заеднички исчекори и обиди да направиме разлика, да не се втолпиме, и постојано да бидеме будни и спремни да се спротиставиме на секој кој ќе посегне и ќе сака да ја загрози автономијата во општеството, во културата, во естетските и етичките хоризонти.

Гете медалот за 2024 година го доби Македонија. Тој ни припаѓа на сите“.

 

 

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet