Зајакнатиот родителски авторитет е еден од одговорите како се победени пороците на малолетниците во Исланд
Пред 20 години младите Исланѓани биле најголеми консументи на алкохол во Европа, а денес е сосема спротивно: во 1998 година, процентот на личности од 15 и 16 години кои пијат, падна на 42, а во 2016 година падна на 5 отсто. Бројот на тинејџери кои користат марихуана се намали од 17 на 7 отсто, бројот на пушачи од 23 отсто само на 3 отсто, а времето кое младите го поминуваат дружејќи се со родителите двојно се зголемило
Ваквиот успех бил постигнат не само со радикален и научен пристап, заснован на факти, туку и со потпирање на она што би можело да се нарече здрав разум. „Тоа е најинтензивно и најдлабоко истражување за стресот во животот на тинејџерите со кои сум се сретнал. Навистина сум импресиониран од успехот“, вели американскиот психолог Харви Милкмен, експерт за проблеми со зависноста.
Сè започнало во 1991 година кога професорот Милкмен го посетил Рејкјавик за да одржи предавање за зависноста. Милкмен на Државниот универзитет во Денвер истражувал зошто некои луѓе кои употребуваат ваков вид на супстанции продолжуваат да ги користат. Тој дошол до заклучок дека станува збор за зависност од промената на хемијата во мозокот.
„Луѓето може да се навикнат на пијалак, колачи, пари, секс, калории, кокаин. Идејата за бихејвиорална зависност стана наш заштитен знак“, вели Милкмен.
Оваа идеја родила нова идеја: оние кои сакаат да ја променат својата свест треба да консумираат хемија во мозокот која не вклучува дрога ниту нејзините опасни последици.
Милкмен во Америка веќе го започнал Проектот за самооткривање, кој на тинејџерите им нуди алтернатива наместо дрога и криминал. Набрзо тој го посетил Исланд за да одржи предавање и станал консултант во првиот центар за одвикнување од дрога за тинејџери во земја со 330.000 жители.
Анонимните анкети кои редовно се спроведуваат во училиштата меѓу децата од 14 и 16 годишна возраст покажале дека 25 отто од младите испитаници пушеле, а 40 отсто се напиле во текот на последниот месец. Докторите забележале дека нема зависност помеѓу децата кои поминуваат доста време со родителите, како и помеѓу оние кои се занимаваат со спорт три до четири пати неделно, пријатно им е на училиште и не излегуваат доцна навечер. Младите веќе учеле за злоупотреба на супстанциите и превенција, но тоа не помогнало, што значи бил потребен нов пристап.
За ваков обид бил заинтересиран и градоначалникот на Рејкавик, како и повеќето родители. Во соработка со докторите, наставниците, семејствата и локалната заедница бил донесен нов национален план „Младите во Исланд“.
Најпрво биле променети законите: малолетните лица повеќе не можеле да купуваат кцигари, а помладите од 20 години ниту алкохолни пијалоци. Рекламирањето на овие производи било забрането. Бил засилен контактот помеѓу родителите и училиштето преку родителски организации кои по законот, сега морале да постојат во секое училиште. На родителите им било сугерирано дека е важно времето кое го поминуваат со децата, меѓутоа и квалитетот на времето: тие треба да разговараат за проблемите, да знаат во кое друштво се нивните деца како и да се потрудат навечер да ги задржат дома. Донесен е и закон со кој оние помеѓу 13 и 16 години не смеат да бидат на улица во зима после 22 часот, а на лето после полноќ. Овој закон и денес е во сила.
Родителската организација „Дом и училиште“ им понудила на родителите да потпишат договори со кои се обврзуваат дека нема да ги пуштат деца на забави кои се без надзор, како и тоа дека нема да купуваат алкохол за малолетниците. Со тоа е зајакнат родителскиот авторитет.
Државата пак ги зголемила вложувањата во спортот, музиката, уметноста, танцот и другите активности. Сиромашните семејства добиле финансиска помош за да бидат во чекор со овие програми.
Секоја година биле спроведувани нови анкети меѓу децата, така што истражувачите секогаш располагале со свежи податоци: скок на факторот за заштита, пад на факторот на ризикот и намалување на злоупотребата на супстанции, со што планот успеал.