ВОЈО МАНЕВСКИ
Како се претворивме во народ кој од себе излева жолчност, завист, а меѓусебната омраза ја смета за вредност? Што може да истече од еден народ кој смета дека криминалот, лажењето, арамилакот е оправдан и само така може да се достигне посакуваниот начин на живот?
Не знам зошто овој заклучок ми се мота по мислите кога се обидувам да направам некаква анализа за резултатите од првиот круг на изборите за претседател на Македонија. На осми мај сѐ и парламентарните избори и од нив ми се наметнува истото чувство за резултатите.
Секако метата сме ние, мои почитувани сограѓани. Политичките партии само го менуваат оружјето и муницијата а метата и растојанието остануваат исти. За наши пари не ставаат на местото резервирано за метите и безмилосно стрелаат. Парадоксот е што ние очекуваме да имаме корист од процесот на сопствената егзекуција како активни чинители во општеството, а сме само избирачи на менито во чие составување не учествуваме. Не, почитувани. Нема мени, ние сме токму тој дел од целиот процес, ние сме производители не менито и слуги послужители. И сето тоа ние го плаќаме.
Што очекуваме да излезе од политичката понуда, што политичарите очекуваат да произлезе од нас?
Ако се стисне со раката портокал што ќе истече од него?
Глупо прашање секако. Па може да истече само сок од портокал. Замислете да ве стисне нешто такво што од вас ќе потече? Да ве стиснат грижи, стравови, да ве понижуваат, да ви нанесуваат болка. Од вас може да излезе само бес, омраза, презир и злоба. Да, секогаш оправдувањето е дека последицата е затоа што некој ви направил нешто или не направил ништо а сте очекувале. Почитувани сограѓани, од нас ќе потече само она што е во нас. Од портокалот истекува само она што е во него, од нас истекува само она што се насобрало.
Зошто резултатите од изборите се предвидливи?
Можеби нема да се такви ако си одговориме на прашањето – што се случи со народите кои сега го газат ова парче земја? Како народите кои и покрај сите неправди и страдања умееја да изнедрат луѓе кои носеа благородност во себе, кои заедницата ја поставуваа пред сопственото задоволство и положба? Како се претворивме во народ кој од себе излева жолчност, завист, а меѓусебната омраза ја смета за вредност? Што може да истече од еден народ кој смета дека криминалот, лажењето, арамилакот е оправдан и само така може да се достигне посакуваниот начин на живот?
Има ли некаде скриени корени од кои во некоја нова пролет ќе израснат некое растение кое ќе ги преживее сите овие болести?
Можеби, ако навистина увидиме дека и растението и коренот ќе се исушат и никакви хемиски третмани нема да не спасат ако продолжиме да бидеме само мета за отстрел. Ова се моите очекувања од изборите а не бројките и политичкиот распоред на пазарот кој еуфемистички го нарекуваме политичка сцена.
На овие избори за кои политичката кампања не удави како маче сардонија (мушкатла или по штипски молофа), ништо такво не се појави. Иако граѓанските организации (Цивил на пр.) и поединци повикуваа да се смени начинот на финансирање на кампањите, партиските номенклатури тоа не го дозволија. Држи ли вода оправдувањето дека така тие ќе прават непринципиелни договори со олигархијата за финансирање на кампањите па после ќе мораат таквата непринципиелност да ја исправаат преку „законски мерки“ и сомнителни тендери? Тој процес на корупција се одвиваше и пред да се донесе овој закон а се одвива и со него. Десет милиони евра граѓански пари се трошат за да бидат убедени истите тие граѓани во политичката понуда од оние што и онака без голема одговорност ги трошат или ќе ги трошат како власт. Не логично, ама со логиката одамна сме раскрстиле. Размислете што многу покорисно може да се направи со тие пари и тоа за општо добро.
Од портокалот само сок од портокал истекува, а не сок од јаболко, така? Ако се погледнат изворите на финансирање на кандидатите за претседател ќе видите голема разлика во собраните средства.
Професорката која е божем е од ВМРО ама божем и не е од ВМРО, има далеку најмногу собрани средства. Како се трошат гледаме по улиците и покрај патиштата. ЕХ, да беше направен патот до Охрид! Колку само паноа можеше да се постават? Но од каде се тие средства? Од јавно објавените листи на донатори можат да се донесат неколку заклучоци. Некако униформирани се износите кои се појавуваат покрај имињата. Ако се знаат барем некои од имињата ќе се заклучи дека партиските високи функционери и директори на јавни претпријатија донирале по 150 000 денари. Директорите на училишта и градинки од 30 до 50 илјади денари. Членовите на партиските високи органи донирале по 100 илјади денари.
Ова не е незаконито. Секој има право да донира свои средства во фондот за нечија кампања. Ама само да прашаме – како сите имаат на располагање ист износ на средства и го донираат?
Ако еден директор на јавно претпријатие донира две или две и пол свои плати, значи ли тоа дека тој својата одговорна функција ќе ја обавува за десет плати во годината. Или, што ако е назначен за директор само пред шест месеци? Како заштеди третина од она што го примил? Ова надлежните органи можат лесно да го истражат. Некои од донаторите можеби имаат заштеди од кои можат да одвојат за донација ама сите да имаат да одделат по толку е тоа е малку мостопитно што би рекле моиве штипјани. Има ли пари од недефинирани извори кои низ верните членови се слеваат во фондот за кампањата на оние што кобајaги ние ги бираме а всушност само гласаме без поголема можност за избор. Кому партиите корисници на ваквите средства му остануваат должни? Или, КАКО ќе се оддолжат е можеби вистинското прашање. Кој ќе ја насочува политиката? Програмите кои сега ни се преставуваат или сопственикот на средствата кои ги ставил на располагање за кампањата? Ако се сеќавате на еден од неславно пропаднатите предмети на СЈО каде имаше слична или иста ваква појава ќе ви стане јасен насловот на оваа колумна.
Она „ сѐ тече, сѐ се менува“ важи ли и кај нас?
Не, кај нас е иста мета исто отстојание. Пукај бе братучед, пукај!