За претседателката ЕУ е „опседната“ со моментуми, како да е врвен политички изум тоа што ние редовно ги преспиваме

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Владата и вечерва (18 ноември – н.з.) ќе ја спушти „завесата“ за да скрие од нас што се случува зад сцената. Во важен момент во земјата доаѓа шефот на германската дипломатија, а средбите се затворени и за нив ќе има само соопштенија во кои повторно од власта ќе ни ја сервираат својата реторика за евроинтеграцијата на Македонија.
Целта е никаков различен став, никаква друга логика, никаков друг аргумент, не дај боже критика, да се слушне на домашен терен бидејќи ќе пукне меурот од замајувања за тоа што ни се случува не само последните две години, туку последните четири децении.
Ова е, всушност, најнова епизода од операцијата на масовно перење на мозокот на нацијата, осудена од сабајле до вечер да ги чита само празните соопштенија и да ги слуша само празните фрази кои никаде не водат, односно водат – ама во колективна пропаст. Премногу долго, премногу безидејно, премногу неодговорно, со премногу изговори и со премногу поставување пречки самите на себе трае наводното одење на Македонија кон ЕУ, за и натаму да се голтаат без резерва рециталите што треба да ни го зацементираат чувството – дека за сѐ што ни се случува со државата не сме виновни ние, туку политиката на двојни стандарди на Унијата!
Јавнати на бранот на десничарството и со светоглед фиксиран на Виктор Орбан и на Александар Вучиќ кои, пак, го губат тлото под нозе, најодговорните за остварувањето на стратешките цели на Македонија (претседателката, премиерот и шефот на дипломатијата, иако е прашање дали последниот знае воопшто на која функција е) опасно ја водат Македонија назад. Прашањето што станува актуелно не е дали власта ќе направи уставни измени, туку дали само уставните измени се причина што Македонија олку многу заостанува зад соседството, зад државите кои поминаа низ војни, зад Албанија која излезе од сталинизмот, зад Бугарија која ни беше репер за економска беда и сега дури и зад Украина и Молдавија.
Дали назадувањето е свесно и намерно или е само резултат на капацитетот, на способноста, на интелектуалното ниво на власта и воопшто на дел од политичката, па и бизнис елита во државата? Дали власта не прави реформи за да го зацементира нашето невлегување во ЕУ додека лажира разочараност дома и дали практично работи во прилог на сценаријата кои ја водат Македонија во нечија друга прегратка? Дали ќе бидеме само мафијашка држава или ќе бидеме здружени со некоја друга мафијашка држава, бидејќи сами не можеме да опстанеме и во ова сценарио? Дали е нормално за 3.500 Бугари во Уставот да изгубиме 200.000 граѓани со бугарските пасоши и зошто ниту со еден прст власта не мрдна да го запре овој процес, место да го запира влегувањето на Македонија во ЕУ?
Дека Македонија е замислена како приватна прчија од која некои само ќе се богатат а граѓаните ќе им слугуваат, се знае одамна, но сега се отвора и дилемата – дали тоа е единствениот интерес на тие што ни ја кројат иднината, а чиј најсилен ангажман е да обезбедат што повеќе дестинации на „Визер“ што ќе нѐ однесат во Европа, место Европа да ја донесат тука?
Иако можеби не треба којзнае што да се очекува од премиер што шета по улици и брои светилки додека зборува за вистинско лидерство, неспособноста на државата да се справи со кое било прашање, а пред сѐ со собирањето на ѓубрето, дефинитивно ги отстрани сите илузии за тоа кој нѐ води и во каква насока. Тоа што по славната изјава за макејавелизмот и натаму главен збор за евроинтеграцијата има претседателката на државата е друг проблем, како и јасен показател дека и премиерот знае дека е истечен рокот на изговорите и лажните ветувања, а аргументи има сѐ помалку во рака.
Вчерашното обраќање на претседателката пред Националниот совет за евроинтеграција беше срам за нас граѓаните кои знаме колку долго лажно се реформираме, како живееме и колку пари и колку труд вложува ЕУ да профункционираме, откако како држава немаше да се справиме безболно со епидемијата, со енергетската криза, со мигрантите, со финансиската криза, со пожарите и многу што – да не беа механизмите на Европската унија.
Има и нешто што се вика дипломатско однесување, а тоа не можеше да се види вчера во Собранието додека претседателката ја обвинуваше ЕУ за двојни стандарди без да се запраша какви стандарди ќе внесе Македонија во Брисел, ако некогаш воопшто стигне до членство? Претседателката само го потврди она што е општ впечаток подолг период, дека не може да излезе од професорската улога, дека не знае како да ги јакне позициите на Македонија туку држи предавања, дека нејзините морализирања за надворешната политика се гола вода ако не водат кон резултат и дека доброволно се става во улога на „боксерска вреќа“ на премиерот кој бега кога нешто ќе згусти во државата.
Поконкретно, многу од тврдењата на претседателката беа демагогогија и од нив Македонија тешко дека ќе види некоја полза. Да се тврди дека ова не е време за реформи, бидејќи, имало војна го демантираат останатите кандидати за ЕУ, кои не само што одат напред, туку одат со гигантски чекори напред. Да ги правдаш сопствените неуспеси со тврдењата дека другите не се толку реформирани колку што се форсирани, е чиста губитничка позиција и срамна за нас како држава, бидејќи, не можеме филозофијата „да му умре козата на комшијата“ да ја применуваме во надворешната политика.
Да се тврди дека ако има оценка за вкупните постигнувања досега ние ќе бидеме шампиони бидејќи се реформираме 16 години според барањата во извештаите на ЕУ, повлекува прашање – што ни значи тоа ако немаме преговори за членство, ако тие влезат во ЕУ наредните четири години, ако тргнат економски напред, а ние останеме уште поизолирани и посиромашни?
Најнедостоинствено сепак беше по стоти пат кажаното обвинување дека ЕУ нема јасна стратегија, дека доцнела за Балканот, дека не била доследна и дека има двојни стандарди во практицирањето, што исто така не ги спречи сите што беа по нас да влезат пред нас во ЕУ, што пак повеќе зборува за капацитетот на нашата политика отколку за политиката на Брисел. Како врв на сѐ беше забелешката дека ЕУ е „опседната“ со моментуми, како да е врвен политички изум тоа што ние – редовно ги преспиваме.
Намерата на претседателката сосема јасно беше да ја смени темата околу извештајот, каде што уставните измени се најдоа на втор план, а констатациите за корупцијата, притисоците врз судството и нула напредокот во владеењето на правото фрлија европско светло врз лажните и презадоцнети реформи на власта, или поточно, врз вистинските намери на власта надвор од тоа што декларира. Изговорот е дека извештајот сепак не е само технички туку и политички и дека се дизајнира според потребите на Брисел врзани со моментумот. Меѓу редови, се тврди дека во Брисел им пишуваат попозитивни извештаи на Албанија и на Украина зашто сакаат да ги внесат во членство, иако не се реални, т.е. уште една неправда кон Македонија! Притоа, претседателката не покажа ни трошка резерва поради корупцијата, поради реакцијата на судството, поради Кочани, па ни поради нашето најголемо „достигнување“ – кризата со ѓубрето во Скопје. Поентата треба да е дека ние толку многу напредуваме, а ЕУ толку многу нѐ кочи, бидејќи е лута што не ги „македонизираме“ Бугарите.
Иако се менуваат актерите, обидот да ни се продаде приказната дека ние одиме кон ЕУ и правиме реформи, а соседите нѐ кочат, се повеќе се проблематизира во јавноста. Стана премногу видливо дека силните преизборни тврдења дека ќе го репреговараат договорот со Бугарија пропаднаа, дека барањата за одложена примена на уставните измени не поминуваат, дека чекањето ветото да се тргне од гласањето во Унијата станува утопија, дека надежите ние да и кажуваме на ЕУ како да ни го реши спорот останаа само тоа – празни надевања и дека пукна „балонот“ на предизборните реторики околу преговорите на Македонија со Унијата. Страшно станува за гледање колку државниот врв нема ни идеја, ни предлог, ни иницијатива, ни фокус, па ни капацитет не само да нѐ однесе во ЕУ, туку ни да ја „донесе“ ЕУ во Македонија, како што ветуваа.
Според Сиљановска, власта нема ни политичка желба за тоа, односно како што посочи – СДСМ имал секогаш повеќе политичка волја отколку што треба за евроинтеграцијата. Па, испаѓа дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се гордее само ако има цврст став околу спорот со Бугарија, иако државата не оди напред туку назадува во секој поглед. Како да е целта пи-ар, а не резултатите.
Што е, притоа, ако не констатација на пропаст првата изјава на градоначалникот на Скопје дека масовно се вработувале луѓе кои не доаѓале на работа и дека практично парите на граѓаните се краделе додека извршните одбори на јавните претпријатија ги контролирале кадри на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. на неговата партија? Што е ако не пропаст шеф на дипломатијата да оди на поставување темел на спортска сала или нешто слично, а амбасадата во НАТО на Македонија, кога е најреална заканата од војна во Европа да стои празна, покрај многуте останати? Што е ако не пропаст да ти пропаѓаат проекти платени со европски пари и да се крадат европски фондови за земјоделство кога сѐ повеќе увезуваш храна и земаш кредити за да го сервисираш долгот?
Што е ако не кусогледост да го вложиш целиот надворешнополитички капитал во Доналд Трамп и во Виктор Орбан, а ниту едниот ниту другиот не мрдаат со прст за Македонија? Што е ако не кусогледост и пропаст да го маргинализираш НАТО и силно да ја оддалечуваш Македонија од ЕУ, односно од таму каде што сите одат? Па, да го строиш евроамбасадорот во Собрание како на суд барајќи да потврди дека ЕУ навистина има намера да се проширува и чија потврда потоа ја игноирираш.
Следното е веројатно да бараме ЕУ да нѐ моли да влеземе, написмено и со печат, место да ни праќа пораки дека топката е во нашиот двор. Па, и да внимава дали таа е за фудбал или е за рагби, за да не бараат да шутираме ако можеме со неа само да фрламе…
(nezavisen.mk)




