Луѓето кои го слушаат штабот сместен во Шампитата практично се заслепени од еден акроним. И кај нивниот бојкот на референдумот заради ставот на партијата не важат аргументи, условености, драматичност на моментот, објаснувањата на клучните фигури на меѓународната заедница
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
ВМРО ДПМНЕ и овој пат, со однесувањето пред референдумот е на погрешна страна. Како и многупати во историјата. Проблемот на оваа земја е секако што овој народ научил беспоговорно да слуша една партија, да верува не во конкретни политичари, во тоа што тие го мислат или говорат, туку во еден акроним! Кога денес би се одржале парламентарни избори партијата ВМРО ДПМНЕ има само два отсто помалку проценти над својот најголем ривал, иако нејзините лидери имаат повеќе од скромен рејтинг – Иванов 2 отсто, Мицковски – 1, Груевски – 9 отсто… Ова го потврдува автоматизмот кој се јавува кај гласачкото тело на „комитите“ во однос на било кое прашање каде постои спротивставеност со политичката конкуренција.
Кога ги слушате дебатите што раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги води на некоја од телевизиските станици чувствувате дека се работи за „пливачи“ во материјата кои се обидуваат уште во првите минути да ја прекинат дебатата за референдумот и да преминат на нешто сосема друго. Онака како што ги вежбале, те немало правна држава, па платите биле мали, корупцијата била голема … Тие едноставно одат на тоа да ги натераат своите приврзеници кон нив да им проработи условниот рефлекс, оној по кој за се’ се виновни „комуњарите“ а се’ што е добро доаѓа од партијата чие име е акроним од долга „сторија“ – Внатрешна македонска револуционерна организација, демократска партија за национално единство.
Со други зборови Мицковски и компанијата сакаат преку старите, атавистички поделби во македонското ткиво да опстојат на политичката сцена, дури и тогаш кога место она – или ние или тие, имаме сосема поинаков вид на избор кој значи: или сите или никој! Или сите ќе излеземе од мочуриштето во кое не однесе историјата или сите ќе се удавиме во плиткоста на уцената која врз општеството ја прави Фамилијата од ходниците на скопските кривични судови.
Споменатите, дебатирачи во тв студијата што доаѓаат од зградата наречена Шампита, не сакаат да се соочат со најочигледните докази дека се на една антиисториска позиција. Како може да се објасни, да речеме, посетата на канцеларката Меркел на Скопје? Особено нејзиното барање да се сретне во лидерот на ДПМНЕ во просториите на германската амбасада, дава толку јасен знак за вредноста во Европа на ставот на нашата демохристијанска партија. И тоа беше побарано да дојде сам. Најнапред тоа лоцирање на средбата (доаѓање на нозе кај оној кој се знае што претставува) е јасно одбележување на како е вреднуван Мицковски. Понатаму, фактот што треба да дојде сам во Козле, каде што е сместена амбасадата, покажува дека „лекцијата“ треба да ја слушне соло, никој да не му дише во врат, посебно не онаа негова сенка Каракамишева. Беше смешно да се слушне објаснувањето на Мицковски следните денови како си поминал на средбата со канцеларката. Тој вели дека таа се интересирала за некој негова научна посета на Германија. Можеби се насекирала дали партијата има да мудаде сенвич и сокче за по пат! Се слуша дека во последно време нема такви издатоци во неговата партија. Да не заборавиме дека пред да тргне за Козле од зградата на македонската влада Меркел на новинарите практично им кажа што ќе го советува профсорот од Електро факултетот.
Сликата за поддршката која Спогодбата на земјава со Грција ја има кај меѓународната заедница највеќе се забележува во третманот кој го има земјава кај најсилната нација во светот. Просто средби со толку врвни луѓе во Вашингтон, како што некои оценија е рамно на политички спектакл. Да потсетиме дека неодамна кај нас беше министерот за одбрана Џејмс Матис, некој ден пред него исто во Скопје беше помошникот-државен секретар Вес Мичел, а пред еден месец во Вашингтон беше шефот на дипломатијата Никола Димитров на средба со државниот секретар Мајк Помпео. Многу поголеми земји, нека се и сојузници на САД, не можат да си дозволат таква „густина“ во покривањето на сите релевантни сектори на американската администрација.
Конечно, тука е за многумина ненадејната, блиц посета на Заев на Вашингтон на средба со Мајк Пенс, потпретседателот на САД. Многумина во овој настан гледаат нешто што треба да остане во дискреција и што веројатно е поврзано токму со референдумнот!
Нешто што треба да ја покаже својата важност овие денови?!
Во исто време претседателот на државата – Ѓорѓе Иванов, кој е во целонеделна посета на Америка, не може да смета дека никој релевантен политичар што е дојден на седницата на Генералното собрание на ОН, или е дел од политичката екит на земјата-домаќин, секако нема да се сретне со него. Никој во ВМРО ДПМНЕ не сака да види во каква меѓународна изолација е земјава онаму каде една страна на комуникацијата треба да биде нивен партиски човек, за каков секако може да се смета Иванов. Ете, нему Русите му помогнале деновиве да не биде толку осамен во тоа мноштво, армија практично од политичари, собрани на Ист Ривер, па имал средба со заменик-генералниот секретар на ОН задолжен за контра-тероризам, Владимир Воронков. Демек ние сме некоја моќна држава „сами по себе“ и можеме да дадеме битна улога во борбата со тероризмот. Ах, да, имал средба и со човек од кралското семејстсво на Јордан. Дали тоа – според Иванов, големиот противник на евроинтеграциите е нашата замена за пазарите на ЕУ?
Но, нема сомнение дека цел тој рид на недоветности и глупости што ја следиме кај кампањата за бојкот на референдумот некои резултати постојат?! Дали тие можат да ги остават протагонистите за успешен референдум без доволен број гласачи?
„Нашите истражувања покажуваат моментално расположение за излезност помеѓу 43-49 отсто од гласачкото тело. Сето ова ја прави ситуацијата многу непредвидлива во контекст на остварување на референдумскиот праг, како критериум за успешноста на рефрендумот. Сепак со вака небалансирана кампања, т.е доминантно присуство на пораки за гласање, цензусот е можно да се оствари. Тоа е најдобриот начин за да се зачекори понатаму, каков и да е исходот. Во спротивно продолжување на процесот без остварен праг ќе биде основа за нови оспорување на волјата, етнички антагонизми, нови национализми итн. Вредно е да се укаже и дека договорот не ја гаантира европската идниниа на Македонија, но ја прави поизгледна од било која друга алтернатива и што е многу значајно и обезбедува на ЕУ конкретни механизми да менторирање на реформските процеси во Македонија за кои сами како општество не покажавме доволно интегритет во минатото, но и сега’ – вели Трошановски од Инстиутот за демократија „Соцеатас цивилис”.
За ралика од него, аналитичарот Сулејмани Рушити, поранешен политичар, смета дека цензусот е тешко остварлив во сегашниот политичко-социјален контекст во кој се наоѓа земјата .
„Сметам дека референдумот нема да го постигне потребното мнознство гласови, поради енормно големиот број на гласачи во однос на граѓани, но и поради иселеноста на луѓето последните пет годин.Но од тоталниот број на излезени ке има огромно мнозинство, со што пратениците ќе имаат морална поддршка да гласаат за усвојување на договорот” – вели Сулејмани.
Тој говори дека во целата ситуација има план „Б“ – ако големо мнозинство од оние кои излегле на гласање се за прифаќање на Спогодбата од Преспа, како што врли Заев тогаш пратениците ќе можат да одат на расправа за промена на Уставот. Ова секако е поконфликтно решение во однос на чистата победа на 30 септември и може да значи можен влез во подлабока, нова криза во земјава. Затоа да се излезе масовно на гласање.
За крај да ви пренесам една забелешка која пријателка од Фејсбук ја напиша деновиве.
„Мајка ми на 82 години, неподвижна, совесно сама побара гласање дома со зборовите:
– Моето е завршено. Денес сум, утре не сум. Ќе гласам за Вас. Бел ден не видовте, цел живот во нервози го поминавте. Ќе гласам за сестра ти што работи по 12 саати, а трудовата инспекција мижи пред тоа. Ќе гласам за децата. Ќе гласам за тебе што на 50 и кусур имаш десет години стаж, а некој ти вели требало да волонтираш допрва… Ќе гласам за Вас, зошто вака неподвижна Ве врзав за мене, место да си барате чаре…..И ме расплака!“