Двете соседни држави се повеќе стануваат слични согласно на проблемите околу создавањето на влади. Во Бугарија рушењето на коалиционата влада во која е прогресивниот Петков и Продолжуваме со промените е дел од враќањето кон парасоветскиот модел од времето на Живков. А кај нас рушењето на владите на Заев и сега на Ковачевски е враќање кон моделот на „буразерскиот ревизионизам“ на два националистички блокови, за кој се залагале своевремено албанските бегови и вмроовските војводи во преговорите од предилинденскиот период и кои во последно време го засилуваат потпалувањето на огновите забележани пред повеќе од 150 години. Историски ревизионизам значи влез во старите историски читанки кои совремието одамна го има фрлено на ѓубриште. Во тој синхроницитет медиумите на двете страни играат клучна улога. А присуството на црните листи што ги има за двете страни од западните сојузници и клучните актери на лошите политики е значајно за темата како показател за вратениот часовник тука и околу нас
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога во октомври 2013 година со колегата Васко Мицковски присуствувавме на трибина за слободното новинарство во Благоевград дознавме за постојаните масовни демонстрации на граѓаните во Софија. Но, на 30-те бугарски тв канали кои ги имнаше достапни во хотелот само еден даваше редовни извештаи од политичкиот настан број еден, – бугарскиот Евроњуз. Дури и фактот дека од тие протести имаше блокади секој работен ден после крајот на работното време до доцна во ноќта не беше доволна веста или не дај боже коментарите да добијат видливост. Масата на протестанти беше проценета на 300 илјади, што говори за речиси хистерично незадоволсдтво и тоа од сите политички субјекти, кои никако да ја надминат блокадата на институциите и пречестото барање (безуспешно) на излезот преку нови и нови избори.
Дури и купувањето на грст дневни и неделни весници не помогна во барањето на нешто што делуваше како „колец во окото“ не помогна: бојкотот на општонародното незадоволство беше предмет на некаков уреднички колегиум од здружените медиуми во таа земја. Зад сето тоа несомнено стоеја сите тамошни релевантни партии односно со само еден исклучок и тоа на една телевизија која е финансирана со европски пари. Притисокот на политиката не дозволи ниту печатење на било што во врска со изливот на спонтан гнев! На мое укажување на еден од уредниците на софиски „Дневник“, кој беше на средбата за ова тој се вцрвени, ги подигна рамениците во стилот „знаеш како е“ и замолче. Насловот на дебатата на која двајцата присуствувавме да не ја повторувам – слободата на медиумите.
ИДЕНТИЧЕН МЕДИУМСКИ ПЕЈСАЖ Во многуте сличности меѓу бугарската и нашата политичка сцена, не секогаш зависна од меѓусебните спорови и спорења, секако влегува и тој битен пејсаж – медиумскиот.
Кај окупацијата на тв станиците и весниците, која е стара практика уште од „првото вмро“, не без традиција и во претходниот период, секако, посебно дојде до израз во времето на владеењето на камарилата на Груевски, познат по тоа дека и кај оние уредници и сопственици со слугански табиет а кои во разговор со него инсистирале, на малку „неутралност во пристапот“ отсечно одговарал – или си со нас или си против нас. Трето нема.
Да не одиме веднаш во поединечни случаи. И она што се случуваше со медиумите во Бугарија и она што е наша ситуација на тој план е само дел од формирањето на првата транзициона хипотенуза за која медиумите беа една од катетите.
МОЌНИК КОЈ СТОЕШЕ ВО БЕКСТЕЈЏОТ ДОЛГО ВРЕМЕ Преку Деве Баир кралот на медиумите е фамозниот Делјан Пеевски, кој како камелеон час е политичар, час е сопственик на медиумскиот простор ама има години и кога за него прашуваат „кој е тој“. Во време кога во Бугарија дојде до нови масовни собирања на народот после оние споменати од 2013 година а тоа беше летото во 2920 година, Дељан Пеевски излезе од бекстејџот и изјави „мафијата кај нас има држава ама од нас (читај – мене) зависи дали мафијата ќе има и народ“
.(https://www.dw.com/bg/koj-se-izvadi-mafiata-ot-drzavata/a-68906115).
Делјан Пеевски е разбирливо човек со многу пари, официјално моќен бизнисмен, акцептиран одамна како медиумски магнат и пратеник од бугарското Движење за права и слобода (ДПС). Во деловната и политичката сцена, Пеевски одлучи тогаш да застане во центарот на политичките обвинувања (deux es macina) што го наведоа тогашниот премиер Бојко Борисов да го реконструира својот кабинет во тој момент. Борисов на 23 јули 2000 година објави дека ги заменува неговите министри за внатрешни работи, економија, финансии и туризам. Како што потсетува познатат аналитичарка Емилија Милчева (Дојче Веле на бугарски) „најголемата услуга за Пеевски, прогласен за симбол на освоената држава, беше неговата неговата визуелизација во медиумскиот простор“. Невидлив за бугарската правда и институции, со корупција видлива за САД и Велика Британија – поради што и двете земји го санкционираа – тој стана достапен и вработен како пратеник откако ДПС беше примена во владејачкото мнозинство ПП-ДБ – ГЕРБ-СДС.
Така Пеевски беше банализиран, станувајќи некрунисан портпарол на владејачкото мнозинство, со редовно присуство во вестите, исто како и временската прогноза.
Медиумската империја која по потреба ја потресува земјата е основана од 39-годишниот Пеевски, а кој директно поседува над 21 медиуми, без порталите кои се многубројни (https://www.slobodnaevropa.mk/ кој-е-шиши-за-кого-велат-дека-ја-контролира-бугарската-влада-/30756714.html
14.html). Пеевски ја започна својата политичка кариера во 2001 година на 21-годишна возраст како најмлад член на владата на поранешниот бугарски крал Симеон Втори. Најпрвин беше поддржан од Доган од партијата на бугарските Турци а потоа влегувал (и излегувал од органите на државната безбедност), за што му требала посилна подршка макар и од една или две од помоќноте партии (https://www.rferl.org/a/delyan-peevski-rebranding-bulgarian-oligarch/32702080.htm)
Кон кого е наклонет Пеевски? Секако не кон Западот, бидејќи, од таму тој влезе во „црна листа“ односно потпадна под Законот Магнитцки. (https://www.mfrr.eu/bulgaria-magnitsky-sanctions-against-mogul-delyan-peevski-shift-media-landscape/). На списокот објавен од Вашингтон се најдоа поранешните министри Владислав Горанов и Румен Овчаров, директори на нулеарната централа Козолудуј. Одделно, Велика Британија ги стави под санкции Делјан Пеевски и Васил Бошков, веќе еднаш санкционирани од „Магнитски“ пред две години.
Бугарските медиуми пишуваат дека ваквата реакција е веќе видена затоа што и претходно обвинителството бараше одговори од САД за Пеевски за коруптивните зделки во кои бил вмешан тој. Потоа обвинителството на Бугарија соопшто дека Делјан Пеевски е чист по проверките од повеќе институции!
Впрочем ГЕРБ, партијата која секогаш во последните децении освојуваше значаен дел од гласовите на изборите (основана е во 2006 година со помош на германските демохристијани) односно лидерот Бојко Борисов најмалку една деценија добиваше абери од Вашингтон да го уапси погоре споменатиот Васил Бошков, познат по прекарот Черепот, како класична мафијашки лик кој ја тресе земјата во функција на базичен организатор на крими групите.. По толку години притисок Черепот беше уапсен во 2022 година. И во Бугарија настана кладење – дали ќе побегне во затворот после еден или два дена! И погодија оние кои се кладеа на – три дена. Си излезе од затвор и замина за Дубаи, земја каде беагаат сите кои имаат доволно пари и знаат дека нема да бидат испорачани на никоја земја-барател (https://republika.mk/vesti/balkan/pochnal-so-slatki-milioni-napravi-od-fudbal-i-kazina-koj-e-vasil-bozkov-cherepot-na-kogo-borisov-mu-baral-pari/).
„Досиејата се проверуваат со цел да се соберат податоци за криминали извршени од бугарски државјани според бугарскиот кривичен законик. Доколку се утврдат податоци за такви злосторства, тие би биле во опсегот на Конвенцијата на ОН против корупција. Информации од надлежниот американски институцииби помогнале за расчистување на предметот на започнатите увиди и за евентуална идна кривична истрага“, напиша обвинителството во писмото до американското министерство.
Но, да се вратиме на Пеевски, кој е познат по прекарот Шиши, бидејќi, многумина, па и бугарскиот преседател така го ословуваат (значи во жаргон „голем стомак“). При една ситуација интервенцијата преку медиумите е со цел да го спаси Радев од истрага заради откривање на државни тајни (на Русите) а се користи како параван незадоволство на етничките Турци од ситуацијата во земјата (!).
Таа почетн маса на етничките Турци му е доволна за да предизвика поголемо незадоволство, за што преку медиумите и нивното долевање на масло на огнот ќе најде поводи секогаш и во секое време.
КОНЦЕПТОТ „ИДЕИТЕ СЕ НАШИ, БЕНЗИНОТ Е ВАШ“ Македонскиот пример на тој план е секако познат. Власта на Црвенковски и СДСМ наследи по осамостојувањето и заминувањето на експертската влада на Кљусев два големи магнати (НИП-от и МТВ). Со цел на демонополизација создаде многу медиуми, пред се електронски што за нив беа единствено интересни. Буењето на тв станиците стана особено интересно за крупниот бизнис. Интересот за весниците тогаш веќе спласнуваше. Од Квартетот „Технометал во СССР“ учество во основање на медиуми покажа само Трифун Костовски кај основањето на Утрински (1999 г.), и Минчо Јорданов откако пропадна НИП-от во пост фестум спасување на дневниот весник „Нова Македонија“, секако по налог „од горе“. Првиот основач го продаде весникот во првата прилика на WAZ, вториот не се покажа доволно амбициозен како издавач.
Германскиот концерн што држеше три дневни весници кај нас, исто толку во Бѕгарија и медиуми во Србија и Хрватска, кога ги исцрпе некои само нему знајни фондови во ЕУ, по доста кус период ги препушти македонските весници на бизнисменот-политичар Срѓан Керим. Овој го стави на располагање своето мини-царство на режимот на Груевски, се додека тогашниот апсолутистички премиер не свати дека му се доволни тв пропагандите. Како во онаа поговорка – „ако не можете да дишете ќе ве стават на респиратор ама ако не можете да мислите самостојно ќе ви пуштат телевизија“. Како помина единствениот сопственик на медиуми (телевизија, дневни весници и периодични списанија) Велија Рамковски (А1) виде целиот свет. Фирмите на овој сопсственик се затворија со правно насилство, многимина од внатре заработија затворски казни а сртотина луѓе, највеќе новинари останаа на улица…
Ако во Бугарија медиумите припаѓаат на еден сопственик а тој вестите и другите информации ги дели зависно од неговата проценка (ако го прашате Борисов тој ќе посочи со прстот кон Радев), невладиниот сектор
таму (https://www.youtube.com/shorts/d41ly3dsr40) смета дека се работи за триумвират сочинет од Борисов, Пеевски и Радев и дека тоа е фрик-војна (уште и „фалшлива војна“ на бугарски) вели Борис Георгиев, граѓански активист! Резултатот е тој – насочено внимание на медиумите кон одредена цел и апсорбирањето на евентуалните разлики во опсервацијата на одделните општествени прашања.
Кај нас имаше дисперзија на изворите на информација а потоа тие, извори, особено после 2006 година кај електронските но и пишуваните изданија, се претвори во призма, која се наоѓа во штабот на палатата Татарчев Од на се управува со најголем дел од информациите и тие се уредуваат исклучиво според интересите на една партија, построго дури и од времето на еднопартискиот систем. Да не е убиствено по деморкатијата овој воспоставен „ред и поредок“ би имал дури и карикатурални одблесоци. Но тука нема ништо смешно. Новинарот Фуркан Салиу е еден од оние кој неодамна го обелодени документот за функционирањето на тој систем и е само последен, но видовме како мина!
По распадот на Заедно за Македонија која победи во 1994 година на претседателските и парламентарни избори се случи сепарација на многу партии (СДСМ, Либерална, Социјалистичка…) а секој си приграби дел од етерот. Со такви моќни оружја распадот на коалицијата стана полесен а чувството на некаква моќ во заедништвото се расплина, особено после 2006 годин, кога дојдоа локалните избори. Парадоксот е во тоа што она „нека цветаат стотина цветови“ (во еден миг кај нас броевме над 100 радио дифузери!) практично значеше дека само СДСМ остана со куси ракави, белким сметајќи дека МРТВ му припаѓа по дифолт, што беше многу наивно. А после 2006 годинас дури и оние тв медиуми кои можеа да имаат добри приходи и основачи кои немаа проблем со спонзорирањето, просто се натпреваруваа во подаништвото кон уќуматот (адресата веќе ја дадовме).
Секако не е познат случајот кога еден познавач на историјата на НОБ побарал малку простор во една телевизија за прилози од времето на антифашистичката борба, но добил плашливо одбивање од главниот уредник со зборовите „ти не знаеш какви се овие“. Мислел на претходниот премиер и шеф на партија кој ја измисли антиквизацијата и кој преку своите јуришни одреди ги избрка борците од НОБ од нивната зграда (Домот на воените инвалиди). Демагошката структура на груевизмот (во основата на историскиот ревизионизам (https://360stepeni.mk/pendarovski-bugarija-pravi-istoriski-revizionizam-koj-e-apsolutno-nedozvoliv/, што беше предмет на еден научен собир со учесници од регионот во мај 2023 година) просто знаеше да користи се’ што во еден миг и одговара и одвреме-навреме ќе се закитеа со некое парче од партизанска епопеја кога ќе биде конјуктурно (низ епизодата „Стреланите деца од Ваташа“ на пример).
Овој модел не само што е анахрон за ова време и треба да се бара негов „близнак“ многу децении наназад, туку е евтин за оној кој го поседува (според системот „идеите се наши, бензинот е ваш“) кој и не мора толку многу да се бави со сметководство и финансии, туку само да го добива политичкиот профит. Јасно, кога е власт црвено-црната партија дава доста концесии за фирмите кои се продуценти на тв и радио програми. Познат е оној телефонски разговор меѓу Горан Иванов, сопственикот на Сител и некој од раководството на ВМРО ДПМНЕ за добивање на ископ на јаглен во РЕК Битола. Барањето беше во стилот – та ние толку работиме за вас а не добиваме доволно за возврат. Често се рекетираа фирми кои практично од своја сметка ги плаќаа интелектуалците (или „интелектуалците“). Се работи за Радио Слободна Македонија, која со појавувањето собра 50 отсто од приходите на сите радио станици во земјава! Или да споменеме дека рекетирање беше земало замав што може да се дигне косата на главата (кај оние кои ја имаат) – во една од најмоќните компании беше ставен партиски „амбасадор“ кој одлучуваше кои медиумнски куќи може да добиваат реклами а кои треба да извисат. Да, да, и тоа го имаше а се плашам дека може пак да го има одново.
Постои секако и поинаква споредлива перцепција на двете општества – нашето и бугарското, во канџите на историскиот ревизинионизам. Јасно, сето ова и во двете земји се случува под шаторот на руското влијание. А за тоа продолжувам по некој ден!