Скопските студенти протестираа пред грчкиот конзулат во градот заради воведувањето на диктатурата во Атина со пучот во април 1967 година. Тоа е темата за која тука евентуално би имало протести и денес, по било кој повод ама контра „полковниците“. Оттаму и она „името не го даваме“ и политичките прагми кои тука, во таквите креда, си наоѓаат жиранти за сопствените програмски кредити. Па и за она „името не го даваме“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Јунските настани од 1968 година и македонско-грчките преговори за името деновиве, значи во 2018 година, навидум немаат никакви допирни точки. Просто ќе ве прогласат за луд ако ги споредувате, иако, секако и во историјата си постои она што се нарекува причинско-последична хронологија на настаните.
Најпрвин за она што се случуваше во Скопје, тие јунски денови пред половина век. Светот се потресе, францускиот претседател Де Гол, огнениот противник на НАТО пактот, за да ја спаси Петтата република од потенцијалниот бунт и веројатно револуција во земјата, особено откако синдикатите најавија спој со младоста на својата земја замина во една база на САД во Германија, со хеликоптер, за да побара, во таков случај, надворешна воена интервенција! Белградскиот универзитет вриеше а неприкосновениот Тито, во еден конфузен говор призна дел од студентските барања, пред се оние кои доаѓаа полево од она што беше програма на неговата партија и така го смири епицентарот на големите неволји во кои се најде неговата визија. За ова нешто донесуваме и ние, преку реобјавување на интервјуто со Славко Милосавлевски, еден од директните учесници на тие настани и потоа една од првите жртви на „револуционизирањето“ на општеството.
Во Скопје навидум се случи само една „лажировка“, божемна дискусија, контролирана, се разбира, во една од предавалните на Педагошката академија (каде беа сместени и Правниот и Економскиот факултет) и тоа беше се’. Не дека Скопје не беше бунтовен град. Ама за што и кон кого?
Кон крајот на април 1967 година студентите од градов, собрани пред најновата зграда во универзитетскиот кампус – Технолошко-металуршкиот факултет, со извици и пароли тргнаа кон грчкиот конзулат на улицата која тогаш се викаше „Фрањо Клуз“ (чинам дека тоа име постои и денес, каде е поставен оној споменик на „берзанскиот бик“!). Беше се’ уште ладно, студентите носеа капути а тие им помогнаа да ги издржат пендреците на полицијата, качена на коњи (ергела Хиподром) кои баботеа по нивните грбови. Јасно, тие бараа да се врати слободата во нејзината колепка, во Атина. Тоа секако беше организиран протест, бидејќи некои повозрасни луѓе од мене (злобниците велат дури и од мене!) биле поактивно вклучени во тие настани, кажуваат дека говорите ги држеле лица кои се сметале за младински активисти а некаде и просветни работници (во Битола, на пример) по вокација предавачи на историјата.
Па во тој контекст може да се рече дека Скопје било град каде за прв пат во социјализмот имаме организиран студентски протест, ама поводот е тој што бил. Завртен кон надвор! Меѓу протестантите веројатно имало и деца на некогашните бегалци од Граѓанската војна во Грација (денес би биле ли попрецизни ако речеме бегалци од Долна или Јужна Македонија), но секако имало многумина кои ги искусиле каприците на грчката администрација вадејќи виза во она легендарно и тесно уличе, каде што се денес Министерството за финансии односно Лотарија на Македонија.
Во Македонија следната година, на 11 март имало протести кои тогаш веднаш добија предзнак националистички, и тоа во Тетово за она што се нарекува „албански права“, секако колективни. Проблемот е – вели Милосавлевски – кој подоцна беше прогласен за либерал, па екскомунициран, што кај нас постојано се барале колективни права а никој не мислел на индивудуалните права и позиции. Без индивидуални позиции и права во општеството не може да се гради либерално општество – вели Милосавлевски и секако е во право.
Реформите во тогашното југословенско општество започнаа во 1968 година. Тие се познати како „Кирови реформи“, бидејќи, најиздвоен во креирањето на нејзините чекори беше идниот претседател на независна Македонија Киро Глигоров. Патот кон пазарното општество, барањата да имаме вистински синдикат ама и независни работодавачи, без партиски шефови над нивната глава, значеле носење на крупни одлуки и пресврти во општеството. Идеолошката кондиција за таквите промени дојдоа со т.н. Брионски пленум (1966 г.) кога се расчистуваше со „полициската држава“ и се бараше сосема поинаков пат на развојот. Дали – ако настаните одеа во таа насока и ако се претворевме во либерално и веројатно плуралистичко општество – немаше одамна да бевме во Европската унија (тогаш само Заедница)? Веројатно – да. И да и дадеме крилја на фантазијата: немаше да се расправаме со разни Каменоси, Мицотакоси или Павлоси, во таков случај. Но јуни 1968 година ја прекина реформата и за неа никој повеќе не разговараше. Останаа на врвот само колективните права (Хрватска Косово, потоа и Србија) па промени имаше само во однос на тие настани и немири кои доведоа до тоа федерацијата да стане конфедерација, ама без други промени навнатре! И покрај одмаздата која на свој грб ја почувствуваа многу студентски и професорски лидери на бунтот од пред половина столетие, само во Југославија тие протести имаа релативен успех и го свртеа точакот на историјата назад, кон револуционерниот ентузијазам и паролите од 40-тите и 50-ти години на векот.
„Во пристапот кон темата, само ентузијастите се одвоени и се разочарани и често нудат обединето толкување на историјата“ – вели еден белградски колега деновиве, коментирајќи ги настаните од јуни 1968 година (од 2 до 9 тој месец траеја „липањските гибања“) кои само малку се појавија во Загреб и во Сараево. Всушност, што останува од мај ’68? Нејасни сеќавања на една генерација која се обидува да ги најде причините за сопствената негација или нешто повеќе? Во париски „Монд“, во прилкогот на оваа тема, пишпува дека академикот Кристин Рос од Њујорк, потсетува во својата книга дека бунтот од 1968 година беше првенствено можност за неверојатен спојување на работниците и студентите во заеднички предизвик на општествениот поредок. Францускиот мај ’68, според историчарот Пјер Нори, пак е „монструозен настан”, но тој сепак привлекува внимание дури и во учебниците. Во секој случај, овој настан, кој се уште предизвикува контроверзност е дел од поширокиот контекст во кој се ширеле протести низ капиталистичкиот и комунистичкиот свет. Имено, светот бил пред дилема, која не изостанува и денес, кој концепт е подобар: оној кој воведува уравниловка како спас од канџите на либералниот капитализам, кој пак носи гигантска нееднаквост или оној кој гаантира врвни индивидуални права, но само за оној „кој ќе преживее“? Одговорите и барањата биле спротивни – во Прага го барале ова второто а во Париз она првото…
Пред 50 години идеи, слогани и борби кружеле од едниот крај на светот до другиот. Во Франција, споменува Монд, речиси сто книги се објавени по повод „прославата” на мај, шеесет и осмата. Овој наплив на такви наслови може да донесе голем број на различни пристапи и да се фрли нова светлина врз разбирањето на феноменот што постоеле во многу земји. Сепак, пристапот до него е само разделен од страна на оние кои биле ентузијасти и сега се главно разочарани, а ретко нудат недвосмислена толкување на историјата.
Гледани од аспект на тековните проблеми на Македонија секако се забележува дека тој егалитаризам од 68-та главно се раздвижува само кога се во прашања одредени колективни стереотипи („правата на загрозените Албанци“, „не го даваме јазикот“ или „името си е наше“) а никако тогаш кога треба да се пресече во корист на семејните и индивидуални придобивки, што пак на крајот, ама некогаш и зад аголот на историјата, ќе резултира со поопшти вредности. И тоа не како дилема дали имало и за што бунтови кај нас, туку чисто како состојба на свеста.
Впрочем дури и нашата Левица лесно мина од првомајскиот проглас за работничките права во тужба против државата и нејзиниот премиер, бидејќи „го продале името“. Патем и Комунистичката партија на Грција, не пропушти да биде подесна од десните партии, небаре е „Златна зора“, кога го даде својот осврт врз македонско – грчките преговори?! Како лесно идеолошките огради се претвораат во градежен материјал за националистичките говорници!