Черчил беше вистинскиот човек на вистинската работа во вистинско време. Еден од големата тројка на антихитлеровската коалиција падна од власта само што стивнаа топовите во Европа! Каква е таа меморија на риба кај јавното мислење кога и кај нас имавме политичари кои во изминатите години добија три битки: со епидемијата, со енергетската криза и конечно со одржувањето на економијата во продуктивна форма во контекст на светската економска криза. И заминуваат кога состојбите се нормализираа благодарејќи на нивниот ангажман?!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога заврши Втората светска војна во Европа, британските бирачи го сменија Винстон Черчил од премиер. Практично експресно и дури демонстративно, не респектирајќи ги неговите заслуги наназад кога не само што ја одбрани Британија туку и светот од нацистичкото покорување. Деновиве може да се запрашаме зошто се поразени оние кои толку сторија за својата земја и народ – кои не однесоа во НАТО, се најдоа пред вратите на Брисел, успешно ја надминаа здравствената, енергетската и економската криза генерално што не нападна во кус период? Зошто беа наградени токму оние кои постојано го блокираа одењето напред, подигнуваа рачни сопирачки на секој план – од месна заедница до референдумски и други прашања од клучен национален интерес, како што беше пописот на населението, за да му дадат власт на човекот кого странскиот фактор веќе го нарече „продавач на стари автомобили“ или поинаку речено – измамник кому не треба да му се верува?
Како лидерот на антифашистичка борба изгуби избори веднаш по крајот на војната?
Оваа дилема околу трајноста на заслугите произлегува делумно од резултатите на нашите претседателски и парламентарни избори, но и од фактот што деновиве светот одбележува 79 години од големиот Ден на победата, па мислата отиде неизбежно кон ликовите на Големата тројка, која, на својот грб го изнесе товарот на победата. Винстон Черчил, како еден од нив, на тој ден од страна на своите сограѓани практично веднаш беше турнат во архивите. Дури иако со месеци реално осамен, кога говориме за Тројката, стоеше наспроти Хитлер и неговата солдатеска, додека Рузвелт калкулираше со својата независност се до катастрофата во Перл Харбур а Сталин ги користеше „придобивките“ од пактот Молотов – Рибентроп.
Да им биде на читателите појасно: џинот на антифашистичкиот отпор во Европа, Африка и Далечниот Исток – Черчил на општите избори во Обединетото Кралство одржани на 5 јули 1945 година катастрофално изгуби, овој пат како лидер на Конзервативната партија. Претходно, од 1940 година, заедно со другите партии беше основан воен кабинет во кој главните политички конкуренти лабуристите го имаа местото број два – значи постоеше заедничко управување со државата и еден пакт на ненапаѓање заради општите цели на одбраната. Претходно, од страна на лидертот на лабуристите, „политичарот број два“ беше одбиено барањето на Черчил изборите да се одржат до крајот на војната на Далечниот Исток, или барем еден месец подоцна од закажаниот термин, додека капитулацијата на Јапонија, како дефинитивен крја на војната, се случи во август истата година
Конечниот резултат од изборите покажа дека лабуристите извојувале убедлива победа, освојувајќи 47,7% од гласовите на народот и постигнувајќи мнозинство од 145 места во Парламентот. Со тоа му овозможиле на Атли да биде назначен за премиер. Овие избори ја одбележаа „премиерата“ – Лабуристичката партија за прв пат да освои целосно мнозинство во Парламентот и му дозволија на лидерот Атли да започне со спроведување на повоените реформи за земјата. Воедно за конзервативците, победата на лабуристите беше шок, бидејќи, освоија 36,2% од гласовите и водеа кампања врз основа на погрешното верување дека Черчил ќе победи додека луѓето го фалат неговиот придонес во војната. Од другите две големи партии, Либералната партија се соочи со сериозен удар со освоени 9 отсто, пред се заради загуба на популарност во урбаните области, вклучувајќи го и родното место на нејзиниот лидер, Арчибалд Синклер. (https://en.wikipedia.org/wiki/1945_United_Kingdom_general_election)
Факт е дека гласачите потоа сватија дека направиле грешка и на следните општи избори во 1951 година конзервативците одново владееле со Парламентот а Черчил остана активно вклучен во политиката и се врати како премиер.
Јавно мислење со меморија на риба
Како се случи тој блам од 1945 година, не интересира и денес. Како некаква поука во насока да си одговориме зошто јавното мислење има меморија како риба (научниците велат дека сеќевањето за некој настан кај овие животни трае од 2 до 4 секунди), колку бргу ги заборава моментите на големиот придонес, една надмоќна стратегија и храброст за одеднаш придобивките да ги придобие некој кој бил во сенка како Атли! Па, да бидеме и злобни, споменатиот лабурист некако имал повеќе време и простор да ја готви својата поствоена стратегија.
Имено, анкетите од февруари 1945 г. покажале силен, надмоќен рејтинг за Черчил, но лабуристите очевидно си граделе поствоена стратегија која секој нареден месец ја менувала ситуацијата. Но, во мај 1945 година односот ториевци – лабуристи сепак изнесувал 84:16 отсто а за еден месец сето тоа се срушило на земја, буквално со тресок. Само што стивнале топовите!
Ралф Ингерсол (https://en.wikipedia.org/wiki/Ralph_Ingersoll_(PM_publisher)
го објаснувал ова: „Секаде каде што одев во Лондон, луѓето се восхитуваа на енергијата (на Черчил), неговата храброст, неговата цврста определеност да оствари некоја цел. Луѓето велеа дека не знаат што ќе направи Британија без него. Очигледно беше почитуван. Но, никој не чувствуваше дека ќе биде премиер после војната. Едноставно беше вистинскиот човек на вистинската работа во вистинско време“
И од денешен ракурс, гледајќи ги актуелните политички состојби после изборите кај нас може да се запрашаме – постојат ли политичари кои треба да се истрошат кога е тешко, најтешко, кога постојат ризици од хаварија на целиот систем, на државата, кога можеби ќе се преземат чекори како за вонредни ситуации, кои можат да повредат интереси на одредени моќници, групи или асоцијации, ама се оставруваат далеку поголеми, историски цели.
Експресен заборав за лидерот на југословенскиот либерализам
Прва таква жртва во поновата македонска историја, кога зејата направи голем исчекор во општествениот развој, во секој поглед, секако беше во времето на Крсте Црвенковски (1921- 2001), кој како извонреден ерудит, речиси исклучок во тогашниот политички апарат во Македонија ама и во најшироки, федерални рамки, го тргна репресивниот апарат и постави сосема поинакви рамки на идниот полиберален начин на сваќање на односите во општеството. По негова заслуга се отиде подалеку во устоличување на МАНУ, во инаугурација на независната црква, ги стави темелите на многу национални институции. И што доживеа? Целосен заборав, имаме во неговиот случај комплетен колапс на историскарта меморија! Пред чинам две години се одржа некаков симпозиум (еднодневен!) во МАНУ од кој не видовме никаков пишан резултат, некоја збирка на поднесените реферати. Во институцијата која практично тој ја основаше, и даде простор да се појави а беше замразен од една огромна групација на центристички сили во тогашната федерација односот кон него едноставно е повеќе од срамен. Како и кон други основачи на институцијата, Славко Јаневски на пример.
Двојниот атентат врз Глигоров
Во листата на недостојно испратени политичари кои одиграле клучна ролја за поновата историја на земјава, би требало да се спомене секако и можеби пред се првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров (1917 – 2012) кој два пати беше на таа функција. Неговата политичка зрелост секако правеше вистински стратешки кристијании низ драматичните настани, па и вистински војни со стотици илјади жртви во регионот, за да ја тргне опасноста по својата земја. Тогаш бевме оаза на мирот, како што не нарекуваа, иако имаше секако и такви поединци, групи па би се рекло и партии кои велеа дека „нема свадба без крв!“. Нашето членство ОН секако беше првото меѓународно устоличување на младата држава во меѓународни рамки. Атентатот врз него во 1995 година јасно покажа дека рушењето на земјата треба да почне со девастацијата на неговиот пиедестал. Но ја покажа и неговата ценетост во рамките на сериозната меѓународна политика.
Ова сето очекувано доведе до негов силен углед во поголем дел од јавноста, со исклучок на неколку партии, пред се од десницата (ВМРО ДПМНЕ) и потоа во политичкиот центар (ДА на Тупурковски), со кои беше тешко да се колаборира во периодот после нивното преземање на власта. Во дел од либералите, кои го грабнаа капиталот на социјалистичката изградба во траење од 45 години, дури се јави иницијатива за некаков комплот, удар преку медиумите, што беше крајно нечесна пресметка со неговиот сјаен, историски придонес за земјата, Ова се случи преку аферата лиферувана на новоформиран журналистички центар. Кој за волја на вистината опстои кусо, брзо исчезна, откако ја оствари својата ролја. Да не одиме во детали, но ова означи колку ли само чистиот политички профит за заедницата е лизгав и неодржлив во валканицата на примитивната политика, водена или од национализмот или од потребата на транзиционите богаташи да ги земат политичките узди. Со толку противници тешко се излегува на крај. Разрешницата од таквата ситуација доведе до низа неповолнио движења во земјата, појавата на меѓународни блокади, тајванската афера ги тргна меѓународните заштитни огради околу земјава, се појавија герилски одреди во планините на северна и северозападна Македонија, па плановите за поделба на земјата со граница кај Групчин, истата онаа од периодот 191 – 45 година… Па дури и подржана од првиот човек на МАНУ и молчешкум дочекана од повеќето нејзини членови. Многу превртувања имаше тогаш во земјиштето на партизанските гробишта… Беше ли тоа ситуација која покажува на куса, експресна ревизија на историските дострели за што се водени тешки и долги борби и се стекнала независност. И се било релативизирано, дури и од наши колеги од кои некои заминаа во новите медиуми кои станаа дел од споменатиот комплот против Глигоров?!
Херој, душман и одново херој
Кусото владеење на социјал-демократите (2002 – 2006) беше само пауза во која истите регресивни сили не мируваа. Правосудството беше комплетно окупирано од тогашната опозиција, правдата понижена, а стекнатата позиција на полуотворена бриселска врата не ја смени судбината. Може да се рече дека како и Черчил, чија партија требаше да ги преземе гревовите на минатото за што, како гарнитура, немаше влијание (големата економска криза од 1930 година и отсуството на „њу дил“ на Островот) а кои наеднаш се повампириле во сосема новопоставени околности, рералноста на рестрикциите (разбирливи за големата војна) просто одеднаш се претворија во сунѓер со сапуница која треба во име на подалечното минато да ја избрише шофершајбната на современоста!
Ова го потврдува и историчарот Хенри Пелинг (https://en.wikipedia.org/wiki/Henry_Pelling) , истакнувајќи ги „широките стравувања од враќање на високата невработеност од 1930-тите…“.
Ова треба да се спомене во однос на поновата македонска историја, бидејќи, власта на социјал-демократите во овој период (2002 – 2006) беше оптоварена со Охридскиот договор и неговата примена а кој за голем дел од етничкото македонско население беше сметан за „издајнички акт“ кој соодветно треба да биде игнорираран како дел на некаков меѓународен притисок. Партијата која немаше одговорност за настанокот на судирите, напротив, требаше да ја преземе „вината“, кај овие гласачи како штафета од оние кои беа директно инволвирање во настанувањето и текот на судирот од 2001 година. Откако гласачкото тело ја казни партијата ВМРО ДПМНЕ „за поразот“ на оној 15-ти септември (2002 година) истиот просто очекуваше прескокнување на Охридскиот договор во реалниот живот.
Тука секако влегува и судбината на шефот на државата Борис Трајковски, кој влезе во преседателската трка во 1999 г. со реторика која сакаше да ја слушне дел од гласачите, потоа за промена презеде одговорна улога во време на воениот конфликт. Поддршката што лично ја имаше од американскиот претседател Буш помладиот не се сметаше за „добредојдена“(!) а неговиот рејтинг падна на само 2 отсто, што секако беше некаков минимум кој за оваа функција бил познат во периодот по стекнувањето на независноста. И сега внимавајте – неговата смрт во авионска несреќа, која кај јавноста се’ уште се прима со скепса и се третира како дел на меѓународна завера, доведе до коперникански пресврт: погребот на претседателот Трајковски наеднаш направи од него пример за лична жртва за добробитта на нацијата!
Такви пресврти секако не се објасниви никако поинаку, освен дека голем дел од јавното мислење е под контрола со далечински управувач! Неговата партија, која се одрекна од него, потоа го стави неговото име на веројатно најдолгиот булевар во Скопје. Има ли тука некакво рационално објаснување? Има. Кај народ кој е „воспитан“ на драматургијата на сапунските опери, порано јужно-американски а подоцна турски, кои ги „краси“ мелодрамското однесување, односно наглата промена на расположението кон јунаците на тв екранот. Кога тоа ќе се комбинира со политичка сторија делува експлозивно. Мелодрамите се делотворни кога излегуваат од малите екрани. А видетен ја рограмската содржина на нашите мејнстрим тепевизии – ред серии, па фингирани вести, па пак серии, па исти вести…
Долгата сенка на диктатурата
Да скокнеме во поблиските години. По 11-годишна диктатура откриените разговори на врвот на полит-мафијата кај нас предизвика масовни немири по што партијата ВМРО ДПМНЕ изгуби во трката за задржување на премиерската позиција. Не беше тоа соодветно на реакциите на јавноста, бидејќи, како кај споменатите мелодрами, тогашната власт на Груевски имаше максимална поддршка кај сите главни медиуми, посебно оние со слика и тон.
Не беше тоа многу среќен период за оние кои стекнаа одговорност за водење на државата. Мина многу време во одбегнувањето на предавањето на власта, постоеше и обид за државен удар во Собранието на 27 април 2017 година, кога навистина беше и крваво и опасно по оние кои ја презедоа власта. Како во вистинска војна, со завиткани глави со завој и еден речиси мртов политичар однесен во блиската болница под превезот на божемната смрт на човекот…
Пак имаше еден пресврт во гласањето, па по некој месец на локалните избори дотогашната власт доживеа дебакл. Би се рекло дека беше премногу рано да се заборави битката во Парламентот а шокот од неуспешното насилно задржување на власта се прелеа во гласачките кутии. За кусо, бидејќи, дојдоа настани кои беа историски (Преспанскиот договор, влезот во НАТО, па колебливоста на Унијата за прием на нови членки) а наполнетите батерии за поддршката лесно се испразнија, бидејќи сите тие настани се ставаа медиумски во негативен контекст. Дури, иако одговорните водеа три големи битки, кои повторно беа светски и ги добија со многу скромни ресурси во секој поглед. Пандемијата во земјава беше совладана полесно и побрзо отколку во соседните земји, иако во таа пресметка влеговме без соодветни капацитети, соочени со себичност на светската (богата) заедница на стартот во однос на неопходните вакцини, но со делумна дисциплинираност на граѓанството, за што сепак треба да се пофалат – властите! Сите околности водеа кон депресија а Владата стана и менаџер на речиси сите компании во земјава, онака како во војна а вработените и пензионерите сепак успеваа да го добијат она што го заслужуваат. Претходниот претседател Иванов би рекол – „изгледа чудно, ама делува“. Вееќе тука помагаше и ЕУ ама не со невидливи милијарди , што сега ги нуди кандидатот за нов премиер Мицковски, како да е тоа некоја добивка на затворена партија покер а не задолжување за државата. Војната во Украина создаде проблеми со енергијата и со храната и предизвикаа инфлација, одново во светски рамки ама и таа криза се надмина. Беше ли лесно? Можеше ли секаква влада тоа да го надмине? Секако не, напротив, тука постоеше и дисциплина и енергичност во пресметка со поставените додатни пречки во форма на секојдневни бојкоти од опопзицијата. Како оние килави пртотести дека „струјата енормно ќе поскапи“, или нема плати во туризмот, па нема ваму, нема онаму, кога нашите славни менаџери, на чело со претседатело на Комората не знаеја ни како се викаат, владата со министрите обезбеди безбедна живеачка.
Победникот во војната, губитникот во мирот Черчил дојде одново на власт во 1951 година, на следните избори. Дали тоа кај нас би било можно, со оглед на гласачкото тело кое ги помни само грешките во мигот, посебно кога се тие пропагандна конструкција, подржана од медиумската тешка артилерија? Тешко е да се кааже, како што рече експретседатлот Пендаровски, во време на ВМРО никогаш немало чесни избори. За разлика од оние организирани од Британците.