Дали „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се бугарска измислица?
ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
На 18-ти јануари 1871 во весникот „Македонија“ во Цариград, неговиот редактор Петко Рачев Славејков го објавува контроверзниот напис „Македонското прашање“. Во јануари 2021 се навршуваат 150 години откако Славејков одлучува да проговори за „Македонското прашање“ кое, според него, десетина години намерно било премолчувано во тогашниот бугарски печат зашто било „деликатна“ тема. Самиот Славејков објаснува зошто најпосле се решил да пишува за македонското прашање – за кое признава дека никогаш немало да проговори ако било само јазично и учебно, а не содржело и скриена цел на „македонските наши браќа“, кои под превезот на јазикот и неговите наречија, имале „цели за распарчување на сеуште неустроениот наш народ“ („цели за разкъсвание на неустроеният още наш народ“). Сега, како може да се раздели нешто што не било сеуште „устроено“, тоа е метафизичко прашање со кое немаме намера, а ниту пак доволно време, да се занимаваме по овој повод.
Прочуен е нападот на Славејков врз „македонистите“ и нивните тврдења „дека тие не биле Бугари, туку Македонци“. Нападот на Славејков не е само кон Македонците/македонистите кои се делеле со неоснованите тврдења дека се потомци на древните Македонци, туку и кон македонистите кои се „делат од Бугарите врз друга основа, според која тие се чисти словени, а Бугарите се Татари и не знам ти што“ („…ся делят от българите по друга причина, по тази: че те са чисти славене, а българите са татаре и не знам що“).
Славејков ги нарекува Македонците „глупавите деца“, а нивните погледи „смешни и плитки“, но и пророчки предупредува: „Занесени во внатрешните расправии што се и што не се, нашите Бугари во Македонија не ќе можат да се заштитат од надворешните посегања и од непријателските присвојувања на Грците од југ и на Србите – од север.“ („Заняти във вътрешните разправи какви са и какви не са, нашите българе в Македония не ще могат да ся запазят от външните посегнувания и от неприятелските притезания на гърци откъм юг и на сърби — откъм север.“)
Славејков, се разбира, не си го поставува мошне логичното прашање: Зошто „нашите българе в Македония“ воопшто би се впуштале во внатрешни расправии што се и што не се, ако веќе биле самоосвестени како „българе в Македония“?
Славејков: Нема причини да се делиме и не треба да се делиме
Статијата на Славејков е објавена истиот ден кога е прокламирано обединувањето на германското царство и во неа лајтмотив е обединувањето, наспроти поделбата: „На други места се соединуваат елементи, кои биле со векови разделени, како Прусите и Баварците; Пиемонтците и Наполитанците; а ние сакаме сега да се делиме, да се делиме ние, кои сме од еднороден елемент и досега сме биле соединети“. („Другаде се съединяват елементи, които са били целы векове разделени, като Прусци и Баварци; Пиемонтци и Неаполитанци; а ние искаме сега да се делим, да се делим ние, които сме от еднороден елемент и сме били до сега съединени.“)
Иако клучната порака на Славејков е дека „нема причини да се делиме и не треба да се делиме, ако си го сакаме народот и неговото добро“ („няма причини да се делим и не трябва да се делим, ако обичаме народа си и неговото добро“), тој во написот впечатливо ги скицира двете главни причини за „делењето“ на македонистите од „горните Бугари“.
Првата причина за „двоењето“ на македонистите од „горните Бугари“ е желбата на македонистите нивните деца да не учат од учебници на наречјето на „горните Бугари“, туку на нивното македонско наречје, кое го сметале за различно и поблиско до словенскиот јазик. Славејков не гледа никаква штета во тоа што македонистите сакаат да си ги учат децата на нивното наречје, зашто смета дека образованието може да биде плодоносно кога се изведува „на јазик, којшто го разбираат децата“. Според Славејков, „Целата вина тука е што не се избира еден таков пат што ќе доведе не до разделување, туку до соединување и усогласување на наречјата. Колку и да е погрешно да се учат Македончињата на наречјето на горните Бугари, исто толку е погрешно и да се раздроби јазикот во училиштата на различни наречја и секој да си го следи само своето наречје, без и најмалку да обрнува внимание на другите.“ („Всичката вина тука, че не ся избира един такъв път, който да докара не разделения в наречията, но съединение, съгласие. Колкото е криво да ся учат македончетата по наречието на горните българи, толкоз е криво и това, дето да ся дроби язикът в училищата на всякакви наречия и всякой да следва своето без най-малко внимание към другите…“). Славејков, како што читаме во неговата статија, бил застапник на средно наречје на кое ќе се изведува наставата во бугарските училишта: „Од сите наречја требаше да избереме едно средно, што ќе биде разбирливо за сите области, и на него да ги учиме нашите деца. Тоа ќе беше и правично и разумно и полезно, зашто ќе го сочуваше единството на нашиот народ.“ („От всичките наречия трябаше да изберем едно средне, което да бъде понятно по всичките области, и на него да учим децата си. Това ще бъде и право, и разумно, и полезно, защото ще опази единството на наший народ.“) Но, како што е познато, желбата на Славејков за избор на „средно наречје“ како обединителна образовна нишка во сите бугарски училишта не се остварила.
Втората причина за делењето на македонистите од „Горните Бугари“, според Славејков, е нивниот страв да не потпаднат под друга власт: „Тоа значат зборовите на Македонистите: Се оттргнавме од Грците, под други ли да потпаднеме?“ („Това значат думите на Македонистите: Отървахме се от гърци под други ли да паднем?“) Според крајно редуцираното толкување на Славејков, од страна на Македонците, „како показател за супериорност на горните Бугари и за стремежот за командување“ („като знак за превъзходства на горните българи и за стремление да заповядат“) се зема тоа што „горните Бугари досега пишуваат на свое наречје без и најмал обѕир кон македонското“ („горните Българи до сега пишат на свое наречие без най-малко внимание към Македонското“). Тука гледаме дека Славејков се обидува „македонистичкиот“ страв од политичката доминација на „горните Българи“ да го редуцира на јазичен проблем, со чие решавање би се надминала и (според него) погрешната перцепција за стремежот на горните Бугари да „командуваат“: „… ние пишуваме на нашето наречје зашто него си го знаеме, а не заради непочитување на македонското. Кога ќе зајакне меѓу нас проучувањето на јазикот и ќе се осознае нуждата за заеднички книжевен јазик, ние со најголема благодарност ќе пишуваме на македонското наречје, ако тоа се согледува како добро и полезно, или ќе го позајмиме од него она што е неопходно за дополнување.“ („…ние пишем на нашето наречие, защото него знаем, а не от незачитане на македонското. Когато се усили между нас изучението на езика и се познае нуждата за общ книжовен език, ние с най-голямо благодарение ще пишем на македонско наречие, ако се види това за добро и полезно, или ще заемем от него онова което е необходимо за допълнение.“)
(продолжува во следниот број)