Дали „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се бугарска измислица? Главниот кодификатор Марин Дринов (и Бугарското книжевно друштво) кој во 1870, токму во весникот „Македонија“, го отфрлил предлогот на Шапкарев за мешана источно-западна основа на писмениот бугарски јазик
ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Бездруго, и на Славејков му било познато дека таквиот проект немал поддршка кај главниот кодификатор Марин Дринов (и Бугарското книжевно друштво) кој во 1870, токму во весникот „Македонија“, го отфрлил предлогот на Шапкарев за мешана источно-западна основа на писмениот бугарски јазик. Како што укажува Чавдар Mаринов, Шапкарев бил обвинуван во бугарскиот печат дека застапува постоење на засебен македонски јазик и на различна историја на македонскиот народ, а македонски дијалекти не биле восприемани како автентично бугарски од страна на родените во централна и источна Бугарија. На пример, Шапкарев во ноември 1870 бил нападнат во весникот „Право“ од „Еден истински Македонец“ дека пројавувал омраза кон се што е бугарско: „Неговите први зборови на омраза кон се што е бугарско беа: „Одвај се ослободивме од Грците, сега пак Шопи ли да станеме“!!!“ („Първите му думи за омраза към всичко, що е българско били: „едвам се ослободихме от гърците, сега пак шопие ли да станеме“!!!“) Таквите клевети кон Шапкарев биле придружени со уредничка забелешка дека и друг пат се говорело за Шапкарев, дека „се трудел да ги убеди македонските наши браќа дека друго било бугарин и бугарски јазик, а друго македонец и македонски јазик, но не веруваме“. Шапкарев е нападнат како човек кој сакал да го упропасти народот, „зашто некои дури се осмелија да кажуваат: „Ние сме Македонци, не сме Бугари“ („защото некои даже дързнаха да казват: „ние сме македонци, не сми българе“). Еден месец пред Славејков јавно да ги нападне „македонистите“ во весникот „Македонија“, Кузман Шапкарев одговорил со писмо во весникот „Право“ дека нападите кон него се без основа и измислица, а во неговите „неиздадени записи“ можеме да согледаме зошто неговите книшки во бугарските училишта во Македонија биле поарчени како „топол леб“: „Овие книги беа прифатени и воведени насекаде од единствената причина што јазикот што се користеше во нив беше поразбирлив за македонските Бугарчиња, следствено и нивните плодови беа изобилни, зашто постојните учебници на тракискиот дијалект беа тешко разбирливи од основците“.
(„Тие книжки всекъде бидоха приети и въведени по тая само причина, че употребений в них язик беше по-вразумителен за македонските българчиня, следователно и плодът им излезе изобилен, когато съществующите дотога учебници на тракийско наречие мъчно се разумяваха от първоначалните ученици.“)
Шапкарев сведочи и за неговото искуство од Цариград (околу есента 1869) за „Гордоста на некои наши горни Бугари и презирот што тие го покажаа кон своите македонски браќа“ („гордостта на някои от нашите горни българи и презрението, което последните показваха към македонските си братя“). Откако бугарското читалиште во Цариград сакало да им помогне на „бедните бугарски училишта во Македонија“ со издавање и подарување на книги, било отпосле осознаено дека „Овие подарени учебници, на нивното горнобугарско или тракиско наречје, на кои беа објавени, не можеа да ја донесат очекувана корист од дарувачите, па како резултат на тоа беше одлучено во читалиштето, во нивното второ издание овие книги да бидат објавени на македонско наречје“ („тези подарени учебници, по горнобългарското или тракийското си наречие, на което били издадени, не могли да принесат ожиданата от подарителите полза, та вследствие на това решило било се в читалището, щото във второто им издание тие книжки да се издадат на македонско наречие.“) Шапкарев сведочи и дека присуствувал на изборот на тричлена комисија, која требало да го „претвори горнобугарското наречје на дадените книшки во македонско“ („преобърне горнобългарското наречие на речените книжки в македонско“) и дека меѓу тројцата избрани немало ниту еден Македонец. Шапкарев ги споделува своите тогашни „македонски прашања“: „Како овие три избрани члена, колку и да се учени и преучени, ќе можат да пишуваат учебници на наречје што воопшто не го знаат?“ („Как ли тие трима избрани членове, макар колкото и да бяха учени и преучени, ще могат да напишат учебници на наречие, което никак не знаят?“) Според Шапкарев, веднаш потоа влегол Петко Славејков, кој бил избран за член на комисијата, и се изнасмеал на изборот: „Зошто залудно да се мачиме со работа што не е наша, кога пред нас стои човек Македонец, кој се занимавал и се занимава со овие работи и кој премногу добро го познава македонското наречје“ („Защо да си бъхтаме напразно главата с работа, която не е наша, когато пред нас стои человек македонец, който се е занимавал и се занимава с тези работи и който твърде добре знае македонското наречие“)? И тогаш Славејков ме посочи мене – вели Шапкарев, укажувајќи потоа дека неговата збирка евангелија ја испечатил токму во печатницата на весникот „Македония“, кај П. Р. Славейкова.
Кузман Шапкарев исто така споделува дека ги претставил своите ракописи во Цариград и на Светиот Бугарски Синод, но дека македонското наречје не било одобрено од синодот. И покрај тоа, Шапкарев тврди дека ги издал вложувајќи ја својата заштеда од 100 лири, за што не му било жал, како што самиот сведочи: „Но, јас не жалам за нив, затоа што, иако немав материјална корист, туку бев и оштетен, се тешам со фактот дека мојата татковина Македонија може да извлече од нив непроценлива корист, народното дело напредуваше енормно; бидејќи, штом излегоа на виделина моите збирки и за миг беа испратени до соработниците низ цела Македонија, тие беа воведени насекаде, како во училиштата, така и во црквите, во кои дотогаш се пееше и читаше на грчки јазик. На тоа сеопфатно и брзо воведување најмногу помогна нивниот превод на македонско наречје“ („Но аз не жаля за них, защото, ако и да се не възползувах аз материално, а още и [о]щетих, утешавам се обаче с това, че отечеството ми Македония може чрез них да извлече неоценима полза, народното дело напредна исполински; понеже, щом сбирките ми излязоха на бял свят и мъгновено се разпратиха на спомоществователите по цяла Македония, навсекъде се въведоха, както в училищата, така и в църквите, в които дотога се пееше и четеше по гръцки. На това всеобще и бързо въвеждание най-много спомогна преводът им на македонско наречие.“)
(продолжува во следниот број)