Одгласи на статијата „Македонското прашање“: Македонското прашање не постои?
ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Неполн месец по објавувањето на статијата „Македонското прашање“, реагира учителот Димитар Македонски прекорувајќи го Славејков дека „си дозволивте да турнете во очите на нашата бугарска публика едно прашање, македонското, кое навистина не постои во нашата Македонија…“ („си позволихте да бутнете в очите на българската наша публика един въпрос, македонскийт, който несъществува действително в наша Македония… – „Македония“, г. V, бр. 7, Цариград, 16 февруари 1871 г.) Уште пожестока е реакцијата на Кукушката Бугарска Општина во „Право“, од 22 февруари 1871 г., заверена со печат и со 20 потписи: „Како Бугари кои живееме во еден град во Македонија, и како членови на бугарското големо семејство, сметаме дека е неопходно да ја изнесеме вистината на виделина, и да докажеме, колку што ни е познато, дека стравовите на г. Славејков се сосема празни.
До ден-денес не успеавме да запознаеме ниту еден од нашите укорени македонски Бугари кој мисли толку глупаво народот да се раздели на послаби парчиња…“ („како българе, населящи един град от Македония, и како членове на българската голема фамилия, за длъжност своя считаме неот¬ложна да извадиме истината на яве, и да докажеме, колко що ние знаеме, че страховете на г-на Славейкова са съвсем праздни. Ние до днес не сме могли да узнаеме никого от нашите съукоряеми македонски българи, които да мисли толко глупаво щото да ся раздели народът на послаби парчи…“) Кукушаните му приговараат на Славејков дека „македонското прашање постои, но тоа не е како Славејковото „македонско прашање““ („македонски въпрос съществува, нъ той не е от качеството на Славейковийт „македонски въпрос““), туку дека „суштинското македонско прашање, наречено бугарско… е прашање не за разделување на бугарската маса, како што сонува редакторот на весникот „Македонија“, туку за соединување со неа („Същинскийт македонски въпрос, наречен българский… е въпрос не за разделение от българската маса, какщо сънува р-рът на в. „Македония“ ами за съединение с нея“).
Меѓутоа, отфрлањето на македонските дијалекти од конструирањето на бугарскиот книжевен јазик е фактор што го поттикнува процесот на делење на македонските Бугари од „горните Българи“, за кој посведочил и Славејков. Така, во септември 1872 год. кога Венијамин Мачуковски јавно бара помош за изадавање на „Българска граматика на македонското наречие“, заради тоа што „изучувањето на бугарската граматика во македонските училишта е еден од најтешките предмети за учениците…“ („изучението за българската граматика по македонските училища е един от най-трудните предмети за учениците…“), се соочува со жестока реакција. Така, Петар Иванов му поставува цела една низа „македонски прашања“: „Не сте ли согласни дека сите Бугари треба да имаме една писменост? Не сте ли согласни да бидеме целокупни? Не сте ли согласни сите Бугари да зборуваат еден правилен чист и литературен јазик? Каква цел гоните со вашата Бугарска граматика на македонско наречје, која бидејќи е на македон. наречје, треба да ја „назовете Бугарска“, а не Б’лгарска…“ („Не сте ли съгласни, че сички българи треба да имами една писменност? Не сте ли съгласни да бъдем целокупни? Не сте ли съгласни сички българи да говорят един правилен чист и книжевен йезик? Каква цел гоните с вашата българска граматика на македонско наречие, коя къто йе на македон. наречие треба да я назовете Бугарска, а не Българска.“) Мачуковски е „љубезно“ замолен од Иванов да го одложи издавањето на својата граматика по македонско наречје – „сè додека Македонците не се откажат дека се Б’лгари или Бугари“ („до когато македонците не се откажат, че са българи или бугари“), а други познати општественици „љубезно“ го советуваат да ги зближува бугарските наречја, наместо да ги оддалечува.
Дали „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се бугарска измислица?
Откако го препрочитав „Македонското прашање“ на Петко Славејков по повод 150-годишнината од неговото објавување, се навратив на „Текстот на рамковната позиција“ на бугарската влада од 09.10.2019, во кој стои „Ниеден документ/изјава во процесот на присоединување не може да се разгледува како признание од бугарска страна на постоењето на т.н. „македонски јазик“, одделен од бугарскиот („Никой документ/изявление в процеса на присъединяване не може да се разглежда като признание от българска страна на съществуването на т.нар. „македонски език“, отделен от българския.“)
Се потсетив и на многубројните негирања и омаловажувања на македонизмот, македонскиот јазик и македонскиот народ и идентитет, содржани во „меморандумот“ (септември 2019), како и во бројните последователни изјави на бугарските политичари, историчари и општественици.
И пак ми навираат бројни „македонско-бугарски прашања“:
Зарем е можно век и половина по објавувањето на „Македонското прашање“ на Петко Славејков, бугарски политичари се уште да тврдат дека „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ не постојат или дека се српска, коминтерновска или Титова измислица во 1944 година?
Зарем е можно се уште да се негира она што го увидел Славејков уште во 1871 година – дека меѓу Македонците има и такви кои што намислиле да се отцепат од бугарскиот народ и да состават одделен македонски народ со книжевен јазик заснован на македонски наречја?
Зарем е можно бугарските браќа и сестри да го спречуваат политичкото обединување со македонските браќа и сестри во ЕУ, по политичките дележи предизвикани со Берлинскиот конгрес, Балканските војни, Првата и Втората Светска Војна, и „Студената војна“ помеѓу Југославија и Бугарија по 1948 година?
Па, драги браќа и сестри од Бугарија, ако век и половина по објавувањето на „Македонското прашање“ сеуште сакате да верувате дека „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се нечија измислица, тогаш далеку поверојатно е дека тие се измислица на Петко Славејков, отколку на Јосип Броз Тито кој сеуште не бил ни зачнат на 18. Јануари 1871 година.
(крај)