Обвинителот Љубомир Лапе во петокот напладне презентираше детали за случајот при што рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици меѓу кои фонтаната со „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“. Меѓу другите споменици се и „Цар Самуил“, „Никола Карев“, споменикот на АСНОМ, лавовите на мостот Гоце Делчев и други
Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори, а е поврзана со проектот „Скопје 2014“.
Обвинителот Љубомир Лапе на пресот презентирал детали за случајот, при што, рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици. Станува збор за следните споменици: „Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.
Првоосомничен во случајот, што е со кодно име „Феникс“, е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомничен е ексвицепремиерот и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, а на листата се и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
Кривичните дела на кои се однесува оваа истрага се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Во врска со кривичното дело перење пари, обвинителот Лапе даде пример со еден споменик кој тендерски во земјава е платен 4,7 милиони евра, а во Италија каде што бил изработуван на подизведувачот му се исплатени 2,3 милиони евра.
Обвинителот Лапе рече дека станува збор за сложена истрага во која била барана меѓународна правна помош од пет држави и дека истрагата сè уште не е затворена. Таа била отворена кога ОЈО ГОКК добило информации дека еден од осомничените сакал да ја напушти државата. За дел од лицата се бараат мерки на претпазливост и замрзнување на имот.
Инаку порталот „360 степени“ покажа дека ТВ Алфа објавила сторија во 2010 година, насловена „Во документите и во договорите различни цени на спомениците“, каде открива дека цената на спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев и еден од лавовите во декларациите за увоз се многу пониски од сумите во договорите за леење
Новинарски извештај на Милка Смилевска, тогаш новинарка во ТВ Алфа, објавен во „Вестите“ на оваа телевизија на 10 јануари 2010 година, покажува дека уште тогаш јавно биле обелоденети сомнежи за злоупотреба на државни средства за набавка на спомениците од проектот „Скопје 2014“.
Сторијата насловена „Во документите и во договорите различни цени на спомениците“ открива дека цената на спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев и еден од лавовите во декларациите за увоз се многу пониски од сумите во договорите за леење – склучени меѓу Општина Центар и леарницата „Фердинандо Маринели“.
„Алфа дознава дека во декларацијата за споменикот на Гоце Делчев стои дека неговата вредност е 160 илјади евра наспроти цената во договорот со леарницата која е 425 илјади евра. И за еден од лавовите во декларацијата стои дека чини 350 илјади евра, а во договорот со ’Маринели’ 575 илјади евра. Алфа уште вчера објави дека за споменикот на Даме Груев во извозната декларација од италијанските власти стои дека чини 125 илјади евра наспроти договорените 425 илјади евра дадени само за леење, траспорт и монтажа“, пишува во сторијата на Смилевска објавена на ТВ Алфа.
Оваа информација во снимениот кус разговор со него ја потврдува и Холанѓанецот Јан Кокс. Тој е возач на камионот со кој се превезува споменикот на илинденецот. Тој кај себе ги има документите пред да ги земе шпедитерската компанија „Дима“.
Смилевска дополнува дека од ваквото правило, во документите и договорите да има различни цени, отстапува еден од лавовите, донесен истиот ден (10 јануари 2010 г., н.з) во попладневните часови на царинскиот терминал во Скопје. „Тој е долг пет метри, а во декларацијата пишува дека чини 575 илјади евра, што одговора на цената во договорот меѓу општина Центар и леарницата ’Фердинандо Маринели’“, известува Алфа.
„Откако уште ќе се завршат формалностите, спомениците треба да се подготват за поставување – лавовите пред скопскиот мост ’Гоце Делчев’, револуционерите пред Камениот мост – покрај контроверзиите со порачките и стиловите и по нивното транспортирање во Македонија за јавноста останува нејасно колку пари се потрошени за уметничките дела и дали разликата од различните суми евра во договорите и декларациите завршила во нечиј џеб“, е дилемата со која Смилевска ја завршува својата сторија објавена на ТВ Алфа во јануари 2010 година.