Најголем дел од смртните случаи се на возраст над 60 години (62%). Од починатите, кај 113 (75,8%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (54%), дијабет (20%) и белодробна болест (19%).
Дури една третина од починатите од КОВИД-19 умреле во рок од три дена од хоспитализацијата, бидејќи голем број од заболените одат во болница дури откако ќе дојде до сериозно влошување на состојбата.
Статистиката на Институтот за јавно здравје покажува дека 42,62 отсто починале 6 до 14 дена по приемот во болница, а 16,39 отсто умреле по повеќе од две недели во болница. Според податоците, 7,38 отсто починале дома.
Од вкупно заболените од КОВИД-19 досега, повеќе се жени (1.437) од мажи (1.353), но кај починатите, мажите се двојно повеќе, 101 наспроти 48. Најголем дел од смртните случаи се на возраст над 60 години (62%). Од починатите, кај 113 (75,8%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (54%), дијабет (20%) и белодробна болест (19%).
Според процентот на заболени од вкупниот број жители, најмногу регистрирани случаи на КОВИД 19 има во Куманово, по што следат Прилеп, Велес, Дебар, Скопје, Струга и Тетово.
Д-р Владимир Аврамовски е еден од оние стручњаци во нашата држава, кои од почетокот на оваа криза, реално и без егзибиционизам во настапите ги презентираше фактите, а воедно повикуваше доследно да се спроведуваат пропишаните мерки.
Тој во свој статус на социјалните мрежи денес, ги објаснува трите типа на Корона вирусот:
„Да расчистиме малку… Постојат три типа на носители на SARS-CoV2:
1.Асимптоматските носители (луѓе кои не развиваат никакви симптоми на COVID-19, а се способни да ја шират заразата во првите 7-10 дена заразата од нивното инфицирање)
2.Пресимптоматски носители (луѓе кои се рано дијагностицирани, а допрва ќе развијат симптоми, вообичаено манифестирањето на симптоми во просек е на 5-6 ден од контакт со инфицирано лице иако инкубациониот период е од 1-14 дена).
3.Симптоматски носители (луѓе кои имаат веќе развиено симптоми на COVID-19)
Во моментов се уште не е докажана спонтана мутација на вирусот во светски рамки, па ни во Македонија според која може да се каже дека вирусот е ослабе.
Во зависност од тоа колку е „млада” популацијата во некоја земја, обемот на асимптоматски случаеви може да се движи од најмалку 50%, а во некои стручни објави од други земји тој обем може да се движи од 3 до 4/5 од вкупно инфицираните, Во Македонија се претпоставува дека над 400000 луѓе се на возраст над 60 години, ако не е ова точно, слободно некој нека ме корегира!
Сите оние кои ја пребродиле болеста и се на возраст над 40 години доминантно создаваат стабилен и ефективен со неутрализирачки антитела хуморален имунитет, додека кај помладите се смета дека доминира целуларниот имунитет.
Па оттука е битна и селекцијата на пациенти за донори на конвалесцентна плазма. Се разбира дека за ова е потребна поширока научна дебата по ова прашање во Македонија…
И уште еднаш, за победа над оваа пандемија неопходна е офанзивна стратегија за идентификување на сите носители на SARS-CoV2 со комбинација на PCR и серолошки тестирања што помасовно, со последователна самоизолација!
Околу терминот самоизолација неопходна е медиумска кампања што тоа значи и како се применува! На народов наш не му е јасно како треба да се практикува самоизолација!
За борба против овој вирус постои и опција како да се едуцира народот сам да изведе земање на брис во домашни услови, а тој потоа на безбеден начин да му се предаде на здравствениот работник!
На крај, се мислев дали вреди пак да пишувам на мојот профил и да трошам енергија, но се надевам дека ова ќе допре кај што треба…“
Инаку, анализата на 172 истражувања направени во 16 земји покажува дека мерките како физичко растојание и носење маска го намалуваат ширењето на коронавирусот. Овие податоци треба да им помогнат на земјите и на здравствените организации ширум светот да ги усогласат препораки за заштита од Ковид-19.
Одржувањето на физичко растојание од еден метар или повеќе, носењето на заштитна маска како и заштита за очите се најдобриот начин за заштита од заразување со Ковид-19.
Ова го покажува споредбената анализа на 172 истражувања спроведени во 16 земји која е објавена во магазинот за медицина Лансет, а финансирана од Светската здравствена организација.
Без строго утврдена терапија како и вакцина за третирање на Ковид-19, овие мерки за намалување на опасноста од заразување беа применети во речиси сите земји во светот.
„Ризикот од заболување во голема мера зависи од растојание помеѓу здраво и заболено лице и видот на маска за уста и нос како и за заштита на очите кои се носат. Моменталните препораки за одржување на најмалку 1 метар растојание имаат големо ниво на заштита, а растојанието од 2 метри има уште поголем ефект“, се наведува во истражувањето.
Доказите покажуваат дека одржувањето на физичко растојание, употребата на заштитна опрема за лицето значително го намалуваат ширењето на вирусот, но тие исто така мора да се практикуваат и во комбинација со другите мерки за заштита како на пример одржувањето на хигиена и често миење на рацете.
„Луѓето мора да сфатат дека носењето на заштитна маска не е алтернатива за одржувањето на физичко растојание или одржување на основна лична хигиена“, вели Дерик Чу, професор на универзитетот МекМастер од Канада кој го водел истражувањето, пренесува Ројтерс.
Како што е познато, примарното пренесување на коронавирусот е преку капки кои се пренесуваат во воздухот кога заразено лице кашла, кива, зборува па дури и при дишење. Покрај тоа, вирусот се пренесува и преку контакт со контаминирана површина и потоа допирање на лицето, устата очите и носот.
Носењето маска заштитува повеќе отколку неносењето!
Немањето на единствен став за тоа дали маските заштитуваат од вирусот, дали треба да ги носат само болните или и здравите лица има повеќе причини, вели Холгар Шунеман професор на Мек Мастер Универзитетот, коавтор на истражувањето.
„Има многу истражувања на оваа тема. Некои се добро сработени, други не толку добро. Честопати е многу тешко да се систематизираат сите истражувања кои постојат. Она што се случува понатаму е што луѓето се потпираат на некои истражувања кои ги потврдуваат нивните однапред заземени ставови наместо да се земат предвид сите податоци кои се достапни и да се обидеме на непристрасен начин да ги систематизираме“, вели Шунеман.
Тој советува да се користат повеќе слоеви на ткаенина при изработка на маски наместо маска од еден или два слоја бидејќи со тоа се зголемува заштитата.
Истражувањето допира и друг глобален проблем, а тоа е ограничениот пристап и за медицинските лица и за јавноста до маските со најголем ефект, тоа се маските со филтер N95.
„Со оглед на моменталната состојба, оние кои ги креираат политиките за употребата на маски мора да го имаат предвид и фактот дека постои недостаток на производство на маски со филтер и како да се определи каде ќе бидат тие дистрибуирани според големината на ризикот. Веќе постои дискусија како да се направи реорганизација на производството и дистибуцијата на овие поефективни заштитни маски“, вели Чу.
Заедничкото за сите истражувања кои ги разгледувавме, а поврзани со одржувањето на физичко растојание, вели Чу е дека кај сите постои согласност дека ризикот од заболување е помал при растојание од еден метар. Ризикот уште повеќе се намалува со зголемување на растојанието.
„Одржувањето на физичко растојание од најмалку два метри, кога е можно, може да има одредено влијание и за тоа како дефинираме што значи близок контакт и како да спроведеме ефективно следење на контактите на заболеното лице“, вели Чу.
„Ние препорачуваме дека одржувањето на растојание од два метри може да биде поефективно од растојанието од еден метар. Тоа значи, доколку се применува ваква мерка, многу посоодветно е таа да биде дефинирана на два метри“, вели Шунеман.
Сите проценки изнесени во анализата треба да бидат основа за креирањето и планирањето на мерки за одговор при пандемија, велат авторите.
(Користени се извештаи од повеќе извори)