Референдумот ни ја објасни уште еднаш реалноста, дека во оваа земја има нешто повеќе од 600.000 граѓани кои се за промени и вистински се борат за интеграција во НАТО и ЕУ, слична бројка на граѓани кои две години порано гласаа за промена на власта на Груевски.
БЕСА АРИФИ
Годината 2018 ќе биде запаметена во историјата на РМ како пресвртна година за нејзината иднина. Договорот од Преспа потпишан на 12 Јуни ќе добие значајно место меѓу клучните историски документи битни за формирањето и напредокот на оваа држава. Потребна беше голема решителност, упорност и лидерство да се постигне тој договор кој беше силно поздравен од нашите меѓународни стратешки партнери и од чие спроведување ни зависи иднината на евро-атлантските интеграциски процеси.
Спроведувањето на овој договор не е лесна работа. Имавме референдум, кој исто-така ќе биде запаметен како заради резултатот така и зарада одзивот. Имено, на тој референдум повеќе од 90 отсто на граѓаните кои гласаа се изјаснија за интегрирање во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Договорот од Преспа. Одзивот на тој референдум достигна 37 отсто. Тој референдум ни ја објасни уште еднаш реалноста, дека во оваа земја има нешто повеќе од 600.000 граѓани кои се за промени и вистински се борат за интеграција во НАТО и ЕУ, слична бројка на граѓани кои две години порано гласаа за промена на власта на Груевски.
После референдумот се отвори и процесот на уставните измени а со цел спроведување на Договорот од Преспа. Се постигна двотретинското мнозинство од 80 пратеници кои гласаа за отворање на тој процес. И тука започна уште еден процес кој исто-така ќе биде запаметен во историјата на оваа земја. Тој процес некои го викаат „помирување“ меѓутоа, за многу други тоа е погрешно име. Тој процес на оневозможување на носењето на одговорност во име на постигнување на политички дговор од кој зависи конечното спроведување на Договорот од Преспа го остави најгорчливиот спомен од оваа година.
2018 година ќе се памети како време на победа во некои навистина битни политички битки. Меѓутоа, истата година ќе се памети од нас, љубителите на правна држава, како година на вистински дебакл на владеењето на правото. Ова го велам заради три причини:
Прво, 2018 ќе остане во сеќавање како година кога Груевски го изврши своето спектакуарно бегство. Дали беше пуштен да избега, од кого беше помогнат и како всушност се случи тоа спектакуларно бегство изгледа нема никогаш да дознаеме. Впрочем, за овој голем дебакл на правната држава се’ уште нема официјална информација од надлежните државни органи. Овој деликатен процес тие го „прескокнаа“ префрлувајќи ја одговорноста меѓу себе, и впрочем никој не се почуствува одговорорен за тоа што се случи. Ќе биде запаметена оваа година заради статусите на Груевски на социлајните мрежи, со кои тој буквално му се изнасмеа на лице на и така кревката правда во оваа држава.
Второ, 2018 година ќе се памети и по Законот за амнестија во врска со случувањата од 27 Април 2017 година. Тоа што не можеше да се замисли дека може да се прости, заради политички причини беше проголтнато и „простено ама не заборавео“. Нема поголем дебакл за една правна држава кога заради политички причини треба да се амнестираат лица кои за малку ќе убиваа пратеници среде законодавниот дом, во процес на спроведување на словото на Уставот кој предвидува мирен трансфер на власта после слободни и од сите признати избори. 2018 година е година кога се воведе нов преседан во правото на оваа земја, преседан кој одредува дека доколку организирана толпа луѓе која не е задоволна со резултатот на изборите и со формирањето на ново парламентарно мнозинство, може слободно да упадне во собранието и да спречи конституирање на нов собраниски состав и да биде сигурно дека сето тоа ќе биде простено. И пратениците може да бидат сигурни дека доколку ги отвараат вратите за таквата толпа да влегува во собрание и да скрши неколку глави, тоа ќе им биде простено, особено кога истите со своето гласање може да отворат некои други врати, како на пример вратите на НАТО. Ете, за таков преседан ќе се запамети 2018 година во Македонија.
Трето, 2018 година ќе биде исто така запаметена по тоа дека било многу добро за правната држава Мијалков и другите да бидат пуштени од притвор. Многу добро било судот експресно и неуморно да работи и преку викенд со цел фамилијата да слави новогодишни празници во семејна атмосфера. На крајот на денот, славењето е побитно од правната држава и побитно дури од тоа кој кога може да побегне од земјата. Убаво кажа некој дека во Македонија гонењето на криминалот личи на спортски риболов, ја фаќаш рибата, ја бакнуваш и пак ја пушташ во вода.
Повеќе од јасен е фактот што правдата оваа година беше жртвувана во алтарот на политиката. Агамемнон ја жртвуваше својата ќерка Ифигенија, со цел да добие поволен ветер за своите бродови да запловат кон Троја. Агаменнон беше во победничката страна и се врати дома како херој, меѓутоа неговата жртва не вредеше многу, бидејќи тој брзо загина од рацете на својата сопруга, Клитемнестра, која никогаш не му прости за тоа што во име на воени и политички цели тој го жртвуваше своето најмило.
2019 година ќе покаже дали вредеше жртвувањето на правдата во Македонија во име на политиката. Во некој голем пресврт во врска со правната држава во оваа земја веќе никој не верувува: повеќе може да се верува дека постои Дедо мраз отколку дека Македонија некогаш навистина ќе стане правна држава. Останува само да се види, дали вредеше жртвувањето на тоа што на многумина од нас ни беше најмило, или пак платената цена беше едноставно превискока.