Митовите дека места како Берово дишат многу повеќе денови чист воздух од одредени реони во големите индустриски градови со густ сообраќај се рушат, се наведува во анализата на „О2 иницијатива“
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/se-posrecuva.jpg)
Споредувањето на податоците за присуството на ПМ 10 и ПМ 2,5
загадувачки честички од сите мерни станици за декември, компарирано низ минатите години, покажуваат дека има многу митови кои паѓаат во вода, се наведува во анализите кои ги имаат направено од Организацијата за заштита на животната средина „О2 иницијатива“.
„Еден од нив е митот за воздушните бањи со чист воздух, како Берово и Охрид. Во поглед на многу поопасните ПМ 2,5 честички, Берово изминатиов декември има само еден ден со т.н. чист воздух. Прилеп, Гостивар, Кичево, иако недостасуваат повеќе дневни мерења, Тетово, Струмица, Гевгелија немаат ниту еден ден воздух чист за ПМ 2,5 честички“,
покажува анализата.
Според информациите од „О2 иницијатива“, мерните места со најголем број на денови со чист воздух за ПМ 2,5 се Битола 1, иако недостасуваат мерења за повеќе денови, како и Миладиновци.
„Мерната станица ‘Битола 1’ се наоѓа на периферијата на градот во близина на мали индустрии за производство на храна и пијалоци, на оддалеченост од 13 километри од РЕК ‘Битола’. Според ружата на ветрови, прашината од РЕК оди во друга насока. Овие податоци го уриваат митот дека Битола е најзагаден град поради РЕК ‘Битола’“,
се нагласува во анализата.
Од „О2 иницијатива“ нагласуваат дека во однос на ПМ 10 честичките, во Скопје и Тетово повеќе ги нема високите дневни концентрации со над 500, 600, 700, 800, 900 милиграми на кубен метар кои беа резултат на големата индустрија која работеше без филтри, како „Макстил“, „Југохром“.
„Во Скопје дневни вредности над 400 милиграми на метар кубен не се регистрирани од 2018 година. Најголем број на денови во Скопје со воздух под 50 милиграми на метар кубен во последниве 5-6 години се измерени во субурбаната позадинска станица во Гази Баба. Но, затоа пак, во однос на измерените вредности за ПМ 2,5 воздухот во Центар во станицата која се наоѓа на околу 15 метри од сообраќајница со голема фреквенција на сообраќај и на околу 20 метри оддалеченост од мала крстосница, е подобар од Гази Баба. Мерењата во Карпош за 2021 за ПМ 2,5 не можеме да ги земеме за валидни, зошто не соодветствуваат со мерењата за ПМ 10 и нивниот сооднос во претходните години“,
нагласуваат од „О2 иницијатива“.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/strumica.jpg)
Според анализата на Организацијата во декември 2022 година, со исклучок на Лазарополе, дневни концентрации на ПМ 10 до законски дозволените 50 милиграми на кубен метар, повеќе од половина месец имаат Миладиновци – 20 дена, Битола 1, Штип и Берово – 17 дена, Гази Баба со 16 дена и Ректорат со 15 дена.
„Еден индустриски град како Скопје, со мерна станица близу ‘Железара’ и уште една кај најфреквентна крстосница имаат скоро еднаков број на денови со дозволено загадување како Берово, исто како и Битола во индустрискиот дел. Митовите дека места како Берово дишат многу повеќе денови чист воздух од одредени реони во големите индустриски градови со густ сообраќај се рушат“,
нагласуваат од „О2 иницијатива“.
Најмалку денови со чист воздух во декември изминативе години се измерени во Кичево, Тетово и Кавадарци.
„Во декември 2022 година, единствено во Струмица немало ниту еден ден во кој ПМ 10 биле под 40 милиграми на метар кубен, што го позиционира градот на врвот на табелата на загаденост“, се додава во анализата.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/padna-nli-mitot.jpg)
Од споредените податоци, од „О2 иницијатива“ велат дека може да се заклучи дека покрај подобрувањето на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово, откако големите индустрии ги поставуваат филтрите или престануваат со работа, временските услови продолжуваат да се главниот фактор кој влијае врз квалитетот на воздухот, микроклимата, дали дува ветер или не, од кој правец, дали врне, дали има магла.
„Без менување на начинот на греење и без поставување на построги индустриски стандарди, особено во градови како Скопје, каде поради обемот на индустријата во самиот град потребно е користење на гас во производните процеси, секаде каде тоа го овозможуваат најдобрите достапни технологии, како и забрана за другите горива, без регулација на сообраќајот, искоренување на појавата на палење на отворено (стрништа и различен отпад), без контрола на градежните работи и градежната прашина, но и прашината од незазеленети површини и валканите улици што ветерот ја дисперзира во воздухот, нема да имаме воздух чист за ПМ 10 и за ПМ 2,5 не само во зимските месеци, туку и во текот на целата година. Додека не се намалат изворите на загадување, нема да се подобри воздухот од ова што е сега“, додаваат од „О2 иницијатива“.