ДРАГАН МИШЕВ
„Почитувана… бескрајна благодарност до вас! Се гордеам што токму вие сте нашата Прва Дама на Републиката!“, напиша помилуваниот припадник на нарко-кланот „Барон“, Аќиф Равманоски
Додека не стивнуваат острите реакции во јавноста на скандалозните празнични помилувања од претседателката, кога на листата за помилување што таа ја потпиша ( без да знае за кои лица се вработи, според нејзината изјава) се најдоа и членови на нарко кланови и дилери на дрога, меѓу кои најшокантно е помилувањето на припадникот на нарко-клан „Барон“ Аќиф Равманоски, кој како осуденик е осомничен за пукањето во Чаир пред само осум дена со припадник на друга мафијашка група.
Дополнително, масло на огнот долеа самиот помилуван, откако преку социјалните мрежи изрази благодарност до претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.
„Почитувана… бескрајна благодарност до вас! Се гордеам што токму вие сте нашата Прва Дама на Републиката!“, напиша тој, што предизвика дополнителни нервозни реакции во јавноста, која потегот го оцени како уште една провокација и потсмевање со правниот поредок во земјава.
Трагедијата да биде поголема, помилувањето доаѓа од претседателката Сиљановска Давкова која на позицијата дојде како кандидат на ВМРО – ДПМНЕ, на која како нова власта едно од главните ветувања и беше дека ќе го ослободат Скопје од криминалните банди.
Напорите на некои пратеници од владејачката партија помогнати од партиските ботови да го дезавуираат скандалот, бранејќи го неодбранливото со небулозни оправдувања наведувајќи слични примери во минатото, само дополнително го подрева незадоволството од скандалозниот чин кај граѓаните.
омисијата при Министерството за правда е таа која дава мислење пред да одлучува Комисијата за помилување на претседателот и пред претседателот да ги потпише помилувањата.
По реакциите на јавноста откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова го помилува Акиф, полицијата утрово го приведе само што излезе од „Идризово“ за пукањето што се случи пред десетина дена во Чаир.
За овој случај Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави, а Акиф беше еден од осомничените дека пукал кон член од групата Грчец.
Денеска со реакција во јавноста излезе и министерот за правда, Игор Филков кој откри дека мислењето од Министерството за правда било испратено уште во предизборниот период и со оглед на овој факт, Филков обвинува за злоупотреба на процесот на помилување за политичка битка.
Тоа значи дека мислењето од правда било испратено уште додека министер бил, Кренар Лога, кој сега е во опозициската ДУИ.
Сепак мислењето кое било испратено било негативно, без оглед што било испратено во негово време.
Во изјава за „Фокус“ Филков вели дека опозицијата подметнала „кукавичко јајце“ во процесот на помилување.
-Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес. Помилувањето е дел од системот за рехабилитација и ресоцијализација. Комисијата за помилување пред себе мора да ги има фактите за делото врз кое е донесена осудителната одлука како и пропратните документи без да биде наведено име, и одлуката би требало да ја носи професионално и со личниот и професионалниот кредибилитет, без надворешно мешање, вели Филков.
Иако мислењето од Правда било испратено уште пролетта во предизборниот период, сепак Комисијата за помилување кај претседателката одлучи деновиве, поточно на 21 октомври, па помилувањата беа дадени по повод Денот на македонската револуционерна борба.
Во меѓу периодот додека беше донесена одлуката и потпишана од претседателката, Акиф Равманоски беше излезен од затворот „Идризово“ на работен ангажман и рани едно лице во Чаир.
Во затвор бил за нелегално поседување на оружје, а сега за него се бара притвор за пукањето во Чаир, иако со помилувањето требаше да излезе на условна слобода.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова помилува десет осуденици, a решенијата се објавени во Службен весник“.
Според тоа, извршувањето на изречената казна се заменува со условна казна за време од три години на осудените лица: Акиф Равмановски од село Арачиново во траење од една година и три месеци, за Никола Трпчески од Охрид во времетраење од една година, и Шенол Маслани од Арачиново, во траење од шест месеци.
Делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица: Мухарем Али од Скопје во трање од 2 месеци, Тодор Попов од село Миравци и Томислав Симеонов од Скопје во траење од три месеци, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од село Богородица во трање од три месеци, ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески во траење од една година, и Марјан Ефремов од Скопје, кој беше првообвинет во аферата „Шпион“, во период од три месеци.