Олимписките игри во Париз завршија. Ги следевме спортските битки и на нашите спортисти. Резултатите беа такви какви што беа, а некои ги оценуваат и како разочарувачки. Веднаш да кажам, вина кај тие неколкумина наши спортисти нема. Какви и да биле, сепак се најдобрите во Северна Македонија. Проблемот треба да се бара во третманот којшто нашите спортисти го имаат во државата и условите коишто ги имаат за напредок
АЦО ЛУКАРОСКИ
Олимписките игри во Париз завршија. Ги следевме спортските битки и на нашите спортисти. Резултатите беа разочарувачки. Сите пет наши соседи освоија медали (по два или повеќе), а нашите спортисти го следеа мотото на првиот Генерален секретар на МОК, баронот Пјер де Кубертен. Тоа негово мото гласи: „Важно е да се учествува, а не да се победи“.
Веднаш да кажам, вина кај тие неколкумина наши спортисти нема. Какви и да биле, сепак се најдобрите во Северна Македонија. Проблемот треба да се бара во третманот којшто нашите спортисти го имаат во државата и условите коишто ги имаат за напредок. Ќе се вратам подоцна кај нашите олимпијци, но прво да направам еден мал времеплов.
При крајот на минатиот век низ Скопје и Македонија се прераскажуваше една ‘вистинска приказна’ за еден наш македонски бизнисмен којшто решил да му помогне на фудбалот во Македонија и се поврзал со тогашниот претседател на ФСМ, Љубисав Иванов – Ѕинго. Соработката почнала, ама тој бизнисмен повеќе бил бизнисмен отколку љубител на фудбал. Па за возврат си побарал бесплатно рекламирање и многу други услуги. Едно од барањата било неговиот брат да биде назначен за Генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија. За луѓето од ФСМ тоа било најмал проблем, бидејќи тие и не знаеле дека ‘братот’ никогаш во животот не гледал фудбал. Ниту на телевизија. За него знаеле само дека е близок со првите луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Па кога првпат групно отишле на стадион во Кратово за да гледаат фудбалски натпревар, еден ‘сведок’ раскажуваше дека новиот Ген. Секретар на ФСМ, на само 10-тина минути пред да заврши натпреварот прашал кој од двата тима е Силекс.
Имињата на бизнисменот и на неговиот брат нема да ги кажам бидејќи не се битни, а и знам дека многумина веќе знаат кои се тие. Битни во случајов се ‘никаквите’ критериуми при избор на луѓе коишто треба да се грижат за македонскиот спорт.
Неколку години подоцна, во 2006/07 година, кога ВМРО-ДПМНЕ повторно дојде на власт, речиси во сите спортски федерации дојде до промена на раководствата. За први луѓе на федерациите, тогаш сојузи, беа назначувани партиски луѓе. Следуваа многу поплаки од родители дека се форсираат само деца од родители коишто се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Имаше дури и еден случај кога едно дете, кошаркарски талент, било вратено од аеродром, иако имало авионска карта и за него. Гревот на кошаркарскиот талент бил тоа што татко му бил претседател на општинска организација на СДСМ. Членовите од сојузот доцна го дознале тоа, ама сепак успеале да спречат ‘комуњарско’ дете да биде дел од јуниорската репрезентација. Во јавност излезе вест дека тој кошаркар се повредил.
Во 2017 година се случи нова влада и се случи да нема ниту една ‘политичка’ интервенција во раководствата на спортските федерации. Во тој период имавме најмногу спортски успеси. Македонија за првпат учествуваше на ЕП во фудбал. На Олимписките игри Дејан Георгиевски се закити со сребрен медал (Теквондо, Токио 2020 г.). Македонија три пати по ред учествуваше на ЕП во одбојка (2019, 2021 и 2023). Ракометниот клуб Вардар во 2017 и 2019 година беше клупски европски првак. И уште многу други примери за спортски успеси во тој период.
На крај, да се вратам уште еднаш на последната олимпијада во Париз. Од нашите спортисти, со најголеми шанси за медал беше испратена репрезентативката во таеквондо Милијана Рељиќ. Таа направи големо изненадување елиминирајќи ја британката Џејд Џонс, двократна олимписка шампионка, светска првенка и трикратна европска шампионка. Се пласираше во четврфиналето и нијанси одлучуваа дали за Македонија ќе обезбеди медал. Она што голем дел од јавноста не го знае е дека на Милијана не ѝ беше дозволено да тренира пред да отпатува за Париз. Сите спортски сали беа заклучени, а излегоа некои информации дека причината била во тоа што „вмровското милениче“ Дејан Георгиевски не успеал да обезбеди норма за учество на олимпијадата. За да тренира некаде надвор од Македонија се потребни пари, а замислете, во олимписка година, единствената наша кандидатка за медал не добила ниту еден денар од било која државна институција. Информацијава е од нејзиниот тренер.
Неодамна пишував нешто на социјалните мрежи за Дејан Георгиевски. По освојување на среброто на минатата олимпијада, беше организирана прослава во негова чест. Неговите тренери дојдоа завиткани со знамиња со 16-кракиот симбол од Кутлеш. Неколку дена подоцна Дејан Георгиевски ја одби поканата на претседателот Стево Пендаровски да биде специјален гостин на сенародната прослава на Илинденското востание, со образложение дека не сака да зазема политичка страна. Не сакаше да оди на сенароден собир, ама само два дена подоцна му беше гостин на Христијан Мицкоски. Средба овековечена со многу фотографии по медиумите.
И после ќе немало медали за Македонија… Епа ќе нема
(racin.mk)