ИВОН ВЕЛИЧКОВСКИ
Груби и Беџети се во друштво на Груевски, Мијалков, Самсоненко, Анѓушев, Јанева, Мерко… И ним ќе им се придружат и нови „колеги“, колку и да биле вокални во колнењето во својата прозападна ориентација
Поздравувајќи го и најновото збогатување на „листата“ – да го констатираме премолчаното: „Јавноста“ ќе го стави фокусот на вчерашното дополнување на „црната листа“ на Артан Груби. Дневно-партиски, раководствата ќе го поврзуваат со ДУИ. Југословенистите – ќе го користат за проектирање на претстава на корумпираност кон Албанците.
А во суштина – сите ќе молчат дека процесот е подлабок, транс-партиски, меѓугенерациски и мултиетнички, бидејќи:
„Црните листи“ ги лоцираат децениски здружените партиски раководства и државни функционери кои во спрега со правосудството го корумпираат системот за да го „јаваат“.
И со тоа се во функција на југо-македонистичката тајкунерија, сосе нејзините партии, судство и медиуми – како клин на југо-советското (читај: српско-руското) влијание – за Северна Македонија да биде вон ЕУ и нефункционален партнер и сојузник во НАТО, зрачејќи дисфункционалност во регионот.
Груби и Беџети се во друштво на Груевски, Мијалков, Самсоненко, Анѓушев, Јанева, Мерко… И ним ќе им се придружат и нови „колеги“, колку и да биле вокални во колнењето во својата прозападна ориентација.
Сите тие, заедно со коморските „гуруа“ со кои го кроеја државниот буџет што го оштетуваа, беа гости и соговорници на западните, вклучително американската амбасада. Поединци – дури и дел од staff-овите во амбасадите.
Сите нив ги здоболеа „црните листи“ само по основа на изгубениот имиџ на семоќност поради функциите што ги имаа и вграденоста во економскиот и партискиот систем заснован на контрола и злоупотреба на јавните буџети.
Но не и по основа на замрзнување на имотот, располагањето со него и – по правосилна судска пресуда – конфискување на нелегалните имоти и финансии. Напротив, префрлањето сопственост и средства на имиња на трети лица ќе продолжи, заедно со оплодувањето на нелегалниот имот.
Се додека не се донесат дополнувањата на Законот за примена на рестриктивни мерки!
Затоа – за партиите во Собранието обврска е донесувањето на овие измени во законскиот текст. За опозицијата особено. И за СДСМ и за ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ ова до сега го одбиваше, ВЛЕН го премолчуваше.
Ние, еве, трет пат повикуваме да се донесат законските измени.
За жал од оваа позиција немаме можност за повеќе.
Еве им ја приликата и на останатите да (по)кажат за што се:
– За соучесништво низ одмолчување или
– За неселективна пресметка со корумпираните (партиски) функционери кои ја шират корупциската гангрена во партиите и институциите.
Ќе видите потоа како одеднаш нема да биде проблем ниту дополнувањето на Преамбулата.