Македонија- „светла“ демократска точка во 2018 година. Според Фридом Хаус, промената на власта во Македонија отворило шанса за враќање на државата во нормала и решавање на проблемите со соседите.
Македонија е единствената држава на Балканот чија демократија напредувала во последната година, оценува организацијата Фридом Хаус во меодамна објавениот извештај. Случајно или не ова се поклопи со процесот на изгласување на доверба на Владата во Парламентот
„Демократијата се подобруваше на Балканот од 2005 до 2010 година, но сега назадува, со единствен исклучок на Македонија по ветувачката промена на владата“, се наведува во есејот кој ги анализира заклучоците на годишниот извештај.
Фридом Хаус ја оценува Македонија за една од „светлите точки“ во светот во однос на демократскиот развој. Земјата за првпат бележи напредок од 2010 година. „Светлите точки годинава се Македонија, Узбекистан и Естонија. Промената на владата во Македонија во јуни отвори шанса да се смени долгогодишната заробеност на државата и да се решат споровите со соседите“, се наведува во извешајот.
Сепак, земјата и натаму останува со лоши оценки во речиси сите сегменти, а најпроблематични се слободата на медиумите, националното демократско владеење, правната рамка и независноста (на судството, н.з.), како и корупцијата.
Во регионот, Србија бележи назадување веќе четврта година по ред, и опасно се приближува до статусот на „консолидиран автократски режим“. Рекордери, сепак, се Полска и Унгарија кои бележат најголемо назадување во квалитетот на демократијата.
Како гласеше извештајот на организација пред пет години:?
Тогаш организацијата „Фридом хаус“ забележува „пад во правната рамка и независноста на судството, по алармантните нарушувања во истрагата на познато убиство и бесрамниот политички притисок на судовите од страна на министер за здравство“. Тоа на Фридом хаус му предизвикало „сериозни сомнежи за изгледите на сеопфатните судски реформи и антикорупциски напори“. Затоа Македонија бележи пад во индексот за слободата на судството. Тој оваа година изнесува 4,25. Минатата година бил 4.
Во оснос на независноста на медиумите земјата е оценета со ист индекс како лани – 4,75. Фридом хаус ги рангира земјите на скала од еден до седум, односно од консолидирана демократија до консолидиран авторитарен режим. Со 4 се оценува транзиционо владеење/хибриден режим, а со 5 полуконсолидиран авторитарен режим.
Пад се бележи и во однос на демократијата – од 3,89 на 3,93 таа година (2013). Иста оценка како и лани, односно 3,25 Македонија доби за цивилното општество. Во однос на корупцијата, земјата и минатата и оваа година е оценета со иста оценка – 4.
Како бевме оценети лани ?
Според параметрите на американската невладина организација Фридом Хаус, Македонија е транзициски-хибриден режим кој опасно се приближува кон полуконсолидиран автократски режим. Во тогаш објавениот извештај „Нации во транзиција“, кој опфаќа 29 поранешни комунистички држави од Европа и Азија, во Македонија е нотирано ново назадување во 2016 година. Степенот на демократизација на земјите се мери на скала од 1 до 7, а се оценуваат: демократското владеење на национално ниво, демократското владеење на локално ниво, независноста на медиумите, граѓанското општество, правната рамка и независноста на судството и корупцијата. Оценката 1 на скалата значи највисок степен на демократија. Македонија годинава има просечна оценка од 4.43, а зад неа во регионот се само БиХ и Косово. Минатата година, просечната оценка за македонската демократија во 2015 била 4.29. Севкупно, во периодот од 2005 до 2016 година, Македонија е земја со најголемо назадување од земјите во регионот на Балканот.
Доколку во наредниот период земјата ја „достигне“ оценката 5, веќе ќе влезе во групата авторитарни режими заедно со Киргистан, Белорусија, Русија, Азербејџан и други поранешни советски републики.
По одделни ставки, Македонија веќе се смета за авторитарен режим во однос на демократското владеење на национално ниво (оценка 5) и слободата на медиумите (5.25), а многу блиску до таков статус е и во однос на независноста на судството и корупцијата – за кои заедничката оценка е 4.75. Највисока оценка во Македонија има граѓанското општество (3.25), додека изборниот процес и владеењето на локално ниво се оценети со 4.
Како примери од земјата, во извештајот на „Нации во транзиција“ се наведуваат изречените закани од поранешниот премиер Никола Груевски и загрозувањето на мултиетничкиот карактер на државата кое ѝ се припишува на истата адреса.
„Во Македонија, поранешниот премиер Никола Груевски сугерираше дека треба да се изврши атентат врз опозицискиот лидер Зоран Заев“, пишува Фридом Хаус. „Во меѓувреме, заканите кон невладините организации достигнаа ново ниво со иницијативата наречена ‘Стоп операција Сорос’, основана од уредници во државната агенција МИА и два провладини информативни портали“.
Дополнително, се наведува во извештајот, „Груевски го става во опасност мултиетничкиот карактер на неговата држава со поттикнување националистички сентимент против Албанците“.
Годинешниот извештај „Нации во транзиција“ особено се осврнува на опасноста од популизмот во Европа и во земјите кои се предмет на анализа.
„Во својата основа, популизмот спротивставува мистично обединета ‘нација’ против корумпирани ‘елити’ и надворешни непријатели, а на харизматичниот лидер му ја доделува моќта да ја искажува волјата на нацијата. Оттука, тој е фундаментално илиберален, одбивајќи ја различноста на идентитети и мислења во општеството и отфрлајќи ги основните принципи на модерното уставно размислување: дека демократијата бара ограничувања на волјата на мнозинството и контрола на одлуките на егзекутивата“, гласи дел од дефиницијата за популизмот во извештајот „Нации во транзиција“ објавена лани.