Катерина Спасовска, инфектолог од Клиниката за инфективни болести во дебата на „360 Степени“ зборуваше за лекувањето на пациентите заразени со новиот коронавирус, Ковид-19. Низ светот доста се говори за лекување на короната со хлорин фосфат, лек против маларијата
„Има препораки коишто се од СЗО, за менаџмент на пациенти со Ковид-19, препораки и протоколи кои и ние ги следиме. Имајте во предвид дека се работи за нова инфекција. Клиничарите имаат и досега искуство со коронавирусни инфекции, па и во епидемиски размери, ако се сеќавате во 2003 година САРС инфекција, потоа 2012 МЕРС, кадешто одредени антивирусни препарати се користени и коишто покажале ефект општо врз коронавирусната инфекција. Оваа болест Ковид-19 е нова. Во експериментални фази се одредени антивирусни препарати коишто би можеле и покажуваат ефект спрема овој новел коронавирус… тој е Клорокинот и одредена група на антивирусни лекови коишто до сега беа користени кај пациентите со ХИВ инфекција – тука спаѓа познатата Калри а етра, уште еден препарат антивирусен којшто се користел кај пациенти со Ебола, тој е Ремдесвир. Тие треба да влезат во стандардниот протокол на СЗО за да би можеле да ги користиме. Она што е важно е дека овие лекови се применуваат кај пациентите само со тешка форма на болест“, рече Спасовска.
Таа сепак потенцираше дека повеќето од случаите ќе имаат лесна клиничка слика каде е доволна само симптоматска супортивна терапија за олеснување на симптомите.
Спасовска рече дека пациентката од Дебар која е во најлоша состојба на клиниката и е на респиратор, се третира и со Тамифлу.
Кинески експерти врз основа на резултати од клинички испитувања потврдија дека хлорохин фосфат, лек против маларија, има одреден лековит ефект врз новиот коронавирус Ковид-19, пренесе кинеската агенција Синхуа.
– Експертите „едногласно“ сугерираа лекот да биде вклучен во следната верзија на директивите за лекување и да се применува во пошироките клинички испитувања што е можно поскоро – истакна Суен Јенжунг, заменик-претседател на кинескиот Национален центар за биотехнолошки развој во рамките на министерството за наука и технологија.
Угледниот француски и светски експерт од Универзитетот во Марсеј, професорот Дидие Раул порача дека неговите истражувања покажале дека лекот хлорокин се покажал како ефикасен во лекувањето на коронавирусот.
Американскиот претседател Доналд Трамп набрзо потоа соопшти дека тој лек ќе биде користен во САД во сузбивањето на епидемијата. Хлорокин веќе успешно се користеше во сузбивањето на маларијата.
Професорот Раул даде до знаење дека клиничкото испитување на лекот „Плакенил“, чија главна состојка е хлорокин, покажало дека од 24 заболени кои шест дена го примале тој лек, 18 од нив биле целосно излекувани.
Иако во стручните кругови, како што пренесуваат француските медиуми, има мислења дека сепак е прерано да се носат заклучоци затоа што постапката за лекување со хлорокин не ги поминала сите научни протоколи, Трамп очигледно решил да направи се за да го спречи ширењето на епидемијата во САД.
Од американската државна здравствена установа “FDA” потврдија дека Трамп побарал да се користи тој лек, но дека нивните експерти најпрвин темелно ќе го испитаат лекот и потоа ќе дадат свое мислење.
Треба да се напомене и дека кинеските научници, како што е објавено во магазинот “Nature” кон крајот на февруари објавиле истражување кое покажува дека хлорокинот овозможил кај одреден број на пациенти да биде излекувано воспалението на белите дробови и пациентите да се излекуваат за многу пократок период.
Францускиот министер за здравство, Оливие Веран неодамна порача дека Франција одобрила „опсежни клинички тестирања“ на хлорокинот со цел да се дојде до нови информации во врска со делувањето на лекот, а потоа и да се одобри од француските власти.
Доктор Раул, еден од светски најпознатите инфектолози тврди дека хлорокинот веќе покажал „јасни резултати“, дека тоа е исто така и многу евтин лек, а испитување и дистрибуција на хлорокин веќе вршат научниците и институтите во Израел, Белгија, Австралија, Мароко и Иран.