БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Пендаровски беше добар во интерпретациите на евроатлантските интеграции и на остварувањата (Преспа и Договорот со Бугарија) кои го овозможија историскиот пробив, но и тука со нагласено избегнување да ја нагласи политичката и општествена конфронтација низ која беше изведено најголемото остварување во надворешната и во внатрешната политика на независна Македонија
Пендаровски одржа добар говор, ако како критериум ја земеме стварноста на која и се обрати, но лит, плиток, исплакнат од сите страсти, енергии, визии, храбрости и ризици, ако како критериум ја земеме потребата од радикално менување на таа стварност.
Како да свиреше на кавал пред друштвото на кралските кобри.
Всушност, обични селски змичиња, малку поднадуени од патни и дневни.
Но, не сум сигурен колку таквиот пристап беше лош пристап.
И дали воопшто беше лош.
Можеби неговата пристојност и разумност, дури, би рекол, респект кон страшната ситуација и кон главните актери на таа ситуација, ќе делуваат позитивно со својата анестезирачка функција, ако веќе за судир со таа стварност, за вистински, реален судир со проблемите, немаат сили ниту тој, ниту политичката елита, ниту општеството.
Важна инспирација за либретотото на собраниската арија најдов во исповедта преку која Пендаровски ни откри дека во изминативе седум месеци од мандатот се трудел да биде неутрален во однос на различните центри на политичка и економска моќ.
Неутралноста може да е аспект на неговата функција, но само во техничкиот, протоколарниот или номиналниот дел, но, не и во вредносните ориентации,особено не кога си имаме работа со драматично различни ориентации. Јас дури мислам дека и не беше неутрален. Ова е или некаква несреќна формулација или обид во националното помирување, за кое се залага, да се оди со бришење или максимално релативизирање на вредносните критериуми.
Немам трета идеја.
Неутралноста во политичките работи или не постои или постои како карикатура и како фарса, а ако некој уште и се труди да биде неутрален, тогаш тоа значи дека прифатил да се самоисфрли од функцијата и од своите прерогативи.
Башка што за противникот никогаш нема да биде доволно неутрален.
Како што се покажа во експресната реакција на вмро-дпмне.
Нотирањето на проблемите беше в ред, но нотирањето остана само нотирање, обид за благо возење по разбрануваното море на македонската заглавеност, како со сандолинка на охридска бонаца.
Младите, иселувањето, консензус, апели, парада, морализаторство, во преголеми количества.
Добар беше во интерпретациите на евроатлантските интеграции и на остварувањата (Преспа и Договорот со Бугарија) кои го овозможија историскиот пробив, но и тука со нагласено избегнување да ја нагласи политичката и општествена конфронтација низ која беше изведено најголемото остварување во надворешната и во внатрешната политика на независна Македонија.
Никогаш нема да се помириме ако не утврдиме зошто сме се раскурцале, кој не раскарал и зошто, со какви цели и интереси и врз основа на кои неутрални (тука е важна неутралноста) критериуми ќе се помириме. Јас мислам дека тоа треба да биде неприкосновената правда. Ако не е правдата, ќе се помириме во револуција. А ако не се помириме ниту во револуција, ќе се помириме во смртта. Оти, точно е тоа што го имаше и во говорот на претседателот, вака понатаму не можеме. Но проектот нема да може да биде комплетиран ако не се соочиме со вистината за тоа дека ние имаме сериозни политички фактори кои небиднината ја имаат како цел. Тоа е нашата специфика. Конфликтот тука е производ и функција на таа цел, а не обратно.
Бидејки се работи за конститутивни елементи, мора да се каже дека не апелите и моралните трактати, туку само политичките мандати можат да ја деблокираат Македонија. Идат избори и тоа мора јасно да се каже.
Ставот за судиите и политичарите, за милионите очигледно украдени пари, му беше добар. И симпатично формулиран. Но, како ќе ги елиминираме корумпираните политичари и судии. Кога истиот ден опозицијата поднесе илјадници амандмани за да го спречи конституирањето на правосудниот систем. Како што го спречуваше и во сиот изминат период, искомбимирано со успешни напади за растурање на оние делови врз кои мислеа дека немаат контрола или директно ги загрозуваат (СЈО). Ако претседателот е неутрален кон центрите на политичката и економска моќ, а некои центри имаат интерес правда да нема и помирување да нема.
Јас мислам дека активната и посакувана од преостанатата нормалност во Македонија, улога на Пендаровски во спасувањето на Македонија, мора да се изрази низ помала или поголема конфликтност, всушност низ категоричен судир со македонските настраности и тешки деформации.
Само борбата може да не спаси.
Нека го праша Заев, сигурно ќе сака да му ги каже сопствените искуства на доаѓањето до едно општество за сите без конфликти.
Што би рекол оној Сантори од движењето „Сардини”, аждерот мораме да го победиме со нашите идеи и со нашиот мозок.
Јас би додал- со борбата и со спремноста за борба.