БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Опозицијата, особено партиската, во целиот тој фронт на борбата против една власт, мора да нуди решенија- анализирани, дебатирани, стручни и најдобри можни, за целото општество. Празните и шупливи зборови, несериозни, недозреани обвинувања за наши и ваши доктори, тоа е нивната понуда
Короната го запусти светот, ги зголеми стравувањата, ги разниша сите надежи и не затвори сите нас, она малку слобода што е изборена низ вековите. Но, каков апсурд, се чини дека ништо од тоа не е важно за македонската опозиција.
Секојдневните жалопојки и рецитации за давање на оставки на Филипче, Заев, Караџовски и кој уште не, ВМРО-ДПМНЕ ги меле секојдневно, опсесивно- компулсивно, хистерично и во серијал на панични напади, доволно параноични да станат загрижувачки.
Тоа се сервира по неколку пати дневно на менито на јавноста, без престан, без земање воздух, за да испари барем отровот кој се таложи, згуснува и ја напаѓа и најситната опозициска пора.
Доволно често и премногу долго траат тие беседи и млатења, сосема доволно што станува неподносливо, за да се затворат ушите и да се побегне во намрачниот дел од собата, за да исчезнат криците и врисоците. Едноставно, советите на службите задолжени за комуникација со јавноста, за ефектите и впивањето на тие пораки, можат слободно да се искинат во најмали парчиња, да се фрлат во најдлабоките околни јами, никој да не види и дознае, со каков дебакл се опслужува оваа партија.
Се разбира, нема дилема секако, никогаш не е лошо да се протестира силно, да се маршира со татнеж, да се митингува до последниот здив, да се оспорува додека снема воздух, една влада, напротив.
Смисолот на една демократија започнува со сето ова и го одбележува токму така крајот на една власт. Конечно, така низ сторијата фунционира најдобриот досега систем, за жал, секогаш за жал на власта.
Но, опозицијата, особено партиската, во целиот тој фронт на борбата против една власт, мора да нуди решенија- анализирани, дебатирани, стручни и најдобри можни, за целото општество. Празните и шупливи зборови, несериозни, недозреани обвинувања за наши и ваши доктори, тоа е нивната понуда, така тие замислуваат дека изгледаат системски и добро обмислени решенија, втемелени врз сериозни научни истражувања, како придонес во оваа борба. Таа борба би требало да биде заедничка, во која светот е впрегнат и мобилизиран, додека Мицкоски и неговите се однесуваат дека се сам, напуштен изолиран остров, каде исчезнува одговорноста, не постојат никакви обврски за нудење на сериозно издржани, научно втемелени здравствени, економски, образовни политики и решенија.
Вака, само ги расејуваат честичките, наместо да го параат воздухот и да го окупираат. Тие се раситнуваат и дисперзираат, се повеќе исчезнуваат, потонуваат и на крај исчезнуваат. Така избледува и се топи нивната моќ и влијание, така се разјадува и нивното партиско ткиво, за да дојде до точката на непостоење. Расколот и внатрешниот бес во оваа партија се продлабочува, но се уште е преслаб, се уште млак, ситен и безначаен. Она што Груевски го започна, Мицкоски го продолжи, но човекот кој ќе стави точка на сето ова, никаде го нема.