Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КАДЕ ИСЧЕЗНУВА ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО?

September 8, 2019 Filed Under: Македонија

Нивото на Преспанското езеро е за 2,5 метри под нормалата, покажуваат мерењата од август

МИКИ ТРАХЈОВСКИ

КАКО ДА СЕ СТИГНЕ ДО ВОДАТА Слика од крајбрежјето во Наколец

Локалните жители и туристите алармираат дека Преспанското езеро полека исчезнува од мапата на природни езера. Езерото е повлечено, а местата кои до лани беа под вода, сега се сува површина или се претворени во мочуришта.

Tрајче Талески, биолог во Хидробиолошкиот завод во Охрид, за Гласот на Америка причините ги гледа на неколку места:

„Високите температури последниве месеци, злоупотребата на водата од реките во горните текови како и лошото менаџирање со подземните води придонесоа за алармантната ситуација. Водата е повлечена и од плажите во Стење, Отешево, Асамати, Претор, Сливница, Крани и Брајчино“, вели тој.

Ајман Ал Мала, раководител на секторот за животна средина во општина Ресен вели дека нивото на водата во езерото е драстично намалено во последните 15 години, а најголем пад на нивото на водостојот го има во моментот. Нивните мерења, вели тој, покажале дека длабочината на езерото на границата со Грција, кај Маркова нога, била 15 метри, што во нормални услови би се движела помеѓу 18 и 20 метри.

Од таму велат дека причината во најголем дел лежи во климатските промени.

Во Преспа од 2015 година, функционира и мониторинг станицата во селото Стење, со задача да го следи квалитетот на водите во сливот на езерото како и во самото езеро.

Ајман вели дека е потребно итно одржување на меѓународна конференција за меѓугранично одржливо и интегрирано управување со водите на Преспанското Езеро.

КАЛ, МОЧУРИШТА Лани тука имало плажа а сега само кал и мочуришта

„Работиме на тоа конференцијата да се одржи во наредната година. Потребни се и сеопфатни анализи на сите податоци со кои располагаме и на ниво на речен слив за да се предлагат мерки за адаптација кон климатските промени“, вели Ајман за Гласот на Америка.

Жителите на Преспа се загрижени за состојбата во која се наоѓа Преспанското езеро.

„Во селото Наколец водата е повлечена еден километар. Некогаш и црквата Свети Никола во селото беше под вода, а денес, денес ништо повеќе не е исто“, вели Камбер Камбери, од месната заедница во селото Наколец.

Драстичниот пад на нивото на езерото, го чувствуваат и во туристичкиот сектор во регионот.

Жално е да се гледа како езерото умира. Ако земеме во предвид дека најголемата длабочина е помеѓу 55-60 метри, а просечната длабочина ќе дојде отприлика 20 метри, тоа значи дека половината водена маса е изгубена“, вели Љубин Котески, сопственик на туристичка агенција во Ресен.

Котески додава дека странците се` помалку доаѓаат, а оние во транзит прашуваат дали има некој што се грижи за оваа еколошка катастрофа.

ИСЧЕЗНУВА Туристичките работници велат дека изгубена е половина водена маса од Езерото за една деценија

Гласот на Америка побара реакција од Министерствата за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. И двете министерства се прогласуваат за ненадлежни!

Инаку УНЕСКО во 2014 година, го прогласи регионот „Охрид – Преспа“ за 14-ти Биосферен резерват во светот, кој ги опфаќа сливните подрачја на Охридското и Преспанското Езеро, со површина од 446.244 хектари.

 

Filed Under: Македонија

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet