Многу пратеници од опозицијата би ги поддржале уставните измени, но имаат силен притисок од сопартијците
Ретерирањето во изјавите на ВМРО-ДПМНЕ постојано се случува од моментот кога јавноста ќе дознае дека она што партијата го ветува е лага, оцени пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски во гостувањето во ТВ24. Тој повтори дека Христијан Мицкоски во декември најавувал ново мнозинство, како и распуштање на Собранието во февруари, но тоа не се случило.
– Сега повторно има ретерирање, некакви изјави за купување време. Секогаш кога Мицкоски најавуваше дека ќе има ново мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, секогаш имаме зголемување на актуелното парламентарно мнозинство. Веќе никој не ги сфаќа сериозно овие изјави, кажа Каевски.
Тој додаде дека неговите колеги пратеници ќе дадат поддршка на новата Влада, односно зголемувањето на новото парламентарно мнозинство.
-Ќе се зголемува мнозинството и во иднина. Многу пратеници од опозицијата имаат притисок од членството и сопартијците, инаку, би ги поддржале уставните измени. Час поскоро ќе се разбуди совеста во опозицијата, бидејќи друга алтернатива немаме, додаде Каевски.
Тој е дипломиран економист. Учествувал на неколку форуми и тренинзи во организација на светски познати институти како што се, ИРИ – Меѓународниот републикански институт, Моментум од Велика Британија, Фридрих Еберт од Германија, кадешто професионално се надградува и разменува знаења и искуства поврзани со младинските политики.
Својата кариера ја започнува во 2012 година со работа во геодетско друштво.
Во 2013 година тој е избран за член на Советот на општина Кисела Вода и воедно назначен за претседател на Комисијата за локален економски развој со што директно учествува во носењето на важни одлуки за граѓаните поврзани со капитални инвестиции во општина Кисела Вода.
Во 2014 година станува потпретседател на СДММ, и ја застапува оорганизацијата како полноправен член во рамки на Националниот Младински Совет на Македонија.
Тој претходно е и советник во општина Кисела Вода.
Во 2017 година станува директор на Агенцијата за млади и спорт, а веќе во 2020 и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.