Требаа да минат 13 дена од официјалното соопштение на Водовод дека водата е безбедна до нисење на вода за пиење со цистерни низ градските улици!

Во услови кога во повеќе градови низ Македонија надлежните институции утврдија неисправност на водата за пиење, сметавме дека граѓаните на Свети Николе имаат право да знаат каков е квалитетот на водата што секојдневно ја користат.
Затоа, на 27 јули, советничката група на СДСМ во Советот на Општина Свети Николе официјално поднесе Барање за дополнување на дневниот ред на наредната седница со точката:
„Информација за квалитетот на водата за пиење на територијата на Општина Свети Николе.“
На нашето барање, добивме експресен одговор од градоначалникот на 28 јули:
„Водата во Свети Николе е безбедна за пиење.“
Беше најавено и дека, по барање на советничката група на СДСМ, на наредната седница на Советот ќе бидат презентирани сите релевантни документи и добиените резултати од лабораториските анализи кои укажуваат на квалитетот на водата што секојдневно ја користат граѓаните и во градот и во околните села.
Но, само 13 дена по уверувањето дека водата е безбедна, јавноста доби сосема поинакво официјално соопштение од ЈКП „Комуналец“.
На 10 август, граѓаните беа официјално известени за микробиолошки отстапувања, со препорака водата да не се користи за пиење. За таа цел, обезбедена е вода за пиење од цистерна, која ќе биде дистрибуирана на локациите наведени во соопштението за 10 и 11 август.
И токму затоа, бараме јасни одговори:
Дали дефектот на главната цевководна мрежа е причината за појавата на неисправноста на водата и, доколку е така, како е можно дефект на водоводната мрежа да доведе до состојба во која водата не е безбедна за пиење? Имајќи предвид дека дефекти на водоводната мрежа се случувале и порано, а никогаш не се случило бактериолошко заболување.
За која бактерија станува збор?
Зошто во процесот на обезбедување безбедна вода за пиење не е активиран озонаторот на филтерната станица, за кој во официјалните документи на ЈКП „Комуналец“ е наведено дека служи за озонирање и подобрување на квалитетот на водата?
Кога последен пат е извршено темелно чистење и дезинфекција на водоводната мрежа и на базените за водоснабдување? Најверојатно во овој одговор лежи и одговорот за бактериолошкото загадување, а не дефектот на цевката.
Поточно, загадувањето не е од дефектот, туку од нередовно чистење на таложниците и на самата мрежа.
Со оглед дека е најавено обезбедување вода за пиење од цистерна за потребите на граѓаните на 10 и 11 август, како може за два дена да се тврди дека ќе има пивка вода во мрежата, кога е задолжително да има три последователни негативни мостри кои се во ред?
Не шириме паника. Не тврдиме нешто што треба да го утврдат надлежните институции, но не прифаќаме ниту граѓаните да бидат оставени без јасни одговори.
Дополнително, во момент кога граѓаните имаат оправдан интерес да поставуваат прашања и да добијат појаснувања, на објавата од градоначалникот со која се информира јавноста за состојбата со водата е оневозможено коментирањето. Во време кога се потребни повеќе информации и отворена комуникација со граѓаните, ваквиот потег остава впечаток на ограничување на јавната дискусија токму во момент кога граѓаните имаат најмногу прашања.
Бидејќи сите жители на Општина Свети Николе, без разлика дали живеат во градот или во селата, имаат право да знаат каква вода пијат, нашата цел беше и останува јасна – преку навремено, транспарентно и одговорно информирање да нема дилеми, туку да има поголема сигурност, доверба и спокој кај граѓаните




