КИМ МЕХМЕТИ
Зошто оваа држава трага по решенија како да ги раскорени корупцијата и криминалот: доволно е управувањето на државата да и се препушти на единствената „незаразена” партија од криминал и корупција – ДУИ!
Mногумина и јавно го обелоденуваат чудниот феномен: во Македонија насекаде се открива криминал и корупција – во редовите на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, во СЈО и во други државни институции – но не и кај ДУИ, која две децение по ред е дел од владините коалиции и управува со сите општини сo албанско мнозинство.
Значи, му доаѓа дека во Македонија сите, колку толку, се криминализирани и корумпирани, но не и партиските структури на ДУИ?! И ако е така, тогаш зошто оваа држава трага по решенија како да ги раскорени корупцијата и криминалот: доволно е управувањето на државата да и се препушти на единствената „незаразена” партија од криминал и корупција – ДУИ!
Но не ќе да е дека во Македонија многу што гние и смрди, освен здравото партиско ткиво на ДУИ. Во прашање ќе да е нешто сосема друго. А тоа е дека Македонија се гради според формулата дека криминализираниот и корумпираниот Македонец е штетен за ржавата, а лоповот Албанецот е употреблив и државотворен Албанец!
Што значи, во Македонија има двовластие, и таа гради политички и правен систем употребувајќи двојни стандарди. Значи таа е држава во која, на некој начин, се „обесправени” политичарите Македонци, за кои колку толку важи закон и правда, во однос на привилегираните функционери на ДУИ, за кои туку речи важи спротивното: што понизок е нивниот морал, толку повисоко се искачуваат во пирамидата на власта и на државните институции.
И не оти Албанците на знаат дека нивните партии не служат туку речи за ништо друго, освен за одржување на власт на некоја од македонските партии, туку тоа што тие не го знаат и тешко го разбираат е следното: кој нив ќе ги штити од „мусовците” на ДУИ и од општинските управувачи кои се опкружени со „високо квалификувани” криминалци и лопови, а со чија помош челниците на ДУИ елиминираа се што е вредно, чесно и умно кај овдешните Албанци.
Албанците во Македоноја многу нешта не знаат, кога се во прашање „тајните” на управувањето со државата, но не и тоа зошто, на пример, Заев толку се залагаше ДУИ да ги добие локалните избори и да продолжи да владее со Албанците, на централно и на локално ниво: затоа што знаеше дека оваа партија го држи под контрола албанскиот криминал, и затоа што знаеше дека само преку ДУИ и тој може да стане „акционер” на овој контролиран криминал.
Да, во Македонија насекаде се разоткрива кримнал и кражба, но ДУИ остана „мајка” на чесноста. Отука, држава која има партија што успеала две децении по ред владее со криминалци, а при тоа таа самата да ја сочува својата чесност, не треба да се грижи за својата иднина, оти неа ја нема. Ако не заради друго, тогаш затоа што е неможно чесен и арамија да другаруваат и, одошто е неможно чесен да прифати да биде вазал на арамија!