ДЕНКО МАЛЕСКИ
Замрсените балкански клопчиња на лични и јавни интереси дамна и пресудија на Кантовата мисла дека морално е се што може да го изджи тестот на јавноста
„Никогаш не му беше понудено да стане член на судот во Стразбур или член на Уставниот суд на Република Македонија. Со децении таму се редеа разни недостојници, ја девалвираа институцијата ја брукаа(т) правната професија, но за Човечиште како него, ни таму немаше место“, пишува Петар Гошев за неодамна починатот пријател, прoфесор Ѓорѓи Марјановиќ. Какво сме тоа општество кое така се однесува кон луѓе кои во други земји би ги нарекле „национално богатство“? Одговорот се состои во само еден збор – корумпирано.
Не, не е корупција само да потплатиш некого. Има нешто пострашно – корумпираниот ум кој корумпира се околу себе. Тоа е она поведение кое е морално погрешно, со правење нечесни и нелегални работи заради моќ, лична промоција или пари. Го има на сите нивоа на нашето општество, од најниското до највисокото. Го има буквално секаде. Па како да се справиме со ова зло? Постои ли критериум за тоа што е морално? Да, вели Кант. Тоа е она што може да го издржи тестот на јавноста. Она што се крие од јавноста не би можело да го помине моралниот тест на Кант.
Па што кријат од јавноста македонските корумпирани умови на сите можни нивоа, од најобичен конкурс за вработување, преку универзитетите до високата политика? Се крие една корумпирана пракса која се задскрива зад параваните наречени критериуми, правила, закони и Устав. Не ни беа доволни ни „бомбите“ за да се згрозиме од она што се се крие зад тие паравани и да превземеме нешто посериозно. Замрсените балкански клопчиња на лични и јавни интереси дамна и пресудија на Кантовата мисла дека морално е се што може да го изджи тестот на јавноста. Имено и јавност, која ги дочекува „бомбите“ рамнодушно, е корумпирана. Чест на поединци ама правилото е, со чинење или нечинење, сите се соучесници во корупција на умот. Велат едно скапано јаболко расипува цела вреќа. Лесно им е на општества каде треба да се отсрани едно јаболко од вреќата. Но, што правиме со општество каде вреќата е полна со скапани јаболка?
Дилемата е страшна и не е нова. На почетокот од независноста, да се исчистат скапаните јаболка ќе значеше да немаме судови, обвинителства, универзитети, МАНУ, да немаме држава. Луѓето кои ја изградија пругата за, во нашата свест, да стаса возот на демократијата во Македонија, беа изгазени на перонот од толпи корумпирани кои ги завзедоа сите места. Така, „демократските“ институции, како и оние претходните, беа ставени во служба на нивна лична промоција, за пари и за моќ. За сите изгазени на перонот остана само сатисфакцијата, дека благодарејќи на нивниот напор и жртва, возот кон цивилизацијата стасал и дека државата и нацијата се на правиот пат кон Европа. Кон пристојното општество на Марјановиќ.